Основно училиште „Браќа Миладиновци“ (службено: Основно општинско училиште „Браќа Миладиновци“ - Острово; скратено: ООУ „Браќа Миладиновци“) — основно училиште во скопската населба Острово, Општина Аеродром.

Училиштето е именувано по македонските преродбеници и писатели Браќа Миладиновци.

Историја

Од основањето во 1945 година, училиштето променило повеќе местоположби. Првата училишна зграда била во скопското Маџир Маало, каде што денес се наоѓа зградата на Народната банка на Република Македонија. Од 1944/1945 до 1949/1950 година, училиштето работело во училишната зграда на ОУ „Тефејуз“, а во учебната 1950/51 година се преселило во посебна зграда, која постоела до земјотресот во 1963 година. Потоа, во 1964 година, училиштето било преселено во населбата Острово, во тогаш Општина Кисела Вода (денес Општина Аеродром), каде што работи и денес.

Како наставник во ова училиште работел и познатиот македонски писател Стале Попов, кој предавал македонски јазик, историја, биологија и руски јазик. Од ова работно место, тој се пензионирал во септември 1959 година.„Поговор“, во: Стале Попов, Раскази, Наша Книга, Скопје, 1988, стр. 171.

Настава

Од учебната 2013/2014 година, во училиштето се имплементира меѓународната програма PYP во одделенската настава, а од 2014/2015 година и програмата MYP во предметната настава. Во училиштето учат над 400 ученици од I – IX одделение, распоредени во 18-20 паралелки, а во одделни години наставата ја изведувале меѓу 45 и 53 наставници, стручна служба и координатори по програмите PYP и MYP.

Раководење

Директори на ОУ „Браќа Миладиновци“ биле: Благоја Димитровски (1950 - 1955) Сотир Четарашка (1955 - 1957) Васил Чипев (1957 - 1958) Никола Симовски (1958 - 1961) Душан Вузевски (1961 - 1967) Никола Ѓорѓиевски (1967 - 1971) Александар Ачковски (1971 - 1985) Ленче Брзовска (1985 - 2003) Цветанка Бошњак (2003 - 2007) Славица Анѓеловска (2007 - 2009) Билјана Индова (2009 - 2017) Жаклина Ристовска (2017 - 2018) Тони Димов (2018 -)

Наводи

Категорија:Основни училишта во Општина Аеродром Категорија:Основни училишта во Скопје Острово Категорија:Острово Категорија:Појавено во 1945 година во Македонија