Unity (се изговара: Јунити, превод: единство) — меѓуплатформска средина за развој на видеоигри, развиена од американската компанија Unity Technologies. Unity овозможува создавање апликации што работат на повеќе од 25 различни платформи, вклучувајќи лични сметачи, играчки конзоли, преносни уреди, интернет-апликации и други. Првото издание на Unity било објавено во 2005 г. и оттогаш платформата е во постојан развој.

Основни предности на Unity се постоењето на визуелна средина за развој, поддршката за различни платформи и модуларниот систем на компоненти. Како недостатоци често се наведуваат појавата на сложеност при работа со многукомпонентни шеми и потешкотиите при поврзување со надворешни библиотеки.

На Unity се напишани голем број игри, апликации и визуелизации на математички модели што опфаќаат мноштво платформи и жанрови. Притоа, Unity се користи како од големи развојни компании, така и од инди-студија.

Одлики Со силен нагласок на мобилноста, погонот ги поддржува следните интерфејси за програмирање апликации (ППИ): Direct3D на Windows и Xbox 360; OpenGL на Mac и Windows; OpenGL ES на Android и iOS, како и сопствените ППИ на играчките конзоли. Unity овозможува компресија и поставки за резолуцијата за секоја подлога што ја поддржува погонот, и обезбедува поддршка за испапчено мапирање (bump mapping), рефлексно мапирање, паралаксно мапирање, screen space ambient occlusion (SSAO), динамично засенчување со користење на карти за засенчување, текстурно преведување и ефекти за обработка на цел екран (post-processing). Разновидноста на графички платформи на Unity овозможува користење шејдери со повеќе варијанти, дозволувајќи ѝ на програмската опрема да го открие најдобриот избор за тековниот видеохардвер. Доколку ниту еден не е компатибилен, системот се враќа на алтернативен шејдер што може да жртвува одредени одлики за подобра изведба.

Програмата е развиена на „Mono“, програмска опрема со отворен код што претставува имплементација на .NET Framework. Програмерите можат да користат C# (кој е главен јазик), додека во минатото биле поддржани и UnityScript (јазик со синтакса вдахната од JavaScript) и Boo (со синтакса вдахната од Python).

Unity се истакнува со својата способност за развој на игри за различни подлоги. Во рамките на еден проект, развивачите имаат целосна контрола врз извозот за преносни платформи, веб-прелистувачи, сметачи и конзоли.

Подлогите што ги поддржува вклучуваат Windows, macOS, Linux, Android, iOS, PlayStation 4, PlayStation 5, Xbox One, Xbox Series X/S и Nintendo Switch. Вклучува и поддршка за физика преку програмската опрема PhysX на Nvidia. Unity бил прогласен за главен развоен алат за конзолата Wii U на Nintendo, каде што доаѓал вклучен со секоја лиценца за програмирање, што компанијата го нарекла „прв ваков потег во индустријата“.

Наводи

Надворешни врски Матична страница

Категорија:Програмска опрема за Линукс Категорија:Програмска опрема за Mac OS X Категорија:Програмска опрема за Windows