Херман Мелвил (1 август 1819 – 28 септември 1891) — американски писател, есеист и поет. Тој е најпознат по романите „Моби Дик“ и „Били Бад“ (објавен посмртно). Неговите први три книги постигнале голем успех при што првата книга, „Тајпи“, станала бестселер, но неговата популарност драстично опаднала во средината на 1850-тите години. Оттука, кога починал во 1891 година, тој бил речиси целосно заборавен. На почетокот од 20 век, неговото творештво повторно стекнало признание, особено романот „Моби Дик“ кој се смета за ремек-дело на американската и на светската литература. Тој е првиот писател чиишто дела се собрани и објавени од Библиотеката на САД.
Животопис Раните години од животот, образование и семејство Херман Мелвил е роден во Њујорк на 1 август 1819 година, трето од осумте деца на Алан и Марија Гансеворт Мелвил. Откако нејзиниот сопруг Алан починал, Марија додала едно „е“ на семејното презиме. Како дел од добро ситуирано и колоритно семејство од Бостон, таткото на Мелвил поминувал голем дел од времето во странство, како трговец и увозник на француски производи. Дедото од татковата страна на авторот, мајорот Томас Мелвил, почесен учесник на бостонската чајанка кој одбил да го промени својот стил на облекување или манири за да одговара на времето, опишан е во поемата „Последниот лист“ на Оливер Вендел Холмс. Херман Мелвил го посетил во Бостон и го поддржувал неговиот татко во честите периоди на финансиски потреби. Мајчината страна на Мелвил е од холандската долина Хадсон. Неговиот дедо од мајка бил генералот Петер Гансевурт, херој од Битката од Сарагота; во својата позлатена униформа, генералот позирал за портрет насликан од Гилберт Стјуарт, кој е опишан во романот на Мелвил од 1852 година, „Пјер“, во којшто авторот пишува за своето семејно и поморско потекло. Како водечкиот карактер во Пјер, и Мелвил пронашол задоволство во неговото „двојно револуционерно потекло“.
Алан Мелвил ги пратил своите синови во њујоршката машка школа. Прекумерно финански и емоционално нестабилниот Алан се обидел да се опорави од неговите проблеми со тоа што се преселил со своето семејство во Албани во 1830 година и започнал да работи во бизнисот за крзно. Новата инвестиција, сепак, била неуспешна; војната во 1812 година уништилa многу прекуморски бизниси и тој бил присилен да прогласи банкрот. Набргу, тој починал, оставајќи го своето семејство многу сиромашно, кога Херман имал 12 години.Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 5. Иако Марија имала добро ситуирани роднини, тие биле загрижени во заштитување на своите наследства и искористување на можностите за инвестирање, наместо на решавање на имотот на мајка им, така што семејството на Марија ќе биде посигурно со помладиот брат на Херман, Томас Мелвил, кој на крајот станал гувернер на морнарското пристаниште Снаг. Мелвил ја посетувал академијата во Албани од октомври 1830 година до октомври 1831 година, и повторно, од октомври 1836 година до март 1837 година, каде што ги студирал класиците.
Почетокот на работниот живот Скитничкото однесување на Мелвил и желбата да се издржува себеси независно од помошта на семејството го одвеле до тоа да работи како инспектор на Ери каналот. Во оваа работa тој не успеал и неговиот брат му помогнал да најде другa работа, како бродски слуга на еден њујоршки брод укотвен во Ливерпул. Така, Мелвил отпатувал и се вратил на истиот брод. Неговото дело „Редбурн: Неговото прво патување“ (1849 година) е делумно засновано на искуствата од ова патување.
Трите години по академијата во Албани (1837 година до 1840 година), Мелвил најмногу се занимавал со настава во училиште, освен патувањето во Ливерпул во 1839 година. Од 1838 година до 1847 година, тој престојувал во тоа што сега е познато како куќата на Херман Мелвил во Лансинбург, Њујорк. На 3 јануари 1841 години, тој испловил од Њу Бедфорд, Масачусетс на китоловниот брод „Акушнет“, кој бил укотвен на Тихиот Океан. Тој подоцна коментирал дека од тој ден му почнал животот. Бродот, на кој служеле пропаднати земјоделци, злосторници и разни несреќници, пловел околу Кејп Хорн и понатаму до јужниот Тихи Океан, а морнарите биле принудени да ги поднесуваат нечовечките постапки на претпоставените. Мелвил оставил малку директни информации во врска со настаните на ова 18 месечно крстарење, иако неговата китоловна романса, „Моби Дик“, најверојатно дава многу слики од животот на палубата на Акушнет. Мелвил издржал на бродот повеќе од 18 месеци, но поради лошите услови, побегнал од „Акушнет“ на островите Маркесас во јули 1842 година. Три недели живеел помеѓу домородците Тајпи, кои биле нарекувани човекојадци од другите две племенски групи на островот – иако кон Мелвил се однесувале многу добро. „Тајпи“, првиот роман на Мелвил опишува кратка љубовна афера со домородна девојка, Фајавеј, која обично била облечена во „облеката на рајот“ и претставувала невин, благороден дивјак во популарната имагинација.
Мелвил се чини дека не бил загрижен за последиците од неговото напуштање на „Акушнет“. Тој се качил на уште еден китоловен брод укотвен во Хаваите и го напуштил тој брод во Хонолулу. Додека бил во Хонолулу, тој станал контраверзна фигура за својата жестока опозиција на активностите на христијанските мисионери кои сакале да го преобратат домородното население. Откако работел четири месеци како службеник, во 1843 година се придружил на екипажот на воениот брод УСС Обединети Држави со кој ги посетил Мексико и Перу, но не можејќи да ја поднесе воената дисциплина, тој бил отпуштен кога пристигнал во Бостон, во октомври 1844 година. Овие искуства се опишани во романите „Тајпи“, „Ому“ и „Бела-Јакна“.
Мелвил го завршил романот „Тајпи“ летото 1845 година, иако имал тешкотии да го објави. Подоцна, неговиот постар брат ја зел книгата и ја објавил во 1846 година во Лондон, каде станала бестселер преку ноќ, а дури потоа таа била објавена во Њујорк. Успехот на ова дело го охрабрило Мелвил да го опише својот престој на Тахити, а тоа го направил во книгата „Ому“ која не е само егзотична повест за дивјаците, туку во неа се опишани и бруталното постапување на бродовите и мисионерската работа со примитивните племиња.Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 5-6. „Тајпи“ и „Ому“ преку ноќ го прославија Мелвил како писател и авантурист и тој често ги забавувал неговите обожаватели раскажувајќи им приказни. Како писател и издавач Натаниел Паркер Вилис напишал, „Со неговата цигара и шпански очи, тој збори Тајпи и Ому исто како што ќе го најдете текот на неговиот прекрасен ум на хартија“. Романите, пак, не му овозможиле доволно приходи од авторските права за тој да живее од тоа. „Ому“ не бил колоритен како „Тајпи“ и читателите почнале да сфаќаат дека Мелвил не креаира само авантуристички приказни. Следното дело, „Марди“ (1849), сатира насочена кон современата политика и кон религијата, било разочарување за читателите кои сакале уште едно безгрижно и егзотично морско „клопче“. За да го издржува своето семејство, Мелвил напишал две книги по вкусот на тогашната публика: „Редбурн“ (Redburn, 1849), во која ги опишува своето прво патување во Ливерпул, мрачната личност на морнарот Џексон и работничката сиромаштија во Англија, и „Бела-Јакна“ (White-Jacket) во кој го опишува животот на еден воен брод. Во 1850 година, Мелвил започнал да го пишува расказот за американскиот морнар Израел Потер кој го пбјавил дури пет години подоцна, зашто во меѓувреме работел на романот „Моби Дик“.Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 6.
Брак и подоцнежен работен живот
Мелвил се оженил за Елизабет Шо, ќерка на судија во Врховниот суд во Масачусетс, Лемјуел Шо, на 4 август 1847 година, а потоа, двојката отишла на меден месец во Канада. Тие имале четири деца: два сина и две ќерки. Во 1850 години, Мелвил и Елизабет ја купиле „Ароухед“, куќа на фарма во Питсфилд, Масачусетс, која денес е претворена во музеј. Таму Мелвил живеел 13 години, зафатен со своето пишување и управување на фармата. Додека живеел во „Ароухед“, тој се спријателил со писателот Натаниел Хоторн, кој живеел во близината на Ленокс. Мелвил, интелектуалец осамен во поголемиот дел во неговиот живот, бил неверојатно инспириран и поттикнат од неговото пријателство со Хоторн за време на перидот кога ја пишувал книгата „Моби Дик“ (посветена на Хоторн), иако нивното пријателство избледело кратко потоа.
Сепак, романите „Моби Дик“ и „Пјер“ не ја постигнале популарноста на неговите претходни книги. Њујорк Деј Бук на 8 септември 1852 година го објавил својот отровен напад на Мелвил и неговото пишување со наслов „ХЕРМАН МЕЛВИЛ ЛУД“. Во статијата, весникот пишувал дека: „... пријател кој ја прочитал последната книга на Мелвил „Недоразбирања“, помеѓу две бродски несреќи, ни кажа дека е составена од бладањата и мечти на еден лудак. Бевме запрепастени на забелешката, но по уште сознанија, неколку дена подоцна, Мелвил навистина бил под стрес и неговите пријатели преземале мерки да го сместат под третман. Се надеваме дека еден од првите третмани ќе биде да го задржат строго одделен од пенкалото и мастилото“. По строгите критики на „Пјер“, издавачите почнале да стануваат претпазливи во работата на Мелвил. Неговиот издавач, Харпер и Браќата, го одбиле неговиот следен ракопис, „Остров на крстот“ којшто е изгубен. На 1 април 1857 година, Мелвил го објавил неговиот последен, целосен роман „Човекот од доверба“ со поднаслов „Маскенбал“ кој денес се смета за комплексно и мистериозно истражување на проблемите на измамата и искреноста, идентитетот и маскирањето, но кога бил објавен добил коментари кои варирале од збунетост до осуда.
За да ги поправи своите несигурни финансии, Мелвил го послушал советот од пријателите и решил да се приклучи на она што за другите било профитабилно полето на предавањето. Во 1856 година се појавила збирката раскази „Приказни од Пјаца“ (Piazza Tales), следната година објавил уште еден сатиричен расказ, по што морал да се откаже од пишувањето поради болест. Од 1857 година до 1860 година, тој држел предавања во лицеуми, првенствено на Јужните мориња. Во 1863 година, тој и неговата жена се преселиле со нивните четири деца во Њујорк. По крајот на Американската граѓанска војна ја објавил „Делови од битките и аспекти од војната“ (1866), збирка од над 70 поеми кои биле игнорирани од критичари, иако некои од нив му дале поволни критики. Во 1866 година, жената на Мелвил и нејзините роднини го искористиле нивното влијание да најдат работна позиција за него како царински инспектор за Њујорк (скромно, но добро платено назначување) и тој ја држел таа позиција 19 години. Во озлогласено корумпирана институција, Мелвил наскоро се здобил со репутацијата на еден од најискрените вработени во царинската куќа. Царинската куќа случајно се наоѓала на улицата Гансеворт, именувана по просперитетното семејство на неговата мајка.
Подоцнежните години Мелвил потрошил неколку години во пишување на епопејата од 18.000 стихови, „Кларел“ (во два тома), инспирирана од патување во Светата земја. Неговиот чичко, Петер Гансевурт, платил за издавањето на обемниот еп во 1876 година. Но, неговото издавање било огромен неуспех и непродадените копии биле изгорени, бидејќи Мелвил не можел да си дозволи да ги откупи по набавна цена. Како што неговата професионална среќа слабеела, и бракот на Мелвил бил несреќен. Роднините на Елизабет постојано ја наведувале да го остави и да издејствува да го прогласат за луд, но таа одбивала. Во 1867 година, неговиот најстар син, Малколм, се самоубил, најверојатно случајно. Додека Мелвил работел, неговата жена успеала да го одвикне од алкохолизмот и тој повеќе не покажувал знаци на вознемиреност и лудило. Но, неговата депресија се вратила по смртта на неговиот втор син, Станвикс, во Сан Франциско, во почетокот на 1886 година. Мелвил се пензионирал во 1886 година по смртта на неколку роднини на неговата жена кои оставиле неколку наследства со кои управувала г-ѓа Мелвил.