Европска Унија (ЕУ) — наднационален и меѓувладин сојуз (заедница) на земји во Европа. Претставува најголемата конфедерација на независни држави во светот, основана под ова име во 1993 со Договорот за Европска Унија (Мастришки договор). Сепак, многу аспекти од Унијата постоеле и пред оваа година преку низа на претходни договори кои датираат од 1951 г.
Активностите на ЕУ ги покриваат сите области на јавната политика, од здравството и економската политика до надворешната политика и одбраната. Сепак, опсегот на нејзините овластувања многу се разликува во зависност од дадената област. Во зависност од областа за која станува збор, ЕУ може да претставува:
федерација (на пример, во монетарните работи, во аграрната, трговската и еколошката политика); конфедерација (на пример, во социјалната и економската политика, заштитата на потрошувачите, внатрешните работи); меѓународна организација (на пример, во надворешните работи).
Клучна активност на ЕУ е основањето и управувањето со заедничкиот единствен пазар, кој се состои од царинска унија, единствена валута (која е усвоена од 20 од 27-те земји членки), заедничка аграрна политика и заедничка рибарска политика.
Најважни институции на ЕУ се Советот на Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот суд на правдата.
Статус
Унијата нема моќ да пренесува дополнителни овластувања од државите на себе без нивна согласност преку некои идни меѓународни договори. Понатаму, во многу области државите членки се откажаа од релативно малку национален суверенитет, особено во клучните области за националните интереси како што се надворешната политика и одбраната. Оваа уникатна структура значи дека можеби е најдобро на ЕУ да се гледа како на ентитет sui generis.
На 29 октомври 2004, европските шефови на држави и влади го потпишаа Договорот за основање Устав за Европа. Тој е ратификуван од некои држави членки и моментално чека ратификација од останатите членки. Сепак, овој процес влезе во криза кога на 29 мај 2005 мнозинството од француските граѓани го отфрлија Уставот преку референдум со 54,7% гласови против. По француското “не” по три дена, на 1 јуни и холандските граѓани го отфрлија Уставот со 61,6% од гласовите против.
Поради тоа, моменталниот и идниот статус на ЕУ продолжува да биде предмет на политички контроверзи, со значително различни гледишта како внатре така и помеѓу државите членки. Оваа дебата доби на интензитет по отфрлањето на Уставот од француските и холандските гласачи.
Тековни прашања
Главните прашања со кои моментално се соочува Европската Унија се однесуваат на структурата, процедурите и политиките, на усвојувањето, напуштањето или прилагодувањето на новиот уставен договор, на понатамошното проширување кон југ и исток, на решавањето на проблемот на фискалната и демократската одговорност и на ревизијата на правилата на Пактот за стабилност и раст, идниот буџет и заедничката аграрна политика.
На следната меѓувладина конференција, која се одржува на секои шест месеци и на која присуствуваат шефовите на држави и влади на државите членки, ќе биде потребно државите членки да одлучат околу алоцирањето на средствата од буџетот на ЕУ. Покрај буџетот државите членки треба да преговараат и во врска со “Финансиските перспективи” околу кои се преговара секои седум години. Следните “Финансиски перспективи” ќе се однесуваат на периодот 2007-2013. Најконтроверзните прашања околу буџетската политика се британскиот рабат, користа на Франција од заедничката аграрна политика, крупните придонеси на Германија и Холандија кон буџетот на ЕУ и реформата на Европските фондови за регионален развој. Многу коментатори предвидуваат дека расправата околу овие прашања ќе предизвика големи поделби помеѓу владите како оние на Франција и Германија, кои се залагаат за поголем буџет и за пофедериран сојуз и владите на оние како Британија, кои бараат потенок буџет и кои се залагаат со повеќе средства да се префрлат во науката и технологијата (и чија заштитна парола е модернизацијата.
Потекло и историја
Обидите за обединување на различните европски народи им претходат на модерните држави; тие постојано се случувале во историјата на континентот. Пред 3.000 години со Европа владееја Келтите, а потоа неа ја освои Римската Империја. Овие рани обединувања беа создадени преку сила. Царството на Франките на Карло Велики и Светото Римско Царство стотици години обединуваа големи области под лабава власт. Понеодамна, царинската унија на Наполеон на почетокот од 19 век и освојувањата на нацистичка Германија во 1940-тите имаа само минлива природа.
Имајќи ја предвид хетерогениот збир на јазици и култури во Европа, овие обиди обично вклучуваа воено потчинување на народи кои не сакаа да бидат под дадената власт, што од своја страна водеше кон нестабилност. Еден од првите предлози за мирно обединување преку соработка и рамноправност на членките го даде познатиот француски писател Виктор Иго во 1851. По катастрофите од Првата и Втората светска војна, во голема мера се зголемија стремежите за основање на (она што подоцна стана) Европска Унија, поттикнати од желбата за обнова на Европа и за отстранување на можноста од нова војна на европскиот континент. Ова расположение водеше до основањето на Европската заедница за јаглен и челик од страна на СР Германија, Франција, Италија и земјите од Бенелукс. Ова беше направено преку Договорот од Париз, кој е потпишан во април 1951, а стапи во сила во јули 1952.
Првата целосна царинска унија изворно беше позната како Европска економска заедница (во Британија неформално нарекувана “заеднички пазар”) и беше основана со Договорот од Рим во 1957, а стапи во сила на 1 јануари 1958. Таа подоцна беше променета во Европска заедница, која сега го претставува “првиот столб” на ЕУ. Така, со текот на времето, ЕУ еволуира од трговско тело до економски и политички ентитет.
Држави членки и проширување Преговори за членство во ЕУ Процесот на пристапување кон ЕУ бара секоја нова земја-членка да ги усвои бројните закони и прописи на ЕУ содржани во законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Со критериумите за членство (Копенхагенски критериуми од 1993 и Мадридски критериум од 1995) што треба да ги исполнат земјите-кандидати, Европската Унија поттикнува промена и прилагодување на законодавството, политиките и институциите во земјата-кандидат, со цел да се достигнат и да се заштитат вредностите и нормите кои ги има поставено ЕУ.
На состанокот на Европскиот совет во Копенхаген било заклучено дека: „Придружните земји во Средна и Источна Европа, кои би сакале, ќе бидат членки на ЕУ. До пристапувањето ќе дојде штом одредени држави ќе станат способни да ги прифатат условите за членство (правен услов) со истовремено исполнување на економските и политичките услови.“Bekx, P. (1998), “The implications of the Introduction of the Euro for non-EU countries”, Euro Papers, 26, European Commission, Bruxselles. Критериумите за прием на нови земји во ЕУ, кои ги утврдил Европскиот совет на самитот во Копенхаген во јуни 1993 година, се однесуваат на политичките и економските услови што ги налага Договорот за функционирање на ЕУ (Член 49 и принципите наведени во член 6(1) од Консолидираната верзија на Договорот за функционирање на ЕУ (OJ. EU C83/102, 30.03.2010), како и на обврската за транспонирање на европското во националното право на земјата за да може таа да ги преземе обврските што произлегуваат од членството. Овие критериуми што земјата со кандидатски статус треба да ги исполни за време на пристапните преговори за прием во ЕУ, се познати уште и како „Копенхагенски критериуми“, поради самитот каде што за првпат се утврдени. Напредокот на земјата-кандидат во исполнувањето на критериумите за прием го следи Европската комисија, за што доставува годишен извештај до Советот.
За да стане членка на ЕУ, земјата-кандидат мора да исполни три критериуми: политички критериуми: стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата. економски критериуми: постоење функционална пазарна економија, како и капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили кои владеат во Европската Унија; институционални критериуми: земјите-кандидати мора да го усвојат, применуваат и да го спроведуваат целокупниот пакет на политики и мерки од законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Тоа значи способност за преземање на обврските од членството, вклучувајќи придржување кон целите на политичката, економска и монетарна унија. Ова бара и доволен административен капацитет на земјата-кандидат за транспонирање на европското во националното законодавство, за негова примена, и за ефикасно спроведување преку соодветни административни и судски структури.
Подоцна сите критриуми (политички, економски и правни) за пристапување кон ЕУ станале познати како копенхашки критериуми. Малку подоцна, во 1995 година, кон нив биле додадени и мадридските критериуми, кои поставила дополнителна обврска кон државите-кандидати, да создадат услови за интеграција со прилагодување на своите административни структури. Со други зборови, на политичките, економските и правните критериуми од Копенхаген, додадени се и административните критериуми од Мадрид, со што бил заокружен целокупниот пакет на критериуми за влез во Европската унија.Fontaine, P. (2004), “Europe in twelve lessons”, European Commission, Bruxelles Мадридскиот критериум од 1995 (Совет на ЕУ, Мадрид, 1995) укажува дека усогласувањето на националното законодавство со европското законодавство само по себе не е доволно, туку неопходно е земјите-кандидати да изградат административни капацитети кои ќе бидат доволни за спроведување на законодавството. Уште повеќе, во случајот на централната банка, постоењето силен административен капацитет е важна претпоставка во остварувањето целосна независност и капацитет на централната банка, што претставува основно барање на европското законодавство во делот на Економскиот и монетарен сојуз. Од земјата-кандидат најпрво се бара во националното право да го транспонира целокупното множество на политики и мерки од законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Бидејќи усвојувањето на законодавството на ЕУ (acquis communautaire) не е цел сама за себе, за исполнување на институционалните критериуми од земјата-кандидат се бара да создаде и услови за негова примена и спроведување преку соодветно прилагодување на административните и судските капацитети.
Конечната одлука за отворање на преговорите ја донесува Советот на ЕУ со едногласност на сите земји-членки. Процесот на преговори се состои од неколку фази:НБРМ, „Информација за институционалните предизвици на НБРМ во процесот на приближување кон ЕУ и ЕМУ“, Скопје, февруари, 2008. процесот на скрининг (screening), како прва фаза од процесот на преговори, во којшто Европската Комисија го презентира целокупното законодавство што земјата треба да го транспонира во националното законодавство за секое поглавје одделно. Истовремено, земјата-кандидат ги презентира постигнувањата во делот на усогласувањето со законодавството во секое поединечно поглавје од европското законодавство; подготовка на „ Извештај за завршен скрининг (Screening Report)“ од страна на Европската комисија, согласно со наодите од извршениот скрининг, во кој се содржани сите недостатоци во однос на законодавството и административниот капацитет, а кои ќе треба да се пополнат во текот на преговорите;