Бранко Црвенковски ( во ) — македонски политичар од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и поранешен претседател и премиер на државата. Во текот на својата политичка кариера бил премиер на Македонија во периодот од 1992 до 1998 и од 2002 до 2004 година, како и претседател на Македонија од 2004 до 2009 година.
Млади години Роден е на 12 октомври 1962 во Сараево, НР Босна и Херцеговина. Во 1963 година, неговото семејство се вратило да живее во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1980 година, тој се запишал на Електротехничкиот факултет во Скопје, отсек за информатичка технологија и автоматика. Факултетот го завршил во 1985 година.
Политичка кариера Активната политичка кариера на Бранко Црвенковски започнала во 1990 година, кога станал член на Претседателството на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ).
Премиер на Македонија Во 1990 година, на првите повеќепартиски избори во Македонија, која сè уште се наоѓала во рамките на СФР Југославија, избран бил за шеф на Изборниот штаб на СКМ, а по ова и за пратеник во првиот состав на Собранието. Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент Црвенковски бил потписник на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија. Претходно, Црвенковски бил Директор на Семос.
Во април 1991 година Црвенковски бил избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На 5 септември 1992, тој станал вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија. Со 29 години, тој бил најмладиот премиер во Европа во тој период. Како премиер и политичар, Бранко Црвенковски ја промовирал идејата за учество на партиите на Албанците во Владата на Република Македонија. Тој успеал да формира широка коалиција со Либералната партија, Социјалистичката партија и Партијата за демократски просперитет, во која членувале само Албанци.
Вториот премиерски мандат (за уште 4 години) го добил по изборите во декември во 1994 година. Во периодот 1994-1998 Македонија успеала да стане член на повеќе меѓународни организации, како што се: Организацијата на Обединетите нации (ООН), ОБСЕ и Советот на Европа. Црвенковски исто така е потписник на првиот договор со ММФ и Светска Банка.
thumb|десно|250px|Претседателот Бранко Црвенковски со папата Бенедикт XVI
Водач на опозиција По поразот на парламентарните избори во 1998 година, од 1998 до 2002 година бил водач на опозицијата во македонското собрание. Поради започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучил кон Владата на политичко единство, која била формирана со цел да запре кризата во земјата.
Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и водач на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и со водачите на Партијата за демократски просперитет, Имер Имери, и на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор од Охрид.
Премиер на Македонија На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освоил власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“, при што со политичките сојузници од коалицијата освоиле 60 од вкупно 120 пратенички места во парламентот. Така по крајот на изборите, во 2002 година повторно застанал на премиерската позиција.
Претседател на Македонија
мини|лево|Средба на претседателот Бранко Црвенковски со претседателот на Русија, Дмитриј Медведев во Санкт Петербург, 7 јуни 2008 На третите вонредни Претседателски избори во Република Македонија, во вториот круг одржан на 28 април 2004, Бранко Црвенковски бил избран за претседател на државата. Црвенковски, кандидат на СДСМ и тогашен премиер на Република Македонија освоил 553.520 гласови, или 62,70% од гласовите, додека неговиот противкандидат Сашко Кедев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, освоил 329.271 гласови, или 37,30%.
На 12 мај 2004 ја презел функцијата претседател и се повлекол од премиерската положба и претседателската функција во партијата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија станала земја-кандидат за прием во Европската унија. На функцијата Претседател на Македонија се задржал до 12 мај 2009 година.
Водач на опозицијата На 24 мај 2009 г. Бранко Црвенковски повторно застанал на чело на Социјалдемократскиот Сојуз. По јунскиот конгрес на СДСМ (2 јуни 2013), Бранко Црвенковски бил заменет со Зоран Заев како претседател на СДСМ.
Наводи
Надворешни врски
Поранешен претседател на РМ - Бранко Црвенковски
Категорија:Живи луѓе Категорија:Политичари од Скопје Категорија:Југословенски политичари Категорија:Претседатели на Македонија Категорија:Премиери на Македонија
Категорија:Пратенички состав 1991-1994 Категорија:Пратенички состав 1998-2002 Категорија:Политичари од СДСМ Категорија:Апсолвенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии - Скопје Категорија:Македонци во Босна и Херцеговина