Chenopodiastrum hybridum е вид цветно растение од семејството Amaranthaceae. Потекнува од Европа и Азија.

Опис Едногодишно растение високо до 100 цм. Младите растенија со слабо брашнест налеп, а старите се голи. Стеблото неразгрането или разгрането, и тоа најчесто во горниот дел. Листовите последователни. Лисната ламина голема, 1,5 пати подолга отколку широка, јајцевидно- триаглеста, во основата рамна или слабо срцевидна, по работ на секоја страна со по 2-4 големи запци кои најчесто се триаглести и на врвот заострени, а врвот на ламината завршува со долг заострен дел. Горната страна на листот појако, а долната послабо светликава. Лисната дршка јака, за 1/2 до 1/4 покуса од ламината и со надолжни ребра. Цветовите хермафродитни, групирани во групи, а тие пак во едно ретко метличесто соцветие кое во најгорниот дел е без листови. Ливчињата на перијантот 5, поретко 6, широко-елиптични, во долната третина сраснати помеѓу себе, голи или со поединечни меурести влакна, зелени, со широк бел ципест раб, на врвот грбесто подуени, делумно го покриваат плодот. Кај незрелите плодови ливчињата на перијантот прилегнати кон него, а кај зрелите тие делумно се расперени. Прашниците 5; филаментите широко-лентовидни. Жиговите 2-3, кончести и папилозни. Перикарпот жолтеникаво-кафеав, скоро залепен кон семката. Семките вертикално сплескани, хоризонтални, лековидни, црни, светликави и со длабоки вдлабнатинки.

Распространетост во Македонија Chenopodiastrum hybridum расте по ѓубришта, обработливи површини и покрај патишта.

Нема доволно податоци за распространувањето на овој вид. Познат е само за Скопје - Водно.

Наводи

Категорија:Флора на Виетнам Категорија:Флора на Европа Категорија:Диволободови Категорија:Флора на Македонија