Холокауст (на хебрејски: השואה Ха-шоа) е термин кој се користи за масовното систематско убивање на околу шест милиони европски Евреи, во текот на Втората светска војна, од страна на нацистичкиот режим во Германија, предводен од Адолф Хитлер.
Овој режим исто така масовно убивал и други народи и групи на луѓе, како: Ромите, Словените, хомосексуалците, хендикепираните, итн.
Што е тоа Холокауст?
Зборот Холокауст потекнува од старогрчката кованица holocauston [(ὁλοκαύτωμα, holokáutoma): (ὅλος) holos-целосно, (καῦσις) kausis, causton-палење)] и се користи за да го опише убивањето на околу шест милиони европски Евреи во текот на Втората светска војна, како дел од програмата за планско и методско уништување на Евреите и некои други народи од страна на Адолф Хитлер.
Други групи кои систематски биле убивани од страна на овој режим, вклучуваат околу: 220.000 Синти и Роми, 5.000 Јеховини сведоци, 25.000 хомосексуалци, околу 400.000 Полјаци и политички затвореници.
Зачетоците на Холокаустот - 1933-1938
Се започна со бојкотот на еврејските продавници и заврши со гасни комори во Аушвиц, во намерата Адолф Хитлер и неговите следбеници да ги истребат Евреите и другите "неариевци" низ Европа, а подоцна и Светот. Во јануари 1933 година, по десетгодишна политичка борба, Адолф Хитлер дојде на власт во Германија. Додека неговата моќ растеше, тој континуирано ги обвинуваше Евреите за поразот на Германија во Првата светска војна и за економските тешкотии со коишто таа се соочи потоа. Во јавноста, тој ја пласираше расната теорија, според која Германците со светол тен, руса коса и сини очи се супериорна човечка раса, владеачка раса, а спроти нив се Евреите, кои коваат светски заговор со што се обидуваат да ја оттргнат германската раса од позициите во светот што им припаѓаат и да владеат со светот.
Во тој период, Евреите беа едвај еден процент од тогашната 55 милионска германска популација. Германските Евреи во тоа време беа космополити и горди што се Германци по националност, а Евреи по религија. Тие живееа во Германија со векови. Тогаш, како и сега, важеа за интелигентни луѓе со успеси во многубројни професии.
Меѓутоа, германската држава, водена од нацистичкиот режим, со Законот од Нирнберг (1935) најпрвин го забрани бракот меѓу не-Евреи и Евреи и со што Евреите беа отстранети од училиштата како професори, им беше забрането да обавуваат јавни професии, да служат во војската, па дури и да седат на иста клупа во парк со не-Евреи.
Во исто време, добро организираните активности на Министерството за пропаганда на министерот Јозеф Гебелс ги претставуваше Евреите како непријатели на Германија и германскиот народ. Секој ден, по весниците се објавуваа натписи против Евреите, а ѕидовите се облепуваа со антисемитски постери.
Во март 1938 година, Хитлер ги прошири границите на Германија, прогласувајќи припојување (аншлус) на Австрија. И таму Евреите ги изгубија своите основни човекови права. Како и во Германија, беа приморувани на јавна работа зачинета со потсмев под будното око на германската нацистичка младина.
„Ноќта на скршеното стакло“ - повод за почеток на Холокаустот Главна статија: Ноќ на скршеното стакло
Како кулминација на се, т.н. Ноќ на скршеното стакло (Кристална ноќ), ноќта на 9 спрема 10 ноември, кога 17-годишниот Хершел Гринцпан го уби германскиот амбасадор во Париз, Ернст фон Рат, се смета за официјален почеток на холокаустот.
Користејќи ги аргументите на ова убиство, нацистите го оправдуваа првиот Прогон против Евреите. Истата ноќ, деведесетина Евреи беа убиени, над 500 синагоги беа запалени, а скоро сите излози по продавниците на Евреите беа искршени. Веднаш потоа, се случи првото масовно апсење на поголема група Евреи, околу 25.000, кои беа однесени во концентрациони логори.
Следните неколку недели, огромни бранови на бегалци ја напуштаа Германија, во обид да се спасат, но наидуваа на незаинтересираност од западните земји и Америка. Таков е примерот со бродот Св. Луис, со околу 1000 Евреи, кои, откако биле одбиени да се укотват во Куба и САД, биле приморани да се вратат назад во Германија.
Хитлер ја започнува својата борба („Мојата борба“)
Во говорите на Хитлер, тој ги обвинува Евреите за поразот во Првата светска војна, како и предупредува дека ако не престанат странските финансирања на Евреите, Европа нема да треба да се плаши од болшевизација, туку од претворање во еврејски континент. Тој се обидувал да ги обвини Евреите за лошата економска состојба во земјата, со намера да добие огромна поддршка од германскиот народ. Испровоцирани од неговите говори, тие се придружувале кон германската нацистичка војска. Војната започна на 1 септември 1939 година, со нападот на Германија врз Полска, земја која беше дом на три милиони Евреи. По брзата победа над Полска, Хитлеровата администрација ги оформи Еврејските гета во Лоѓ, Краков и Варшава.
Била забранета секаква комуникација на Евреите од гетата со останатиот дел од светот. Илјадници умреле бавно од глад и болести. Наскоро, гетата потпаднале под администрација на Хајнрих Химлер, водачот на нацистичките СС сили, Хитлеровата најлојална организација, составена од фанатични млади Германци од чиста раса, според наци-стандардите.
Пролетта 1940 година, Химлер наредил градење на концентрационен логор близу полскиот град Освик, преименуван од нацистите во Аушвиц, со намера да се изолираат полските затвореници и да се обезбеди бесплатна принудна работа.
Евреите на Источниот фронт
Во меѓувреме, Хитлер ја продолжи својата инвазија врз Европа, поразувајќи ги Белгија, Холандија, Луксембург и Франција, ставајќи огромен број на Евреи под контрола. Наредната 1941 година, претставува критична точка во Втората светска војна. Во јуни, Хитлер, и покрај договорот со Сталин, го напаѓа Советскиот Сојуз. Во Советскиот Сојуз во тој период, живееле околу 3 милиони Евреи, мнозинството по изолирани еврејски села, наречени Штетли. Биле пуштени четири едници на СС силите, кои помогнати од локални етнички Германци и антисемитисти, систематски ги убивале жителите и ги палеле селата.
Финалното решение за „Еврејското прашање“
Летото 1941, СС водачот Хајнрих Химлер го повикал новоназначениот командант на Аушвиц, Рудолф Хес, информирајќи го дека: „Фирерот понуди финално решение за Еврејското прашање. Ние, СС, мораме да се погрижиме за тоа... Поради тоа, јас го одбрав Аушвиц за таа цел.“
Во Аушвиц, голем дел од логорите веќе биле во изградба, именувани под името Аушвиц 2 (Биркенау). Овој дел ќе стане средиште на четири огромни гасни комори, употребувани за масовно истребување. Идејата за масовно убивање потекнувала од програмата Убиство од милосрдие, која ја применувале докторите за евтаназирање на болните и немоќи цивили од окупираните Австриски и Полски територии. Во меѓувреме, за само два дена, во месноста Баби Јар во Украина, биле стрелани 33.000 Евреи-цивили.
Нередната 1942 година, вториот по ранг командант на СС-силите, Рајнхард Хејдрих, на конференцијата во Ванси, Берлин, ги изнел плановите за Финалното решение. Според него, Евреите од Европа треба да се депортираат во Полска, каде што со полна пареа се граделе нови погони за истребување, како Белзец, Собибор, Треблинка и Аушвиц-Биркенау.
Систематско и планско истребување
Секој детаљ од истребувачкиот процес бил методски испланиран. Евреите кои пристигале со возови од Белзец, Собибор и Треблинка, биле лажно информирани од СС дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивното вистинско одредиште (фабрики каде требало да работат) по извесно време. Им било кажувано дека нивните алишта ќе бидат дезинфицирани и дека треба најпрвин да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените, биле водени во простории со тушеви, каде откако ќе влезеле, им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглерод моноксид за кратко им ја труел крвта, по што следела нова тура на "капачи".
Во Аушвиц-Биркенау, на новодојденците им ја одземале облеката, ја ставале во посебни фиоки со броеви и им наредувале секој да го запомни бројот на својата фиока за "подоцна". Наместо јаглерод моноксид, за нив бил користен комерцијалниот пестицид Циклон-Б. Најпрвин умирале децата, а потоа возрасните, бидејќи пестицидот е вид на високоотровна киселина, која им била пуштана во вид на пареа. По 4-5 минути, влегувале специјални единици составени од Евреи-заробеници, кои ја "чистеле" просторијата за наредната група. Претходно, им биле вадени златните заби, доколку некој имал такви. Телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења, кремирање на отворен оган, или во специјално дизајнирани печки, како оние од Аушвиц. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредности, биле сортирани и вратени назад во Германија за „повторна употреба“. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија, за производство на перници, перики и фломастери!
Еден невообичаено перфиден аспект на сите овие злосторства им дава фактот што со имиња на веќе убиените Евреи биле праќани разгледници од фиктивната област Валдси, до нивните роднини дома, со зборовите: „Ние сме добро и добро ни оди. Работиме и добро сме третирани. Го чекаме вашето пристигнување овде“, кои биле испечатени на позадината!
Возовите кои пристигнувале во Аушвиц, биле подложни на селикционен процес од страна на СС "докторите", како Јозеф Менгеле. Способните млади Евреи биле тетовирани на левата рака и праќани на принудна работа. Сите други биле праќани во гасните комори. Само децата близнаци биле исклучени од ова, за да бидат подложени на страшни ѕверски генетски експерименти.
Во Полска функционирале шест концентрациони логори, меѓу кои и Мајданек и Шелмно, во кои континуирано се вршело погубување со отровни гасови. Додека Нацистичка Германија се обидувала да ги сокрие од јавноста овие концентрациони логори, низ територијата на Русија окупирана од нацистите се вршеле масовни стрелања. Во еден извештај од 2 јули 1942, се споменува дека до тогаш биле стрелани над 1.000.000 руски Евреи.
Светскиот еврејски конгрес реагира - Папата и светот се прават глуви
Летото истата година, на Светскиот Еврејски конгрес во Швајцарија, било информирано за тајните планови на нацистите и за ова биле информирани Вашингтон и Лондон. Во декември, ова прашање било ставено на седница на американскиот Комонхаус, со заклучок дека во Европа навистина се случува масовно истребување на Евреите.
Евреите од САД на разни начини се обиделе да реагираат за да ја вклучат американската војска во акција за спасување на Евреите од Европа, што резултирало со свикување на Бермудската конференција (19-30 март 1943). Конференцијата завршила со неуспех и разидување меѓу претставниците на САД и Британија. Дури по седум месеци, ноември, Претседателот Франклин Рузвелт формирал Одбор за воени бегалци за да им помогне на неутралните земји да ги примат недепортираните Евреи и да ги спасат од гасните комори. Овој одбор успеал да спаси само околу 200.000 Евреи, благодарејќи на херојските напори на шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој работел во окупираните територии на квинслингшка Шведска.
Во април 1944 година, двајца Евреи успеале некако да избегаат од Аушвиц и да пребегнат во Чехословачка. Едниот од нив, Рудолф Врба, поднел извештај до Папскиот Нунциа за Словачка, кој пораката ја пренел до Ватикан кон средината на јуни. Папата Пју XII не го објавил извештајот и не ги осудил масовните убиства врз Евреите од страна на нацистите, туку одлучил да молчи!!!
Во повеќе случаи, некои земји одбивале да го депортираат своето Еврејско население. Данскиот крал Кристијан Х, ги спасил скоро сите 7.500 Евреи со тоа што ги засолнил во Шведска, до каде биле пренесени со рибарски бродови.