Владица „Владо“ Лемиќ (роден 1966 година) бил поранешен српски фудбалер и сегашен фудбалски агент (фудбалски работник задолжен за посредување со трансфери или пак за откривање на нови таленти).
Следејќи ја скромната кариера како професионален фудбалер, Лемиќ станал агент за врвни играчи. Ангажирањето на новата позиција му донела огромен успех бидејќи успеал да реализира голем број на трансфери на звучни играчи. Понатаму, поради неговите лични и работни контакти со многу моќни фигури во европскиот клупски фудбал, Владо Лемиќ се наметнал како важна личност зад сцената во спортот.
Клупска кариера Лемиќ најголемиот дел од својата играчка кариера го поминал во екипата на Борац од Бања Лука, натпреварувајќи се во Втората југословенска лига. Инаку, неговите игри не биле доволно забележани и не биле според врвните фудбалски стандарди. Врвот во неговата кариера бил освојувањето на Купот на Југославија 1987–88 на составот на Борац. Познатото финале се одиграло на 11 мај 1988 година на стадионот на Црвена ѕвезда Маракана. Во тоа финале се сретнале големиот аутсајдер Бања Лука и моќниот тим на Црвена ѕвезда од Белград. Сензационално, неверојатно но вистинито, екипата на Борац на крајот победила со резултат од 0:1. Тоа бил прв и еднствен случај еден тим во поранешна Југославија да го освои националниот куп, а да не биде член на Првата сојузна лига. Владица Лемиќ се појавил само во последните 2 минути од натпреварот и плус во судиското надополнување кога главниот тренер на клубот Хуснија Фазлиќ го внел во игра на местото на стрелецот на голот Сенад Лупиќ.
Како резултат на победата во Купот, Владица Лемиќ обезбедил трансфер во белгискиот нисколигашки клуб КФЦ Херенталс.
Подоцна, тој се приклучил на белгискиот прволигаш Лирс СК за времетраење од една сезона. Во тој момент тренер на екипата бил легендарниот белгиски фудбалер Ерик Геретс.
Фудбалски агент
Врска со екипата на ПСВ 1999-2008 година Во 1999 година, неколку години по завршувањето на неговите професионални играчки денови, триесет и тригодишниот фудбалски агент Лемиќ се вклучил во работните тимови на екипата на ПСВ Ајндховен потпомогнат од неговиот поранешен тренер во Лирс, Ерик Геретс. Во тој период Геретс бил главен тренер во екипата од Ајндховен. Ранко Стојиќ, нешто поискусниот српски фудбалски агент и уште еден поранешен фудбалер кој претходно го тренирал Геретс, исто така биле активно вклучени во тој период, во работата поврзана со трансферите на составот на ПСВ. Откако Лемиќ започнал да носи нови играчи во екипата на ПСВ, на почетокот од нископрофилиран карактер како што бил Саша Стојановиќ, младиот агент станал близок и со спортскиот директор на екипата на ПСВ Франк Арнесен.
Првиот значаен трансфер на Владица Лемиќ бил преселбата на дваесет и едногодишниот Матеја Кежман од екипата на ФК Партизан во составот на Ајндховен во текот на летото 2000 година. Младиот напаѓач, кој зад себе имал одлични резултати додека се натпреварувал во Првата лига на СР Југославија достигнал за тој период висока вредност. Се говорело дека екипата на ПСВ исплатила дури 27 милиони германски марки за неговите услуги. Матеја Кежман веднаш станал хит во тимот и по игрите и по постигнатите голови, водејќи го до титулата во Ередивизијата (првата холандска лига). Веднаш тој станал најдобар стрелец во лигата, во неговата прва сезона со клубот, а агентот кој успеал да го пронајде и донесе во тимот, во ситуацијата Лемиќ, бил ставен во позиција со големо влијание во погонот на ПСВ.
Откако спортскиот директор Арнесен си заминал во 2004 година од клубот, Лемиќ изградил одлични односи и со неговиот наследник на местото спортски директор, Стен Валккс. Новиот директор му овозможил на агентот да остане и понатаму влијателна фигура во клубот. Преку мрежата на врски кои ги имал Лемиќ, како што бил неговиот брат Зоран, кој работел со таленти во Јужна Америка, клубот успеал да дојде до многу аквизиции од тој дел на светот. Најпознатите од тој дел на светот биле: бразилскиот голман Хеурељо Гомес, перуанскиот крилен напаѓач Џеферсон Фарфан и талентираниот млад напаѓач Џонатан Реис. Дополнително, Владица Лемиќ подготвил и реализирал договор помеѓу екипата на Челзи и составот на ПСВ за потписите на евентуални и потенцијални играчи на клубот Челзи да бидат испратени во екипата на ПСВ како дел од договори или заеми. Тоа го правел со играчи кои биле во ситуација на исчекување на британска работна дозвола. На овој начин во холандскиот клуб пристигнале дефанзивците Алекс, Алсидес и Слободан Рајковиќ. Стилот на работа на Лемиќ во екипата на ПСВ, бил доста практичен, бидејќи редовно можел да биде во контакт со играчите во клупскиот тренинг комплекс Де Хердганг. Тој одржувал блиски контакти со главните тренери на клубот во тој период: најпрво со Гус Хидинк, а потоа и со Роналд Куман. Во истиот период тој дополнително негувал одлични контакти со луѓето на екипата на Челзи, особено со Пиет де Висер и Франк Арнесен. Овие добри релации на Владица Лемиќ му овозможиле полесно да се зближи со сопственикот на англискиот клуб Роман Абрамович.PSV's financial fight reaches crisis point;ESPN Soccernet, 11 June 2011
И покрај тоа што екипата на ПСВ имала големи успеси на теренот, како и одржувањето на добар финансиски рејтинг во тој период, големото влијание на Лемиќ во Ајндховен било доведено до знак прашалник и ставено под лупа од страна на новиот генерален директор Јан Рекер. Тој ја презел функцијата во месец јули 2007 година, откако екипата на ПСВ претходно одлучила во месец март 2007 година да ја укине функцијата претседател и да ја замени со новата функција на генерален директор. Иако Лемиќ и Рекер, од првиот ден никогаш немале коректни односи, првичната поголема нивна расправија се чини дека бил проблемот со еквадорскиот играч за врска на екипата на ПСВ и воедно и клиент на Лемиќ, Едисон Мендез. Имено, тој во месец декември 2007 година побарал трансфер без знаење на клубот, за да може да се врати и да настапува во Еквадор за да биде поблиску до неговата болна мајка. Клубот неволно се обврзал дека ќе го ослободи, поставувајќи релативно ниска сума за трансфер од само 1 милион американски долари. За Мендез интерес изјавил составот на Спортинг клуб Барселона од Сантјаго де Гвајакил. Сепак, сумата која требало еквадорскиот клуб да ја плати била превисока и целата зделка пропаднала. Еден месец подоцна, во месец јануари 2008 година, пристигнала понуда од мексикански клуб подготвен да плати еден милион долари за Мендез, но директорот на ПСВ Рекер ја одбил таа понуда велејќи дека еден милион долари важеле само за екипи од Еквадор и дека тоа била „пријателски понуда“ за еквадорските клубови, додека клубовите од Мексико ќе мораат исплатат повисока сума. Спортскиот агент на Мендез, Владица Лемиќ, протестирал поради таквиот однос на челниците на клубот и ситуацијата експлодирала токму на 30 јануари 2008 година кога се играло големото дерби во лигата помеѓу екипите на ПСВ и составот на Ајакс.Players’ manager puts pressure on PSV! ;25 April 2008
Иако се чинело дека работите на површината брзо ќе бидат средени во позадината ситуацијата се затегнувала дополнително во наредните месеци бидејќи екипата на ПСВ била во трка за титулата во лигата, а влијанието на Владица Лемиќ во клубот истовремено бил јавно доведен во прашање поради информациите што таборот на директорот Рекер ги објавил во печатените медиуми. Ниту Лемиќ не се воздржал од коментари, бидејќи жестокиот напад на неговиот клиент Хеурељо Гомес врз директорот Рекер во едно интервју во Фудбал Интернационал - спроведено на 20 април 2008 година, само неколку дена по освојувањето на титулата - многумина го сметале за одмазда на агентот Лемиќ спроведан преку полномошникот. Управата и надзорниот одбор на клубот под контрола на Рекер реагирале преку жестоко соопштение објавено на официјалниот сајт на клубот, осудувајќи ја постапката на Гомес. Згрозен од ситуацијата и иритиран од постапките на директорот Рекер, седумдесет и тригодишниот агент Пиет де Висер поднел оставка на функцијата и го напуштил клубот во наредната седмица.
До летото 2008 година надвор од сезоната, агентот Лемиќ и генералниот директор на екипата на ПСВ биле вклучени во голема јавна расправија. Тогаш се откриле многу информации кои во нормални ситуации би останале зад затворени врати. Директорот Рекер си земал за обврска дека ќе го ослободи клубот од влијанието на Лемиќ. Под влијание на Рекер, клубот тврдел дека Владица Лемиќ и техничкиот директор Валккс влегле во голем профит од нивните зделки кои ги склучувале за потребите на составот на ПСВ. Кога ќе се направел одреден трансфер во клубот, Лемиќ наводно испраќал голема сметка до канцеларијата на екипата на ПСВ, дури и кога никој не знаел за неговата вмешаност. Тој, наводно тврдел дека услугите направени како на пример „изладеност на интересот на клубот Х за играчот Y“ и со тоа вештачки да се спуштат трансферите на пониско финансиско ниво или да избледне наводната понуда од странскиот клуб за некој играч на екипата на ПСВ. Во меѓувреме, по истрагата на новинарите на весникот НРЦ Ханделсблад, се појавил договорот на техничкиот директор Валккс со екипата на ПСВ, и покрај условите за неговата плата, тој договор содржел и одредба со која тој заработувал пет проценти од секој заминувачки трансфер во клубот - одредба очигледно потпишана од страна на поранешниот претседател на клубот Хари ван Раај без знаење на надзорниот одбор на клубот. Иако никогаш не било докажано никакво погрешно постапување, Владица Лемиќ добил забрана да може да присуствува во тренинг кампот на клубот, додека техничкиот директор Валккс добил отказ.
Така, Рекер решително ја добил војната за контрола врз екипата на ПСВ, меѓутоа, елиминирајќи го Лемиќ и неговите сојузници во ПСВ, генералниот директор ја елиминирал и огромната мрежа на контакти која ја имал агентот. Дополнително, како директен одговор на забраната која ја добил Лемиќ, неговите клиенти Гомес, Фарфан, Алсидес и Рајковиќ набргу го напуштиле клубот.
Периодот на војна во екипата на ПСВ започнал од 2008 година. Таа се чувствувала и на теренот и надвор од него. Клубот на почетокот на 2000 години доминирал во холандското првенство, кога освоил седум титули во лигата и едно полуфинале во Лигата на шампионите. Но на клубот му требал дополнителни седум години да ја освои својата наредна титула во Ередивизија (првата холандска лига). Откако клубот настапил во Лигата на шампионите 2008-09 и бил елиминиран до празникот Божиќ (25 декември) со само една победа во шест натпревари во групната фаза, тој повторно заиграл во групната фаза од највисокото европско клупско натпреварување дури во сезоната 2015/16.
Останати посредувања Со текот на годините, Владица Лемиќ развил професионален работен однос со фудбалскиот директор на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ и бил клучен во трансферот на играчот Ројстон Дренте од екипата на Фејенорд во составот на Реал во месец август 2007 година. Трансферот бил вреден 14 милиони евра. Тој бил активно вклучен и во тансферот на Клас-Јан Хунтелар кој заминал во месец јануари 2009 година од екипата на Ајакс во Мадрид за сума од 27 милиони евра.
Во месец мај 2008 година, услугите на Лемиќ биле ангажирани од страна на Роман Абрамович од екипата на Челзи кој бил во потрага по нов тренер по отпуштањето на Аврам Грант. Се говорело дека Лемиќ одиграл важна улога во воспоставувањето на контактите со тренерот Карло Анчелоти од екипата на Милан и Лучано Спалети од составот на Рома.Peter Kenyon is sidelined in search for new Chelsea manager;The Times, 10 June 2008 Но, сепак на крајот работата му припаднала на тренерот Луис Фелипе Сколари.