Барикади (), Време на барикадите () или Барикадите од 1991 година () — серија противставување помеѓу Република Латвија и Советскиот Сојуз во јануари 1991 година, кои главно се одвивале во Рига. Настаните се именувани по народниот напор за градење и заштита на барикади од 13 јануари до околу 27 јануари. Латвија, која една година претходно прогласила обнова на независноста од Советскиот Сојуз, очекувала дека Советскиот Сојуз може да се обиде повторно да воспостави контрола над земјата со сила.

По нападите од советскиот ОМОН врз Рига во почетокот на јануари, владата ги повикала граѓаните да изградат барикади за заштита на можни цели (главно во главниот град Рига и блиската Улброка, како и Кулдига и Лиепаја). Шест лица биле убиени во понатамошните напади, а неколку биле ранети при пукања или претепани од ОМОН. Повеќето жртви биле застрелани за време на советскиот напад врз латвиското Министерство за внатрешни работи на 20 јануари, додека едно лице загинало во несреќа при зајакнување на барикадите. Точниот број на жртви меѓу советските приврзаници е непознат. Околу 32.000 луѓе добиле Спомен-медал за учесниците во барикадите од 1991 година за учество или поддршка на настанот.

Позадина

За време на Втората светска војна Латвија била окупирана од СССР двапати (1940/41 и во јули 1944). Во 1985 година, Михаил Горбачов вовел политики на гласност и перестројка, со надеж да ја спаси пропаѓачката советска економија. Реформите исто така ги намалиле ограничувањата врз политичката слобода во Советскиот Сојуз. Ова довело до ненамерни последици, бидејќи проблемите во Советскиот Сојуз и злосторствата на советскиот режим, кои претходно биле тајни и негирани од владата, биле разоткриени, предизвикувајќи незадоволство во јавноста, дополнително продлабочено од војната во Авганистан и Чернобилската несреќа која започнала во април 1986 година. Друга ненамерна последица на гласност за советските централни власти била долго потиснатите национални чувства кои биле ослободени во републиките на Советскиот Сојуз.

Започнале масовни демонстрации против советскиот режим. Во Латвија започнало движење за независност на Латвија. Поддржувачите нанезависноста – Народен фронт на Латвија, Латвиска зелена партија и Латвиско движење за национална независност – победиле на изборите за Врховен совет на 18 март 1990 година и ја формирале фракцијата на Народниот фронт, оставајќи ја прoсоветската фракција Еднакви права во опозиција.

На 4 мај 1990 година, Врховниот совет, кој потоа станал познат како Врховен совет на Република Латвија, прогласил обнова на независноста на Латвија и започнал сецесија од Советскиот Сојуз. СССР не ги признал овие дејствија и ги сметал за спротивни на советските федерални и републички устави. Како резултат на тоа, се зголемила тензијата во односите меѓу Латвија и Советскиот Сојуз, како и меѓу движењето за независност и просоветските сили, како што се Меѓународниот фронт на работничкиот народ на Латвија (Интерфронт) и Комунистичката партија, заедно со нејзиниот Селатвиски јавен комитет за спас.

Закана од советска воена интервенција Просоветските сили се обидувале да предизвикаат насилство и да ја преземат власта во Латвија. Серија бомбашки напади се случиле во декември 1990 година, а маршалот Дмитриј Јазов признал дека војската била одговорна за првите четири напади, додека сторителите на другите напади остануваат непознати; тогашниот прокомунистички печат ги обвинувал латвиските националисти.

Владата на Советскиот Сојуз и други просоветски групи се заканувале дека ќе биде воведена вонредна состојба која би му дала неограничени овластувања во Латвија на претседателот Горбачов и дека ќе биде употребена воена сила за „воспоставување ред во Балтички држави“. Во тоа време, советски трупи, единици на ОМОН и сили на КГБ биле стационирани во Латвија. На 23 декември 1990 година, голема борбена група на КГБ била откриена во Јурмала. Во тоа време се ширеле гласини дека ќе има државен удар и ќе биде воспоставена диктатура. Министерот за надворешни работи на Советскиот Сојуз Едуард Шеварнадзе наводно го потврдил ова кога поднел оставка на 20 декември 1990 година, изјавувајќи дека доаѓа диктатура.

На 11 декември 1990 година, Народниот фронт објавил соопштение дека нема потреба од атмосфера на страв и хистерија во она што било наречено „час X“ – моментот кога претседателот би добил неограничена власт – и дека секој треба да биде подготвен да размисли што би направил ако тоа се случи. Народниот фронт исто така дал предлози што треба да се направи до и по „часот X“, доколку советските сили успеат. Овие планови вклучувале активности за поддршка на независноста и привлекување внимание од меѓународната јавност, приклучување кон доброволни чуварски единици, објаснување на Русите во Латвија, особено на воените лица, дека идеите на Народниот фронт се слични на оние на руските демократи. Исто така било повикано на заштита на економијата и обезбедување проток на информации.

Во случај на успешно воспоставување советска контрола, овој план предвидувал кампања на граѓанска непослушност – игнорирање на сите наредби и барања на советските власти, како и на сите советски избори и референдуми, поткопување на советската економија преку штрајкови и со строго следење на сложените советски производствени инструкции со цел да се парализира производството, помагање на движењето за независност да продолжи да работи нелегално и вклучување на неговите поддржувачи во работата на советските институции. Конечно, внимателно документирање на сите злосторства што би можеле да ги извршат советските сили за време на вонредната состојба.

Напади во почетокот на јануари

На 2 јануари 1991 година ОМОН ја зазел Прес Намс, националната печатница на Латвија и нападнал криминалистички полицајци кои го документирале настанот. Врховниот совет одржал седница на која било соопштено дека директорот на печатницата бил држан како заложник, додека на другите работници, иако физички и вербално малтретирани, им било дозволено да ја напуштат печатницата. Врховниот совет официјално го признал заземањето на печатницата како незаконски чин од страна на КПЛ.

Народниот фронт организирал протести пред зградата на Комунистичката партија. Печатницата била делумно парализирана бидејќи продолжила да печати само просоветски медиуми.

На 4 јануари ОМОН ја зазел телефонската централа во Вецмилгравис, се претпоставува дека тоа било затоа што телефонските линии што ги користел ОМОН биле прекинати. Потоа, ОМОН го зазел Министерството за внатрешни работи, но телефонот не бил исклучен од страв дека ОМОН ќе ја нападне меѓународната телефонска централа.

Спротивно на тврдењата на офицерите на ОМОН, Борис Пуго и Михаил Горбачов тврделе дека не биле информирани за овој напад. Во меѓувреме, советската војска била во движење – истиот ден разузнавачка единица пристигнала во Рига.

На 7 јануари, по наредба на Михаил Горбачов, Дмитриј Јазов испратил командоси во неколку републики на Советскиот Сојуз, вклучително и Латвија.

На 11 јануари бил одржан Воениот совет на Балтичкиот воен округ. Било одлучено советските офицери и питомци да бидат вооружени со митралези. Отворено движење на советски трупи и оклопни возила било забележано по улиците на Рига. На 10 јануари биле одржани неколку состаноци и од страна на про-независните и од страна на просоветските движења. Интерфронт одржал состанок на кој се барало оставка од владата на Латвија. Околу 50.000 луѓе учествувале и се обиделе да влезат во зградата на Советот на министри откако биле повикани на тоа од воени лица.

Изградба на барикадите

На 11 јануари, советската војска започнала напад врз соседната на Латвија, Литванија.

На 12 јануари, Народниот фронт објавил повик за национални демонстрации што требало да се одржат на 13 јануари во поддршка на легално избраната влада на Латвија и за заштита на стратешките објекти. Претседателството на Врховниот совет го повикало советското раководство да ги повлече своите воени сили од Балтичките држави. Лидерите на латвиската влада се сретнале со Горбачов, кој дал уверување дека нема да се употреби сила. Таа вечер, Народниот фронт, откако дознал дека советските сили во Литванија ја нападнале телевизиската кула во Вилнус и убиле 13 цивили, ги повикал граѓаните да се соберат за одбрана на стратешките објекти. Поради заедничките напори на балтичките држави во претходните години за повторно стекнување независност во рамките на Распеаната револуција, нападот врз една од нив бил сфатен како напад врз сите.

Во 4:45 часот на 13 јануари, преку латвиското радио било емитувано соопштение од Народниот фронт со повик граѓаните да се соберат на плоштадот кај Ришката катедрала. Во 12:00 часот се одржала седница на Врховниот совет посветена на одбранбени прашања. Во 14:00 започнала демонстрацијата на Народниот фронт, на која се собрале околу 700.000 луѓе; советски хеликоптери фрлале воздушна пропаганда со летоци со предупредувања врз толпата. Народниот фронт ги повикал луѓето да изградат барикади. Врховниот совет одржал уште една седница по демонстрацијата, а пратениците биле замолени да останат во зградата преку ноќ. На вечерната седница бил упатен повик до советските војници да не ги почитуваат наредбите за употреба на сила против цивили.

Како што паднала ноќта, по наредба на владата, земјоделски и градежни машини и камиони натоварени со дрва пристигнале во Рига за изградба на барикади. Камиони, градежни машини и земјоделска механизација биле донесени во градот за блокирање на улиците. Луѓето веќе се собирале во текот на денот. Дел од нив се собрале на плоштадот кај Ришката катедрала, како што било побарано, а други пристигнале по пладневната демонстрација. Меѓу нив имало колеги и студенти, организирани од работни организации и образовни институции. Пристигнувале цели семејства, вклучувајќи жени, постари лица и деца. Дотогаш повеќето биле психолошки подготвени дека може да се случи нешто. Луѓе пристигнувале од целата земја. Барикадите главно се сметале за форма на ненасилен отпор, при што луѓето биле подготвени да формираат човечки штит. Сепак, многумина се вооружиле со што било достапно – од метални предмети до специјално изработени штитови и средства за цивилна одбрана. Некои подготвиле и молотови коктели, но тие биле одземени заради безбедност. Латвиската милиција била вооружена со автоматско оружје и пиштоли.

Подоцна латвиската влада била критикувана дека не обезбедила оружје, иако го имала, што било потврдено кога ОМОН го зазел Министерството за внатрешни работи и одзел значителна количина оружје (се тврдело дека имало околу 200 огнени оружја).

Камионите биле натоварени со градежен отпад, дрва и друг материјал. Користени биле и големи бетонски блокови, ѕидови, жични препреки и други материјали. Изградбата започнала вечерта на 13 јануари и траела околу три часа. Главните стратешки објекти биле зградите на Врховниот совет (Стариот град кај катедралата Свети Јаков), Советот на министри (центарот на градот кај катедралата Рождество Христово), Латвиска телевизија (на Закусала), радиото (Стариот град кај катедралата), меѓународната телефонска централа (центарот на градот), радиостаницата во Улброка и мостовите. Барикади биле изградени и во други делови на земјата, вклучително и во Лиепаја и Кулдига.

Посебно внимание било посветено на документирање на настаните, не само за евиденција и лични спомени, туку и за да се покаже на светот што се случува. Околу 300 странски новинари работеле во Рига во тоа време. Латвиската влада се грижела странските медиуми постојано да добиваат информации.