Фридрих Енгелс () ( – ) бил германски политички филозоф, историчар, општествен научник, социолог, новинар, деловен човек, комунистички револуционер и крупна фигура во европското социјалистичко движење во втората половина на 19 век. Неговиот татко бил сопственик на големи фабрики за текстил во Солфорд, Англија и Бармен, Прусија (сега Вупертал, Германија). Беше близок соработник на Карл Маркс, со кого соработуваше долги години. Заедно со Маркс го напиша Комунистичкиот манифест, а по смртта на Маркс ги редактира и издаде вториот и третиот том на Марксовиот „Капитал“.
Енгелс ја разви она што сега е познато како марксистичка теорија заедно со Карл Маркс и во 1845 година ја објави книгата „Положбата на работничката класа во Англија“, заснована врз лични набљудувања и истражувања во англиските градови. Во 1848 година, Енгелс беше соавтор на Комунистичкиот манифест со Маркс и исто така е автор и соавтор (првенствено со Маркс) и на многу други дела. Подоцна, Енгелс финансиски го издржувал Маркс, овозможувајќи му да ја истражува политичката економија на капитализмот и да го напише својот магнум опус Das Kapital. По смртта на Маркс, Енгелс ги уредувал вториот и третиот том на Das Kapital. Покрај тоа, Енгелс ги организираше Марксовите ракописи за теориите за вишок на вредност, кои подоцна беа објавени како „четврти том“ на Das Kapital. Во 1884 година, тој ja објави книгата „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата“ врз основа на етнографското истражување на Маркс.
Енгелс почина во Лондон на 5 август 1895 година, на 74-годишна возраст од карцином на грлото и по кремирањето, неговата пепел е расфрлана од белиот 'рт Бичи-Хед, во близина на Истборн.
Животопис
Млади години Фридрих Енгелс е роден на 28 ноември 1820 година во Бармен, провинција Рајна, Прусија (сега Вупертал, Германија) како најстар син на Фридрих Енгелс (1796–1860) и од Елизабета „Елиса“ Франзиска Мауриција фон Хаар (1797–1873). Богатото семејство Енгелс поседувало големи фабрики за текстил од памук во Бармен и Солфорд. Родителите на Фридрих биле посветени пијетистички протестанти и тие ги одгледале своите деца соодветно на оваа вероисповед.
На 13-годишна возраст, Енгелс посетувал гимназија во соседниот град Елберфелд, но морал да замине на 17 години, поради притисок од страна на неговиот татко, кој сакал тој да стане стопанственик и да започне со работа како трговски чирак во семејната фирма. После една година во Бармен, младиот Енгелс во 1838 година бил испратен од страна на неговиот татко да започне со школување во трговска куќа во Бремен. Неговите родители очекувале дека тој ќе го следи неговиот татко во кариера во семејниот бизнис. Револуционерните активности на нивниот син ги разочарале. Ќе поминат неколку години пред тој да се приклучи на семејната фирма.
Додека бил во Бремен, Енгелс започнал да ја чита филозофијата на Хегел, чии учења доминираа во германската филозофија во тоа време. Во септември 1838 година го објавил своето прво дело, поема под наслов „Бедуинот“, во Bremisches Conversationsblatt бр. 40. Тој исто така се занимавал со други книжевни дела и започнал да пишува статии во весници, критикувајќи ги општествените зла на индустријализацијата. Тој пишувал под псевдонимот „Фридрих Освалд“ за да избегне поврзување на семејството со неговите провокативни списи.
Во 1841 година, Енгелс ја извршувал својата воена служба во Пруската армија како припадник на Garde-Artillerie-Brigade. Отслужувајќи во Берлин, тој присуствувал на универзитетски предавања на Универзитетот во Берлин и почнал да се дружи со група на младо-хегелијанци. Тој анонимно објавил статии во Рајниш Цајтунг, изложувајќи ги лошите услови за работа и живот што ги трпеле фабричките работници. Уредник на Рајниш Цајтунг бил Карл Маркс, но Енгелс нема да се сретне со Маркс до крајот на ноември 1842 година. Енгелс го признал влијанието на германската филозофија врз својот интелектуален развој во текот на својата кариера. Тој исто така напишал: „За да извлечете максимум од животот, вие мора да бидете активни, мора да живеете и мора да имате храброст да го вкусите возбудувањето од младоста...“ (1840).
Енгелс развил атеистички убедувања и неговата врска со неговите родители станала напната.
Манчестер и Солфорд Во 1842 година, неговите родители го испратиле 22-годишниот Енгелс во Манчестер, Англија, производствен центар каде индустријализацијата се засилувала. Тој требал да работи во Вист, Солфорд во канцелариите на вабриката Викторија на Ермен и Енгелс, каде се изработувале конци за шиење. Таткото на Енгелс верувал дека работењето во фирмата во Манчестер може да го натера неговиот син да преиспита некои од своите радикални идеи. На пат кон Манчестер, Енгелс ја посетил канцеларијата на Рајниш Цајтунг во Келн и за прв пат се запознал со Карл Маркс. Тие не беа импресионирани еден од друг. Маркс погрешно помислил дека Енгелс сè уште е поврзан со берлинските младо-хегелијанци, со кои Маркс штотуку ги прекинал врските.
Во Манчестер, Енгелс се запознал со Мери Брнс, жестока млада Иркиња со радикални идеи која работела во фабриката Енгелс. Тие започнале врска што траела 20 години до нејзината смрт во 1863 година. Двајцата не стапиле во брак, бидејќи и двајцата биле против институцијата брак. Иако Енгелс ја сметаше стабилната моногамија како доблест, тој ја сметаше сегашниот државно и црковно регулиран брак како форма на класно угнетување. Брнс го водела Енгелс низ Манчестер и Солфорд, покажувајќи му ги најлошите области за неговото социолошко истражување.
Додека бил во Манчестер помеѓу октомври и ноември 1843 година, Енгелс ја напишал својот прв економски труд, под наслов „Краток преглед на критиката на политичката економија.“ Енгелс ја испратил статијата во Париз, каде што Маркс ја објавил во Deutsch–Französische Jahrbücher во 1844 година.
Додека детално ги набљудувал сиромашните квартови во Манчестер, Енгелс напишал прибелешки за тамошните ужаси, особено детскиот труд, опустошената животна средина и преуморните и сиромашни работници. Тој испратил трилогија на статии до Маркс. Овие беа објавени во Рајниш Цајтунг, а потоа и во Deutsch–Französische Jahrbücher, каде се евидентирани условите меѓу работничката класа во Манчестер. Тој подоцна ги собрал овие написи за неговата влијателна прва книга „Положбата на работничката класа во Англија“ (1845). Напишана помеѓу септември 1844 и март 1845 година, книгата е објавена на германски јазик во 1845 година. Во книгата, Енгелс ја опиша „мрачната иднина на капитализмот и индустриската ера“, забележувајќи ги деталите за нечистотијата во која живееле работниците. Книгата е објавена на англиски јазик во 1887 година. Архивските ресурси од времето на престојот на Енгелс во Манчестер, фрлија светло врз некои од условите што тој ги опишува, вклучувајќи еден ракопис (МММ/10/1) чуван во специјалните збирки на Универзитетот во Манчестер. Овој ракопис раскажува за случаите забележани во манчестерската кралска болница каде доминирале индустриските несреќи и кои се усогласуваат со коментарите на Енгелс за осакатените лица кои можеле да бидат видени како шетаат низ Манчестер како резултат на вакви несреќи.„Кога еден човек му нанесува на друг телесна повреда што резултира со смрт на повредениот, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство; а ако убиецот однапред знаел дека повредата ќе биде смртносна, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство со умисла. Но, кога општеството* става стотици работници во една таква положба што тие неизбежно мора да умрат од прерана и неприродна смрт, исто така насилна како и смрт од меч или куршум; кога тоа општество лишава илјадници луѓе од најнужните животни услови, кога ги става во услови во кои тие не можат да живеат; кога со силата на законот ги присилува во тие услови да останат до смрт, која мора да настапи како последица на тие услови; и кога тоа општество знае, многу добро знае, дека тие илјадници работници мора да паднат како жртви на тие услови, па сепак не ги менува тие услови – тогаш тоа е исто така убиство со умисла како и она убиство кое е извршено од поединец, само што ова убиство е скриено, подмолно, убиство од кое никој не може да се одбрани, кое не личи на какво било убиство, бидејќи никој не може да го види убиецот, бидејќи убиецот е сите и никој, бидејќи смртта на жртвата изгледа како природна смрт, бидејќи делото е направено повеќе од пропуст отколку со наредба. Но, сепак, тоа е убиство.
Кога овде, како и на други места, зборувам за општеството како одговорна целина која има свои права и должности, тогаш се подразбира дека мислам на општествената моќ, на онаа класа, значи, која денес поседува политичка и социјална власт, а со тоа сноси и одговорност за положбата на оние на кои не им дава никакво учество во власта. Таа владејачка класа во Англија, како и во сите други цивилизирани земји, е буржоазијата...“Енгелс ја продолжил својата ангажираност во радикалното новинарство и политика. Тој честопати ги користел областите популарни меѓу членовите на англиските синдикални и чартистички движења, со кои се запознал. Тој исто така пишувал за неколку списанија, вклучувајќи ги Северната ѕвезда, Новиот морален свет на Роберт Овен и весникот Демократски преглед.
Париз мини|Познатата младешка фотографија на Фридрих Енгелс, за која се тврди дека го покажува на 25 години во 1845 година, или на 20 години во 1840 година, или „во дваесеттите години“. Енгелс решил да се врати во Германија во 1844 година. Пропатно, тој застанал во Париз за да се сретне со Карл Маркс, со кого имал порано дописи. Маркс живеел во Париз од крајот на октомври 1843 година, откако Рајниш Цајтунг бил забранет во март 1843 година од страна на пруските владини власти. Пред да се сретне со Маркс, Енгелс бил оформен како целосно развиен материјалист и научен социјалист, независен од филозофскиот развој на Маркс.
Во Париз, Маркс го објавувал Deutsch–Französische Jahrbücher. Енгелс се запознал со Маркс по втор пат на Café de la Régence на Place du Palais, 28 август 1844 година. Двајцата станале блиски пријатели и останале така цел живот. Маркс ги прочитал и бил импресиониран од написите на Енгелс за „Положбата на работничката класа во Англија“ во кои напишал „Класа која ги носи сите неповолности на општествениот поредок без да ужива во неговите предности… Кој може да бара таква класа да го почитува овој општествен поредок?“ Маркс ја усвоил идејата на Енгелс дека работничката класа ќе ја предводи револуцијата против буржоазијата додека општеството напредувало кон социјализам и ја вметнал оваа идеја како дел од својата филозофија.
Енгелс останал во Париз за да му помогне на Маркс да ја напише книгата „Светото семејство“. Тоа беше напад врз младо-Хегелијанците и браќата Бауер и книгата беше објавена кон крајот на февруари 1845 година. Најраниот придонес на Енгелс во творештвото на Маркс беше пишувањето за Deutsch–Französische Jahrbücher, уредувано од Маркс и Арнолд Руге, во Париз во 1844 година.
За ова време во Париз, Маркс и Енгелс го започнаа нивното поврзување со и потоа се приклучија на тајното револуционерно здружение наречено Сојуз на праведните. Сојузот на праведните беше формиран во 1837 година во Франција за промовирање на егалитарно општество преку соборување на постојните влади. Во 1839 година, Сојузот на праведните учествуваше во востанието од 1839 година, основано од францускиот утопистички револуционерен социјалист, Луј Август Бланки.