Ципрофлоксацинот е флуорокинолонски антибиотик кој се користи во третманот на бактериски инфекции. Тука спаѓаат инфекции на коските и зглобовите, интраабдоминални инфекции, одредени типови на инфективна дијареа, респираторни инфекции, кожни инфекции, тифоидна треска и уринарни инфекции, помеѓу другите. Кај некои инфекции се користи како дополнителен лек покрај друг антибиотик. Може да се зема преку уста, како капки за очи, уши, или интравенски.
Вообичаени несакани ефекти вклучуваат гадење, повраќање и дијареа. Тешки несакани ефекти вклучуваат зголемен ризик од кинење на тетивите, халуцинација, и оштетување на нервите. Кај луѓето со мијастенија гравис се јавува влошување на мускулната слабост. Стапките на појава на несакани ефекти се чини дека се повисоки од некои групи на антибиотици како што се цефалоспорините, но пониски од некои други, како клиндамицин. Студиите кај животни покренуваат загриженост во врска со нивната употреба за време на бременоста. Меѓутоа, не биле идентификувани проблеми кај децата на мал број жени кои го земале лекот во текот на бременоста. Се смета дека е безбедна неговата примена за време на доењето. Спаѓа во втората генерација на флуорокинолони со широк спектар на дејство.
Ципрофлоксацинот бил патентиран во 1980 и бил воведен во клиничка употреба во 1987. Се наоѓа на Списокот на СЗО на есенцијални лекови. СЗО го класифицира ципрофлоксацинот како критички значаен во хуманата медицина. Достапен е како генерички лек. Во 2025, е триесет и осми најчесто пропишуван лек во Македонија, со повеќе од 168.000 рецепти.
Наводи
Категорија:Антибиотици Категорија:Неопходни лекови според Светската здравствена организација Категорија:Нефротоксини