„Месечина од хартија“ (англиски: Paper Moon) — американски филм од 1973 година, во режија на Питер Богданович. Главните улоги ги толкуваат: Рајан О'Нил, Тејтум О'Нил, Медлин Кан, Џон Хилерман и П. Ј. Џонсон. Филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во четири категории, а победил само во една: Тејтум О'Нил, на возраст од 10 години, добила „Оскар“ за споредна женска улога, како најмлад добитник на оваа награда во историјата. Исто така, таа ја добила и наградата „Златен глобус“, а филмот бил добитник на вкупно осум филмски награди.IMBd Paper Moon (1973) Awards (пристапено на 28.11.2017)
Содржина За време на Големата депресија, малото девојче Еди Логинс (ја игра Тејтум О'Нил) останува без мајка си. На погребот присуствува и Мозес Преј, познаник на нејзината мајка, кој се согласува да го одведе девојчето кај нејзината тетка во Мисури. Мозес е продавач на библии кој се служи со измами, а набргу и Еди почнува да му помага во нечесната работа. Така, двајцата патуваат до едно до друго место, заработувајќи доволно пари. Еднаш, Мозес ја запознава девојката Трикси Дилајт (ја игра Кан) и ја зема со себе, иако Еди се спротивставува на таа врска. Оттука, Еди се служи со својата итрина и успева да се ослободи од Трикси, по што таа и Мозес го продолжуваат патот сами. Во Канзас, Мозес краде неколку сандаци со виски кои му ги продава на човекот од кого ги украл, но набргу е уапсен од полицијата. Сепак, благодарение на Еди, тие успеваат да избегаат од полициската станица и да преминат во државата Мисури. Таму, полицајците од Канзас го претепуваат Мозес и му ги земаат парите. Тој ја остава Еди кај нејзината тетка, но Еди повторно му се враќа и двајцата го продолжуваат своето заедничко патешествие.IMBd Paper Moon (1973) (пристапено на 28.11.2017)
Наводи
Категорија:Американски филмови Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Црно-бели филмови Категорија:Филмови од 1973 година Категорија:Филмови на Питер Богданович Категорија:Филмови со Рајан О'Нил Категорија:Филмови со Тејтум О'Нил Категорија:Филмови засновани на книги