Македонец () — била фрегата од петти ранг, од типот „Лајвли“, вооружена со 38 топа, која припаѓала на Кралската воена морнарица на Обединетото Кралство. Во 1812 г., за време на Британско-американската војна, била заробена од американските поморски сили и потоа служела во Американската морнарица до 1834 г. под името USS Macedonian.
Служба во Кралската морнарица Фрегатата била изградена во бродоградилиштето Вулвич во Англија во 1809 г., пуштена во вода на 2 јуни 1810 г. и стапила во служба истиот месец под заповедништво на капетан лорд Вилијам Фицрој. Во првиот екипаж бил и 13-годишниот Семјуел Лич, кој подоцна напишал спомени за својата служба. „Македонец“ пренесувал војска во Лисабон, Португалија, по што останал во областа како заштитен брод против можен француски поморски напад за време на Полуостровската војна.
Капетан Фицрој фалсификувал документи на бродот и така злоупотребил со пари, поради што бил осуден од воен суд во март 1811 г. и отпуштен.
Фицрој привремено бил заменет од Вилијам Волдгрејв, кој заповедувал со бродот неколку месеци, по што бил заменет од Џон Сурман Карден. Карден најмил оркестар, што добро било прифатено од екипажот, но не се разбирал со првиот поручник Дејвид Хоуп.
Во јануари 1812 г., „Македонец“ добил наредба тајно да достави меници до Норфолк, Вирџинија, и да врати еквивалент во златни и сребрени монети како дел од шема за одржување на платежната способност на Банката на Англија. За време на посетата, Карден се дружел со месната елита во Норфолк, вклучувајќи го и капетан Стивен Декејтер, но ја провалил својата задача ненамерно издавајќи го планот и се вратил во Лисабон со празни раце. Карден често вечерал со Декејтер и неговата сопруга Сузан, обложувајќи се на дабарова капа за својата победа во можна битка меѓу нивните бродови.
Во септември 1812 г., „Македонец“ добил наредба да придружува брод на Британската источноиндиска компанија до Мадејра, по што требало да крстосува во потрага по плен, додека не му се потрошат залихите.
Битка со „Американец“ „Македонец“ ја напуштил Мадејра на 22 октомври 1812 г. Утрото на 25 октомври се сретнал со фрегатата „Американец“ на Соединетите Американски Држави, со кои Обединетото Кралство од јуни истата година е во војна.
„Американец“ бил под заповедништво на Стивен Декејтер и била тешка фрегата со 44 топа и вкупна тежина на истрел од 864 фунти, наспроти 528-те фунти на „Македонец“. „Американец се свртил по ветрот и го принудил „Македонец“ да го прогонува. По приближувањето на двата брода, за неколку минути тешкиот оган од 24-фунтните топа на „Американец“ ги соборил сите три јарболи на „Македонец“ и го дупнал трупот. Потоа „Американец“ привремено се оддалечил и ги оставил Карден и Хоуп да ја осмислат состојбата. При повторното приближување, Карден го спуштил своето знаме и така „Македонец“ станал вториот британски брод што се предал на Американците за време на војната.
Служба во Американската морнарица Декејтер се потрудил да го зачува „Македонец“ и испратил одред да го поправи, што траел две недели. Потоа, Декејтер се вратил со заробениот брод во Њупорт, Род Ајленд, на 4 декември 1812 г., предизвикувајќи сензација во земјата. На 12 август американската фрегата „Конститјушн“ ја победил британската „Гериер“, но таа била премногу оштетена за да може да биде спасена. Декејтер и неговиот екипаж добиле честитки од Конгресот и од претседателот Џејмс Медисон.
„Македонец“ станал вредна аквизиција за малата американска поморска морнарица. Името на бродот било задржано, а за заповедник бил поставен капетан Џејкоб Џонс. На 24 мај 1813 г., „Американец“, „Македонец“ и слупот „Хорнет“ се обиделе да излезат на отворено море од Стејтен Ајленд преку Сенди Хук. Меѓутоа, теснецот бил чуван од силна британска блокада — два борбени брода и три фрегати. Декејтер ги спровел своите бродови низ пристаништето на Њујорк и преку Хел Гејт влегол во Ист Ривер. Кај Лонг Ајленд, гром го погодил главниот јарбол на „Американец“ и по доцнењето за поправка, малата морнарица стигнала до Монток Поинт, најисточната точка на Лонг Ајленд. Меѓутоа, пред нив имала силна британска блокада и бродовите биле принудени да навлезат во реката Темза, Конектикат, каде што „Американец“ и „Македонец“ останале до крајот на војната, а „Хорнет“ успеал на 14 ноември 1814 г. да се протне покрај блокадата и да излезе на отворено море.MacKenzie, Alexander Slidell. Life of Stephen Decatur: a commodore in the Navy of the United States. C. C. Little and J. Brown — Biography & Autobiography, 1846. стр. 192–195.
На 20 мај 1815 г., за време на Втората берберска војна, „Македонец“ отпловил за Средоземното Море за да се приклучи на ескадрилата од 10 брода на комодорот Декејтер во Алжир. На 17 јуни фрегатата учествувала во заробувањето на алжирскиот предводнички брод, фрегатата „Машуда“, заедно со фрегатите „Констелејшн“ и „Гериер“ и слуповите „Епервиер“ и „Онтарио“ во Битката кај ’Рт Гата. По капитулацијата на Алжир во јули и на Тунис и Триполитанија во август, во текот на три години „Македонец“ патролирал во Средоземното Море и по источниот брег на Соединетите Американски Држави.
Од јануари 1819 до март 1920 г., фрегатата оперирала покрај тихоокеанскиот брег на Јужна Америка, обезбедувајќи помош и заштита на трговските бродови во немирните години на латиноамериканските колонијални бунтови. Во јуни 1821 г. бродот се вратил во Бостон. Во овој период, бродот работел како брод банка, соработувајќи со разни гусари, каде што под заповедништво на капетан Доунс биле оставани големи депозити над 100.000 долари. Морнарите на бродот се жалеле на лошите услови и лошата храна, иако низ нивни раце минувале огромни пари.
Во 1826 г., бродот отпловил за Западните Инди, каде што помогнал во елиминирањето на пиратството. На 11 јуни 1826 г., бродот отпловил од Норфолк за служба во Тихоокеанската ескадрила и се вратил на 30 октомври 1828 г. Истата година бродот бил повлечен од служба и расклопен во Военото пристаниште на Норфолк. Меѓу екипажот на последната пловидба на бродот бил Вилијам Хенри Леонард По.Silverman, Kenneth. Edgar A. Poe: Mournful and Never-ending Remembrance. New York, Harper Perennial, 1991. ISBN 0-06-092331-8. стр. 37
Наводи
Надворешни врски
Figurehead of the Macedonian at the U.S. Naval Academy Radio-Controlled model with additional data and history.
Категорија:Фрегати