Нурије Улвије Мевлан Џивелек (турски: Nuriye Ulviye Mevlan Civelek), (1893-1964) - турска активистка и борец за правата на жените, новинар и основач на првото феминистичко женско списание и на првото здружение за правата на муслиманските жени во Турција. Списанието било првото кое објавило фотографија на муслиманска жена.
Рани години Нурије Улвије Једич се родила во 1893 година како ќерка на Сафије Ханим и Махмут Једич најверојатно во Хаџивелиоба, Гонен, Отоманско Царство, иако во некои извори нејзиното родно место се наведува како Сирија а други наведуваат дека се родила во централна Турција во Гореме. Нејзиниот татко бил земјоделец со черкеско потекло откако бил принуден да го напушти Северен Кавказ по освојувањето на Руското царство. Од финансиски причини, бидејќи семејството живеело во сиромашни услови, тие ја испратиле нивната ќерка да живее во палатата Јилдиз на возраст од шест години. Таму таа стекнала воспитание, ги научила правилата на палатата и религија. Како што било вообичаено, стапила во брак на возраст од тринаесет години, во 1906 година. Нејзиниот сопруг, Хулузи Бег, бил полубрат на султанот и умрел веднаш после бракот.
Кариера Користејќи ги парите кои ги наследила, таа го основала списанието Женски свет () под името Нурије Улвије, на 4 април 1913 година. Следниот месец, на 28 мај 1913 година, таа го основала Отоманското здружение за одбрана на правата на жените (), со цел да се подобрат условите на жените во образованието и нивните можности за вработување како и за реформи за облекувањето. Иако здружението било првенствено организација на муслимански жени, во него имало и припаднички од друго етничко малцинство како и европски новинари.
Во почетокот, списанието било објавувано како дневен весник. Потоа таа започнала да го објавува неделно а потоа, најверојатно околу 7 септември 1913 година, започнала да ги потпишува нејзините написи со името Улвије Мевлан, откако го земала презимето на нејзиниот нов сопруг, Рифат Мевлан (исто така, понекогаш назначен како Мевланзаде Рифат Бег), кој бил новинар и политичар. Списанието било прво кое објавило фотографија на муслиманска жена. Ниеден од вработените, ниту од писателите не биле мажи. Мевлан ги исклучила мажите, бидејќи мажите ги исклучувале жените од учеството во општеството.
Во нејзините статии, Мевлан ги искажувала јасните цели за правото на жените на високо образование, еднакви плати и нивно вработување на државна служба. Таа тврдела дека со подобрување на животот и положбата на жените, ќе се подобри и животот на мажите. Таа исто така тврдела дека жените треба да можат да носат шамија наместо на превез, да имаат еднакви права во рамките на бракот и ја осудувала праксата на договорен брак. Како резултат на нејзините кампањи, жените добиле некои значајни успеси, како оној во 1913 година, кога седум жени биле ангажирани да работат во телефонска канцеларија и оној во 1914, кога во Истанбул бил отворен универзитетот за наука и книжевност Инас Дарулфунуну. Од 1913 до 1914 година, Женски свет, објавил и свое француско издание во насока на зголемување на дијалогот меѓу европските феминисти и членови на Здружението.
Мевлан управувала со Женски свет до 1921 година. Во тоа време се водела Турската војна за независност а сопругот на Мевлан, како поддржувач на курдската независност бил депортиран како една од 150 непожелни личности на Турција во 1923 година. Во 1927 година, Мевлан се развела и започнала да води ученички дом за студенти. Во 1931 година, се омажила за некој студент по медицина, Али Мухарем Џивелек, од Антиохија кој живеел со неа за време на неговите студии на Факултетот за медицина. По завршувањето на студиите, двојката си заминала од Истанбул и се преселиле во Кирикхан.
Џивелек умрела на 9 април 1964 година во Кирикхан, Хатајска провинција, Турција и била погребана на гробиштата во Азри во Антакија, Хатај, во Турција.
Наследство По нејзината смрт, јавна библиотека го носи нејзиното име, а истата била основана во 1967 година од страна на нејзиниот сопруг. Од 2004 година, библиотеката располагала со над 9,000 книги. Постои исто така и улица во Кирикхан која го носи нејзиното име а на гробиштата каде што била погребана, нејзиниот сопруг подигнал фонтана во нејзин спомен. Во 1967 година, на истите гробишта, Турскиот женски совет () подигнал спомен плоча во нејзина чест.
Наводи
Цитати
Извори
Категорија:Родени во 1893 година Категорија:Починати во 1964 година Категорија:Турски новинари Категорија:Феминизам Категорија:Права на жените