Леб и сол 220px|Лево кон десно: Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Влатко Стефановски.Лево кон десно: Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Влатко Стефановски Информации Потекло Скопје, Македонија Жанрови ЕтноРокЏез-рок Активни 1976 — 19952006— Стандардна постава Бодан АрсовскиКокан ДимушевскиВлатко СтефановскиГарабет Тавитјан Други членови

Леб и сол — македонска џез/рок-група, основана на 1 јануари 1976 г., од нејзините основачи Влатко Стефановски и Бодан Арсовски.

Историја 200px|десно|мини|Омотот на албумот во живо од Њујорк, Live in New York

1976 година Секоја од досега познатите приказни за овој вонсериски состав започнува со податокот дека групата е основана на 1.1.1976 година, во скопската населба Тафталиџе, на улицата Мексичка. Но, овде ќе се обидеме да се вратиме неколку месеци порано, во есента 1975 година кога всушност и започнуваат разговорите меѓу Владимир Стефановски-Влатко, Бодан Арсовски, Никола Димушевски-Кокан и Димитар Чочоровски-Чочор за формирање музички состав низ кој ќе се рефлектира најдоброто од светската фјужн-џез сцена: „Mahavishnu Orchestra“, „Return To Forever“, „Weather Report“, од прогресивната: „East Of Eden“, „Soft Machine“, „Gong“, од симфо-звукот: „ELP“, „Yes“, и состав кој како свои доблести ќе ги поседува: храброста на Безимени, одлучноста на Бис Без, посветеноста на Република 903, авангардноста на Скрб, интелигентноста на Брег, експлозивноста на Torr, пркосот на Triangl, популарноста на Пу и виртуозноста на Око, состав кој екот и одекот на македонската традиционална песна ќе го има како параметар во формирањето на сопствениот автентичен звук.

Почетните проби на оваа четворка немале некоја конкретна форма, туку повеќе се сведувале на премерување на силите, препознавање еден со друг на нејзините членови и расвирување на инструментите, па и самиот репертоар во овој период е доминантно составен од кавери. Викендот пред новата 1976 година е моментот кога тие ќе почувствуваат дека можат да се носат со предизвикот. На првата следна проба што ќе ја договорат, во бараката на Чочор во населбата Влае, ќе го официјализираат и почетокот на групата на која ќе ѝ го дадат името Леб и сол. Кратко, оригинално и автохтоно. Тој ден – 1.1.1976 – ќе го забележат во своите нотеси. Сè по тој датум е испишување на една од најимпресивните музички кариери на овие балкански простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја. Од едно сериозно временско растојание од 47 години, со факти може да се утврди големото, директно и индиректно влијание на групата, пред сè во развојот на месната сцена, но и обемот и значењето на корпусот творештво што ќе го остави зад себе во своето, нешто повеќе од 18 години постоење. Во многу нешта ќе биде пионер, многу од веќе воспоставените правила на сцената значително ќе ги подобри, и многу од нејзините резултати ќе бидат недостижни за сите поколенија групи по неа. Ретко кој ќе се доближи до нејзините достигнувања, што е факт кој сам по себе зборува за огромната дискрепанција во траекториите на Леб и сол и целата македонска музичка сцена, во периодот кога заедно се движеле навидум во ист правец.

Сите четворица и претходно имаат некое музичко искуство. Влатко и Бодан во основно училиште го имаат составот наречен Јегуље, во кој Влатко е на тапани. Бодан подоцна е и во Дијаманти. Со преминот во средно училиште, ја прават и првата посериозна заедничка група со име Ирис, со Тоше Митковски на тапани. Овој состав, покрај репертоарот базиран на песни од „Cream“ и од „Rolling Stones“, започнува да се изразува и авторски создавајќи нумери како Елегија за себе. Во репертоарот на Ирис ќе се најде и првта авторска песна на Бодан, Страв. Составот ќе трае кратко – до почетокот на следната, 1975 година, кога Влатко првпат посериозно ќе земе учество во една друга група, Брег – а ќе се покаже и како последен тест пред започнувањето на најзначајниот македонски музички бренд. Во тој период од неколку месеци, Бодан не е дел од никаква група и е на граница да стави крај на својата музичка кариера. Сепак, судбината ќе посака Брег да трае релативно кратко, па веќе во есента 1975 година, Влатко и Бодан ќе се соединат повторно, започнувајќи ги првите проби на сè уште неименуваниот нов состав. Чочор, исто така, ќе има средношколска група, која е безимена и е со единствена цел: свирење на игранки во училиштето „Орце Николов“. Со него како трио свиреле и Ангел Брадарски, подоцна во Listen, и Звонимир Игиќ-Нонте, подоцна во Око. Кокан, пак, до тие моменти е дел од прогресивниот фолк-состав Разбој.

Првата медиумска објава дека македонската сцена е побогата за уште една нова група, јавноста ќе ја види на 16.1.1976, кога новинарот Тодор Ќерамитчиевски ќе напише во неделникот „Екран“ дека на македонската музичка сцена се појавува нов надежен состав, Леб и Сол. Единствени места за свирка во тој почетен период ќе бидат игранките, сините вечери и хотелите, каде што групата – се разбира – изведува кавери, но со постојан вокал во групата, Живко Груевски, поранешниот пејач на Listen. Целиот репертоар на групата е преработки на актуелни светски хитови, а нејзиниот прв настап на сцената ќе биде игранка во ОУ „Георги Димитров“, во скопската населба Тафталиџе, на 5.3.1976 година. Уште еден таков сличен настап ќе има и на 2.4.1976 во гимназијата „ Ј.Б. Тито“. Недолго по овие концерти, Живко ќе ја напушти групата, а набргу потоа и Кокан. Местото на Кокан ќе го заземе неговиот пријател кому подоцна ќе му биде и зет, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, до тој момент член во авангардниот експериментален состав Скрб. Ќе следува периодот во кој Леб и сол сè повеќе се свртува кон авторски теми, оставајќи го настрана репертоарот составен од кавери. За краток период ќе престанат и настапите на игранки, па првиот официјален настап на групата во кој доминира авторски материјал, ќе биде во рамките на второто издание на фестивалот „ПопБум“ во Кочани, во април 1976 година. За многу краток период, Леб и сол ќе се наметне како едно од водечките имиња на сцената. Веќе на следното искачување на бина, воедно и првото поголемо пред скопската јавност, на 23.5.1976 на вториот „Поп Фестивал ‘76“ во Скопскиот саем, Леб и Сол е една од ѕвездите на фестивалот. Фестивалот е најавуван под чудната бројаница „12-24 - млади ‘76“.

Општо земено, во почетокот од втората половина на седумдесеттите, целата ситуација во општеството е далеку полиберализирана, а вратите на продукцијата на РТС се значително подотворени. Одговорните во културните институции веќе не гледаат со одбивност кон рок-сцената, како што било случај во претходните години. Догмите, табуата и наметнатите железни окови на сцената што неколку поколенија музичари и групи се бореле да ги скршат, тие години се веќе релативизирани. Леб и сол влегува на терен што веќе не е непријателски, или барем не до мера на игнорирање. Првите 3 снимки групата ќе ги направи во јуни 1976 година, во импровизираното студио на Радио Скопје, во основното училиште „Ј.Х. Песталоци“. Ќе бидат снимени нумерите Кокошка, Утринска тема и песната на Лабиш Фанки, за потребите на радиоемисијата „Повелете-Покажете“, која ја водел познатиот музичар од Бис-Без, Димитар Чемков. Тоа ќе биде единствениот материјал од Леб и сол што колку-толку ќе се заврти на радио, но сосема доволен групата да го исполни Домот на младите „25 Мај“, на својот прв самостоен концерт во септември 1976 година. Веднаш по овој настап, Лабиш ќе ги напушти и веќе следната година ќе го оформи својот најуспешен проект, Den Za Den. Зад клавијатурите повторно ќе се врати Никола Димушевски-Кокан. На крајот од 1976 година Леб и сол ќе го има и своето прво вистинско студиско снимање, во двоканалното студио на РТС, каде што за само 2 часа ќе сними три нови песни: Деветка, Етида No.3 и Песна за нас. Во Песна за нас, отпеана на македонски јазик, го промовира и новиот вокален солист, искусниот пејач на Бангладеш, Република 903, Мост, Разбој – Миодраг Јовановски-Џафер. Со овие песни групата ќе аплицира на конкурсот за учество на младинскиот фестивал во Суботица, „Omladina ’77“.

1977 година Извонредниот прием што ќе го доживеат нумерите уште по првото пуштање во етер во јануари 1977 година, ќе биде и одлична медиумска реклама за групата за претстојниот „Поп Фест ‘77“ во Скопје. На фестивалот ќе настапи на 22.2.1977 во салата на КК „Работнички“ и ќе биде негова најголема ѕвезда. Публиката ќе биде почестена со премиерната изведба на новата тема, Под вода. Инаку во тој период, групата веќе ќе има солидна популарност во Македонија, но за останатиот дел од југословенските простори ќе биде целосна непознаница.

Првиот концерт надвор од Македонија, Леб и сол ќе го отсвири на 16.4.1977 година во Нови Сад, на покана на новинарот Анѓелко Малетиќ, а како предгрупа на настапот на веќе легендарниот Драго Млинарец од „Grupa 220“. Единаесет дена по овој мал клупски концерт, ќе одржи уште еден, во студиото „М“ на Радио Нови Сад. Концертот е всушност снимање со публика, и токму на оваа сесија снимената Devetka ќе биде одбрана да биде вклучена во јубилејното винилно издание на фестивалот, објавено на две плочи во 1981 година. Нецел месец по овие снимања, на 18.5.1977, ќе се случи и долгоочекуваното појавување на сцената на многу респектираниот фестивал во Суботица. Леб и Сол поточно ќе има два настапи на две локации во два дена во Суботица. Тоа ќе бидат легендарните настапи на групата по кои сите југословенски медиуми ќе излезат со написи полни со суперлативи за новото освежување на југословенската музичка сцена, групата од Македонија – Leb I Sol. Концертите ќе бидат и последното појавување на Leb I Sol со друг фронтмен, во конкретниот случај, последниот пејач на групата – Џафер. Џафер ќе си замине од групата, а неколку години подоцна ќе го направи сопствениот Автограм. Со овие први појавувања на концерти надвор од Македонија и првите написи за групата, започнува и употребата на латиничната верзија на името – Leb I Sol - која ќе ја користат до крајот на своето постоење. Враќањето на групата дома ќе биде проследено со пофалби и низ неколкуте домашни медиуми, но најважно од сè за групата е желбата на публиката да ги посетува нивните концерти, а со тоа и организаторите сè почесто да ги покануваат на настани од секаков тип.