„Доживувањата на Чичиков или Мртви души (поема)“ (руски: Похождения Чичикова или Мертвые души (поэма) — роман на рускиот писател Николај Гогољ, првпат објавен во 1842 година.
Создавањето на романот Гогољ започнал да го пишува романот во средината на 1835 година, а сижето му го позајмил Пушкин, наговарајќи го да започне да пишува поголемо дело. Во „Исповедта на писателот“, Гогољ го објаснува настанувањето на делото „Мртви души“: Во една прилика, кога Гогољ му прочитал на Пушкин една сцена, тој се воодушевил и му рекол „...како е можно со таква способност човек да не се зафати со некое големо дело!“ Потоа, Пушкин почнал да му укажува на Гогољ на неговата кревка градба, на болестите и на можноста да умре млад; потоа, му го кажал примерот со Сервантес кој, иако напишал неколку извонредни раскази, да не се зафател со „Дон Кихот“, никогаш не би го зазел своето место меѓу писателите; најпосле, му го отстапил своето сиже од кое сакал да напише еден вид поема, а тоа било сижето за „Мртви души“.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XV-XVI.
Откако ги напишал првите три глави, Гогољ ја прекинал работата на романот, посветувајќи се на пишувањето на комедијата „Ревизор“. По напуштањето на Русија, тој ја продолжил работата на романот во швајцарското место Веве, а потоа и во Париз, каде работел со голем полет. Така, во едно писмо до Жуковски, тој вели: „Сè што почнав, повоторно го преработив, размислив повеќе за целиот план и сега го водам мирно како летопис. Ако го сработам ова дело онака како што треба да се направи, тогаш... какво огромно, какво оригинално сиже! Цела Русија ќе се појави во него! Тоа ќе биде првата моја добра работа, работа која ќе го прослави моето име!“Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLIV. Гогољ ги преработил трите глави во Париз, а малку подоцна во Рим ја продолжил работата на романот. Првиот дел на „Мртви души“ Гогољ го пишувал шест години и го завршил есента 1841 година. П. В. Аненков, кој му помагал на Гогољ во препишувањето на романот, опишува една случка која го покажува задоволството на Гогољ од она што го напишал: Еднаш, за време на препишувањето на шестата глава, Аненков го изразил своето воодушевување, нарекувајќи ја главата генијална, а малку подоцна, за време на прошетката, Гогољ запеал некоја весела украинска песна и на улицата почнал да игра со чадорот од кој по неколку минути останала само дршката.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLV.Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 431-432.
Во декември 1841 година, Гогољ го доставил до цензурата во Москва. Меѓутоа, цензорите постојано му давале забелешки на некои неважни ситни детаљи. На пример, еден цензор се спротивставил на печатењето на книгата, со образложение дека душата е бесмртна, дека не постојат мртви души и дека насловот е во спротивност на една од основните христијански догми. Кога му било објаснето дека се мисли на кметовите, цензорот одговорил дека дури сега не дава дозвола за печатење, зашто книгата е насочена против кметовите.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XLVI. Наскоро нему му станало јасно дека нема да добие дозвола за печатење на романот и затоа го замолил познатиот критичар В. Г. Белински да го предаде ракописот до цензурата во Петроград. Таму, цензорот Никитенко се покажал поблаг и дал дозвола за објавување, со барање до авторот да направи поправки на 36 „сомнителни места“, да ја измени приказната за капетанот Копејкин и да го промени насловот на книгата. Така, романот излегол од печат на 21 мај 1842 година, со наслов „Доживувањата на Чичиков или Мртви души“ (како што барала цензурата) и под тој наслов продолжил да се објавува до Октомвриската револуција.
На средината од корицата на првото издание на „Мртви души“ со големи букви се издвојува зборот „Поема“, потоа со ситни букви е напишано „Доживувањата на Чичиков“, а подолу со црни букви стои насловот „Мртви души“, заедно со годината на издавањето. Притоа, на корицата се претставени вињети на черепи, шишиња, чаши, печена гуска и трагични маски; странично се прикажани контурите на кафеани, бунари, риби, шишиња, опинци, а најгоре е прикажана познатата руска тројка.Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 434.
Во 1846 година се појавило второто издание на првиот дел на „Мртви души“. Во предговорот на ова издание, Гогољ објаснува дека неговата намера била да ги покаже недостатоците и пороците на рускиот човек, додека подобрите луѓе и карактери ќе најдат место во другите делови на романот. Притоа, тој признава дека многу нешта во книгата не се верно опишани и дека во неа има многу пропусти и грешки, молејќи ги читателите да ги поправат. Понатаму, Гогољ пишува дека во книгата не се работи за стилот и за убавината на изразот, туку за нештата и за вистината на нештата и дека не може да ги објави последните делови од романот додека колку-толку не го запознае рускиот живот.Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 403-406.
Според планот на Гогољ, „Мртви души“ требало да бидат составени од три дела. Во едно писмо до Жуковски од 1842 година, тој пишува: „Ви ги испраќам Мртви души. Тоа е првиот дел. Овој дел многу го преработив... но, не можам а да не видам колку малку е важен во споредба со другите делови што треба да дојдат по него.“ Притоа, Гогољ го нарекува првиот дел шупа, а другите делови ги споредува со дворец со колосални размери.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LII. Гогољ почнал да го пишува вториот дел на „Мртви души“ пред да биде објавен првиот дел. Меѓутоа, во 1842 година тој западнал во душевна криза и во мистицизам, што се забележува и во неговите редакции на вториот дел на романот. Во такви околности, борејќи се со здравиот разум и со опскурното мисионерство, во 1845 година, тој го запалил ракописот, а во 1848 година, по неговата посета на Палестина и враќањето во Русија, продолжил да работи на вториот дел на „Мртви души“, но повторно го запалил ракописот. Сепак, продолжил да ја пишува книгата и да ги преработува главите. Познато е дека успеал да ја заврши и да ја препише книгата, но девет дена пред смртта, на 12 февруари 1852 година го запалил и тој ракопис. Случајно, од книгата останале пет глави коишто ги објавил неговиот роднина Николај Трушковски во Москва, во 1855 година, врз основа на ракописната копија на оригиналот што ја направил С. П. Шевирјов. Не е познато, зошто Гогољ го уништил ракописот на вториот дел на книгата, но се знае дека на неа работел повеќе од десет години при што тој им читал делови од книгата на своите пријатели. Денес, од вториот дел на „Мртви души“ се зачувани првите четири глави коишто се поврзани и сочинуваат целина. Единствено, четвртата глава е недовршена и таа претставува дел од некоја од завршните глави на книгата. Врз основа на фактот дека имињата во неа не се конечно утврдени, за неа се претпоставува дека е напишана пред останатите три глави, а за сите четири глави се претпоставува дека припаѓаат на една од првите редакции на вториот дел на „Мртви души“, можеби на онаа што Гогољ ја запалил во 1845 година.Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 437-439.
Во вториот дел на „Мртви души“ јасно се гледа големата идејна и душевна криза на Гогољ, како и промената во неговата идеологија. Навистина, и во вториот дел се присутни силните реалистични слики од животот, а ликовите на Тентетников и Хлобуев воопшто не заостануваат зад јунаците од првиот дел. Особено е интересен ликот на Тентетников, кој во руската книжевност претставува прототип на Обломов. Во таа смисла, Чернишевски вели дека “во поголемиот дел од исечоците, наспроти нивната неодреденост, избива големиот Гогољев талент со својата поранешна сила, свежина, благородност на насоката вродена на неговата висока природа.“ Но, во овој дел јасно се гледа тенденцијата за разубавување на стварноста и Гогољ се обидува да создаде идеални руски луѓе од типот на спахијата Констанжоглу, милионерот Муразов и Улињка, ќерката на генералот. Меѓутоа, овие идеални ликови се нереални и невистинити.Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. LV-LVI.
Покрај четирите глави од вториот дел на „Мртви души“, зачувани се три варијанти на „Приказната за капетанот Копејкин“, коишто суштински се разликуваат меѓу себе. Притоа, првата варијанта (којашто Гогољ воопшто не ја доставил до цензурата) е најпошта, втората варијанта е онаа што била забранета од цензурата, а третата е варијантата одобрена од цензурата. Подготвувајќи го првиот дел на „Мртви души“ за печат, Гогољ претпоставил дека цензурата нема да ја одобри „Приказната за капетанот Копејкин“ и затоа ги ублажил најострите места од првата редакција и целосно го исфрлил крајот во кој било опишано како богатиот Копејкин заминал во Америка. Меѓутоа, дури и разблажената верзија не била прифатлива за цензорот Никитенко, кој побарал од Гогољ да ја исфрли приказната за Копејкин. Гогољ бил огорчен поради тоа барање, сметајќи дека приказната е едно од најдобрите места во книгата. Поради тоа, тој одлучил целосно да ја преработи приказната и така настанала третата варијанта.Марија Стојиљковић, „Објашњења“, во: Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970, стр. 439-440.
Содржина Романот се состои од два дела при што првиот дел содржи 11 глави, а вториот дел се состои од четири нумерирани глави (од кои четвртата е недовршена) и една ненумерирана глава.Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966.Николај В. Гогољ, Мртве душе (поема). Београд и Цетиње: Народна књига и Обод, 1970.
Прв дел Глава I-VII: Во провинцискиот град НН. пристигнува службеникот Павле Иванович Чичиков, кој најпрвин се сместува во гостилницата, а потоа ги посетува сите поважни службени лица во градот: градоначалникот, шефот на полицијата, јавниот обвинител, судијата, итн. Притоа, тој им ласка на сите и така ја добива нивната наклонетост. По една недела, Чичиков го посетува спахијата Манилов кому му предлага да склучат договор за купување на т.н. „мртви души“, т.е. неговите селани кои умреле од времето на последниот попис а кои официјално се водат како живи. Патувајќи кон поседот на следниот спахија, Чичиков по грешка стигнува во друго село и таму склучува ист таков договор со спахијката Настасија Петровна Коробочка. Потоа, во една меана, тој се среќава со спахијата Ноздрјов кому, исто така, му нуди таков договор. Меѓутоа, во домот на пијаниот Ноздрјов доаѓа до расправија меѓу нив при што Чичиков, не само што не успева да склучи договор, туку за малку избегнува да биде претепан. Но, потоа, тој оди во селото на спахијата Собакевич и, по мачно и долго пазарење, склучува успешна зделка. Таму, Чичиков дознава дека во соседното село живее скржавиот осамен спахија Плушкин и евтино купува многу мртви души, така што задоволен се враќа во градот. Утредента, тој ги заверува договорите во судот, лажејќи дека поседува имот во Херсон.Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. 5-223.