Отец Владимир Санџакоски (, - , ) — претставува задлабочен подвижник и пастир на Православната црква, кој непоштедно ја сведочел христијанската философија на животот како modus vivendi во Богочовекот Христос. Народната анамнеза на неговата личност е сè уште актуелна и во согласност со пеењето на царот, пророкот и поетот Давид: „блажен е мажот целосно реализиран од Сечовекот на новозаветниот Ден Осми“.
Отецот Владимир одлично владеел со апофатскиот јазик на теологијата како и со мистичниот јазик на црковната музика. Поради тоа, се извишил до рамништето на блескав теоретичар на источното црковно пеење, но и до височините на пцалт, чиј гласовни капацитети се ненадминати во техниката, аскезата и мистеријата.
Автор е на базична литература од областа на философската теологија и библиската егзегеза, како и на бројни црковни песнопенија чија вредност е уникална. Се упокоил во 1987 година во Струга.
Живот
Рани години Роден е во познатото струшко семејство Санџакоски, во бракот помеѓу неговиот татко Славе (внук на познатиот Архимандрит Калистрат Зографски, игумен на Зографскиот манастир на Света Гора Атонска) и неговата мајка Стефанида (од познатото струшко семејство Мушмови).
Веднаш по зачнувањето, татко му Славе ја напуштил Струга и заминал во Соединетите Американски Држави на печалба. Во Калифорнија, тој, трагично ќе го загубел својот живот. Тој знаел за тоа дека му се родил син, но никогаш не ќе се врати назад и не ќе го види својот син Владимир, ниту пак Владимир, својот татко.
За животот на мајката и синот знае целата Струга до ден денешен. Животот на двајцата, бил живот на две вистински светила. Две ипостаси целосно Богу посветени. Нивните животи се одвивале во целосна согласност со древната монашка синтагма: ora et labora (молитва и работа). Стефанида го растела својот син според највисоките педагошки критериуми својствени за христијанската литургиска заедница. Повеќе од сѐ малечкиот Владимир го сакал Бога и Црквата, бидејќи пред него така и толку, Бога и Црквата, ги засакала неговата мајка. Тие сериозно размислувале сиот свој имот да го распродадат и парите да им ги раздадат на сиромашните во Струга, а потем да заминат во манастир и да се замонашат. За тоа знаеле и учеле од хагиографската литература, за која рековме, дека им била омилена. Толку многу ја беа засакале и во неа ги беа вкопале своите животи, што решиле дванаесетте огромни тома на Житијата на светиите, авторско дело на бележитиот руски богослов и подвижник Св. Димитриј Ростовски, рачно, калиграфски, да ги препишат, водени од намерата да им ги приближат на стружани и да им ги овозможат за читање. Денес, нивните преписи, претставуваат скапоцено духовно и културно богатство за нашиот град и за нашата држава. Сепак, промислата Божја за Стефанида и Владимир била подруга. Духот Свет ги научил да ја проверат својата намера и своите способности, пред да донесат конечна одлука за примање на монашки потстриг. За таа цел тие отишле во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта. Таму живееле едно време целосно интегрирани во животот на женската монашка киновиа. Потем го извлекле конечниот заклучок за себеси. Заклучиле дека не можат да одговорат на барањата на тогашното монаштво. Структурата на нивното психо-соматско и духовно битие и личност носела типично аристократски белези. Нивната духовна аристократија наликувала на руската духовна аристократија. Тие знаеле за молитва, ги сакале врвните остварувања во светската литература, активно го практикувале литургискиот живот со непосредно учество во него. Тие живееле во Христос и Христос живеел во нив. Во Црквата живееле така, што себеси безостаточно се вложувале во неа. Манастирот Калишта, бил развиен духовен центар во првите пет децении од 20-от век. Во него живееле повеќе од триесетина монахињи. Поголемиот дел од нив биле дојдени од Русија. Овој духовно-монашки центар и денеска важи за препородителски монашки центар кога станува збор за женското монашто во Српската православна црква. Во него живееле самите елитни претставнички на женското монашко движење во тогашната Кралска Југославија. Во истото тоа време со Охридската епарија управувал, славниот богослов и подвижник Николај (Велимирович), епископ Охридски и Жички. Тој бил најзаслужен за ширењето на женската монашка зедница. Но и покрај тоа, во монашките сестринства прекумерно се негувал духот на умножување на материјалните блага. Појдовната намера за тоа, била потребата да се обезбедат средства за физички и биолошки опстанок. Токму тој дел од одговорностите Стефанида и малиот Владимир не можеле да ги исполнат физичка слабост. Иако за тоа никој и никогаш не им префрлил, го напуштиле манастирот за да не им бидат товар на другите. Се вратиле дома. Во својот дом продолжиле да живеат строго монашки.
Формално образование Отецот Владимир ги поминал сите степени на образование што тогаш постоеле во Струга. Потем завршил нижа гимназија во Охрид. Најпосле се запишал на високата гимназија во Битола. Сериозно се подготвувал да запише студии на Богословскиот факултет во Белград. Но тоа никогаш не се случило.
Отецот Владимир теологијата ја учел изворно, читајќи ги делата на светите отци и философи на Црквата. Според сопственото кажување на отец Владимир, во неговата десетта година ги исчитувал собраните дела на свети Јован Златоуст. Ги исчитувал неговите огромни дванаесет томови, за кои самио велел, дека претставуваат „дванаесет ковчези преполни со духовно злато“. Немало отец на Црквата којшто не бил студиозно исчитан од малечкиот Владимир. Сета таа литература ја поседувал во домашната библиотека. Сакајќи го својот едноутробен брат Јоаким, покрај познатата икона Воведение на Пресвета Богородица, која и денес се чува во семејството Санџакоски, Архимандритот Калистрат му испраќал по еден примерок од патристичката литература печатена во Русија.
Имено, манастирот Зограф, купувал повеќе примероци од секоја книга на Светите отци, преведена од грчки или латински на руски јазик и печатена во Киев, Петроград или Москва. По еден примерок од таа литература обврзно му испраќал на својот брат Јоаким. Притоа имал пророчка визија за тоа, што треба да се случува понатаму со семејството Санџакоски. Отецот Владимир уште од мали нозе бил целосно свесен за исклучителната вредност на тие книги. Тие му значеле повеќе од сѐ друго. Не постоел предмет на светот што можел да го израдува толку многу, колку што го радувала светоотечката литература. За тоа говори и фактот дека, во сите војни што се случувале на Балканот и во Струга, отецот прво ја спасувал библиотеката. Но дека внимателно и целосно ја исчитал секоја книга, од првата до последната страница, сведочат и белешките што ги ставал при читањето. Која било книга да ја отвориме денес, таа е преполана со „зри“ на отец Владимир (што значи погледни, види, внимавај, важно). Отецот Владимир не само што ги читал делата на Светите отци, туку неговиот севкупен живот го сообразувал со нивното учење.
Свештен повик Целата душа и сиот ум на Владимир копнееле по Бога. Во струшката чаршија постоеле побожни друштва составени од еснафи во чии дуќани и работилници функционирале малечки катихетски школи. Отец Владимир често ги посетувал и бил необично сакан и добредојден заради мудроста што ја поседувал и заради можноста да им го пренесе автентичното учење на Светите отци, до кое што доаѓал преку непосредното исчитување на нивните дела. Таква била Струга и струшката чаршија во тоа време. Целата Струга знаела за монашката скромност на Владимир. Секогаш кога одел од дома до храмот, ги избирал најосамените сокаци за да не биде мета на човечкото внимание. Дека Црквата ја сакал повеќе од сѐ говори и следната случка. При една посета на чичко му Вангел на Струга, била зима, а времето страшно заради ветрот кој бесно фиукал, ниските температури и дебело напластениот снег. Владимир требало да оди во Црква. Бил малечок. Имал само седум години. Чичко му го карал и барал од него да се откаже од одењето во храмот и притоа се повикувал на страшното невреме. Имајќи ја верата на апостолите, малиот Владимир му се обратил на стрикото со следниве зборови: - „и камења да паѓаат од небото, јас ќе отидам во Црква”, и отишол. Црквата за отец Владимир била предвкус на Рајот. Во Светата литургија и во сиот богослужбен живот што од него произлегува, Утрените и Вечерните богослужби, седумте молитвени алки на дневниот молитвен циклус, седмичниот богослужбен циклус, годишниот литургиски циклус и во светотаинствениот живот на Црквата, Владимир станувал антиципатор на невечерниот Ден Осми. Ништо не смеело да се пропушти. Со својата беспрекорна редовност и ревност во богослужбениот живот, тој Светите богослужби ги претворал во своевидно училиште на благочестието и музичката уметност. Таму тој ги учел тајните на византиското црковно пеење, имајќи ги за наставници најдобрите певци.
Средбата со владиката Николај (Велимировиќ) Школувајќи се во Охрид, имал благослов Божји да живее во епископскиот двор на владиката Николај (Велимировиќ). Отец Владимир секогаш, со голема благодарност си спомнувал за владиката Николај. Посебно го импресионирало неговото аскетско држење, огромната ученост, врвната способност за беседење, љубовта кон Света Гора Атонска и монаштвото, љубовта кон аскетската димензија на нашиот православен македонски народ. Отец Владимир е вистинска реткост во историјата на Црквата, бидјеќи од спомнатиот високоучен и аскетски настроен владика Николај, бил прецозно оценет. Високо било оценето духовното поведение на личноста на малечкиот Владимир, неговото огромно теолошко познавање и огромниот теолошки багаж што го носел со намера да го сподели со сите. Високо било оценето и неговото познавање византиско-словенското црковно пеење, како и неговата ревност во богослужбениот живот на Црквата. Поради сето тоа, иако псалт и премногу млад по години, владиката му допуштал да беседи на Светите литургии. Беседите на отец Владимир биле натопени со патристички содржини и траеле долго. Сите тие се запишани и засекогаш оставени во наше наследство.
Брак и примање свештенички чин Во 1943 година отец Владимир стапил во брак со презвитерата Славка. Стројница за тој брак била Евдоксија Миладинова. Презвитерата Славка потекнувала од едно чесно и благородно семејство. Славка била необично енергична жена и со изразено средоземни белези во нејзиниот карактер, жизнерадосна и цврста. Бракот на Владимир со Славка бил навистина совршен. Веднаш по бракот отецот се подготвувал да прими свештени чинови. Струга била под италијанска окупација, а парохијата, т. е. струшкото архијерејско намесништво, под јурисдикција на Албанската православна црква. Најумните и најимотните стружани, имајќи ја согласноста на градот отишле во Тирана да побараат од тогашниот албански архиепископ Христофор да го ракоположи отецот Владимир најпрвин во ѓаконски чин. Првата средба на отецот со архиепископот Христофор била фасцинантна. На работната маса од архиепископот видел литература по физика. Отец Владимир претпочитал сестрано образовани луѓе во Црквата, отворени и љубопитни кон сите научни области. Архиепископот Христифор бил токму таков човек. Еднаш импресиониран од него, постојано ќе зборува за него со восхит. Подоцна образованието и културата на архиепископот Христофор ќе им го претпостави како критериум на своите деца. Архиепископот, бил света и маченичка душа. Барањето на стружани го ислушал со внимание. Потем Владимир бил ракоположил во ѓаконски и во презвитерски чин, во соборниот храм во Тирана.
Прва парохија во манастирот во с. Лешани