мини|Богословијата во 1927 година мини|250px|Ученици на Битолската богословија. Во средината е архимандритот Николај (Карпов) Битолска богословија или Богословија „Св. Јован Богослов“ (Битола, 1922 – 1941) – богословија основана од Министерскиот совет на Кралството СХС на 5 октомври 1921 година. Нејзин патрон бил „Св. Јован Богослов“. Иако основана во октомври, богословијата заради организациски проблеми почнала со работа, според едни извори на 1 јануари 1922 година, а според други на 26 февруари истата година. Престанала со работа во 1941 година со почетокот на Втората светска војна.

Историја Богословијата започнала со работа како петтокласно интернатско богословско училиште, а од учебната 1928/29 година била подигната во ранг на више училиште.

На самиот почеток се состоела од една двокатна зграда покрај улицата и една двокатна зграда со трпезарија во внатрешноста. Како се зголемувале учениците така таа се проширувала. Ректоратот бил во дел од сегашната градска библиотека, а се користела и зградата од сегашната Христијанско-адвентистичка црква која исто така ѝ припаѓала на Битолската богословија. Имало и интернат, перална и црква „Св. Јован“. Во богословијата биле примани ученици со завршено IV одделение, и тоа најчесто се запишувале деца од попски семејства кои на тој начин ја продолжувале семејната традиција, како и деца на сиромашни родители. За учениците-богословци бил организиран интернат зашто тие главно биле од други места селата и градовите подалеку од Битола. Рускиот кадар претставувал мнозинство меѓу предавачите во Битолската богословија. Во есента 1928 година со синодска одлука го назначиле Јован Шангајски за професор во Битолската богословија.

Познати личности кои ја завршиле Битолската богословија Г.г. Доситеј II, првиот поглавар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, веќе замонашен, за потребите на дошколување, на Битолската богословија се запишал во 1932, а завршил во 1937 година. Г.г. Ангелариј, вториот поглавар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, во 1926 година се запишал во средното богословско училиште “Св. Јован Богослов” во Битола и завршува во 1931 година. Во 1932 година бил ракоположен во чин ѓакон во црквата „Св. Димитриј“ и истата година станал свештеник во црквата „Св. Богородица”. Г.г. Михаил, четвртиот поглавар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, во 1927 година се запишал на средното богословско училиште “Св. Јован Богослов” во Битола и завршува во 1932 година. Стале Попов, познатиот романописец, исто така ја завршил Битолската богословија.

Наводи

Категорија:Православни богословии Категорија:Историја на Битола