Витолиште — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.

До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, која ги опфаќа селата во областа Мариово.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Панорамски поглед на селото Витолиште

Меѓу населението постои легенда за основањето и настанокот на името на селото, која вели дека во некое многу дамнешно минато во овој крај живееле тројца браќа „Вито“, кој се населил и го основал Витолиште, „Гале“ кој заминал преку Трибор и го основал Галиште во тиквешко Мариово и „Раде“ кој заминал преку Дрен Планина и го основал Радобил.Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 24 мај 2015

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Влезот во село Витолиште

Селото се наоѓа во прилепскиот дел на областа Мариово, во југоисточниот дел на територијата на Општина Прилеп, чиј атар се издига на планината Козјак, каде што се допира со подрачјето на Општина Кавадарци. Селото може да се смета како рурален центар за останатите села во областа. Селото може да се смета како ридско, сместено на надморска височина од 830 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 46 километри.

До селото води асфалтираниот регионален пат 1107.

Витолиште е сместено во подножјето под источната падина на планината Козјак, од десната страна на Црна Река во пределот познат како Старо Мариово. Веднаш југоисточно над селото се издигнува густа мешовита шума со особена застапеност на квалитетен црн бор, над која што се издигнува познатиот превој Трибор (1.442 м.) преку кој води патот кон тиквешкиот дел на Мариово, како и највисоките врвови на планината Козјак — Балтова Чука (1.822 м.), Перун (1.703 м.), Српјановец (1.540 м.) и Ковачевска Чука (1.566 м.). Според ваквата местоположба селото Витолиште се наоѓа токму во средишната точка помеѓу мариовските села Полчиште веднаш на југ, Бешиште на југозапад, Манастир и Мелница со познатиот манастир „Св. Илија“ на запад, Живово и Врпско на север и Рожден, Мрежичко и Клиново на исток во тиквешкиот односно кавадаречки дел на Мариово. Поради ваквата местоположба од Витолиште водат повеќе земјени и шумски колски патишта во правец на сите овие села, кои најчесто се користат за шумарството.

Витолиште е најголемото село во прилепскиот дел на Мариово и претставува негов природен рурален центар, поради што до 2004 година тоа било седиште на истоимената општина, а денес — село во најјужниот дел на Општина Прилеп.

Селото Витолиште и неговата околина е честопати опишувано во делата на македонскиот писател Стале Попов.

Историја

300п|мини|десно|Камена плоча со римски натпис крај селската чешма во Витолиште

Витолиште е едно од најстарите и најголемите села во Мариово. За присуството на луѓе и организиран живот на овој сведочат и повеќето археолошки наоѓалишта и наоди од праисториски и античко време, меѓу кои е и една камена плоча со римски натпис која стои веднаш крај селската чешма.

Најстариот запис во кој се споменува селото Витолиште потекнува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 80 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 112 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 188 домови во 1519 година и 204 домаќинства во 1528/29 како и големо намалување на 55 семејства во 1544/45 година. Во овој период Витолиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската Каза.

Тоа било најголем производител на пченица, градинарски производи и едно од малкуте села кои одгледувале лен, а поради својата големина и богатство тоа плаќало и најголем данок во цело Мариово. Од овие записи се знае дека во првата половина на XVI век Витолиште било село во кое се одгледувале најмногу свињи и пчелни кошници, а имало и 7 воденици и овоштарски расадници (хасса-поседи).

За големината на селото Витолиште во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за запишал дека селото имало 200 куќи со нова црква Свети Атанасија и стара црква Свети Никола.

Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во времето на револуционерните и народноослободителни борби во Мариово, посебно во селата во битолскиот дел, била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Витолиште било до линијата на нејзината граница. Во 1903 година по крвавото задушување на Илинденското востание, дејството на борбите се пренесува во Мариово при што е нападнат турскиот гарнизон во Витолиште. На почетокот на XX век во 1909 година со отворањето на трикласно учичиште со интернат, Витолиште станува и образовно средиште на Мариово.

За време на НОВ во Втората светска војна партизанските единици во два наврати го нападнале рудникот на Лигураса над село Витолиште кој го експлоатирале Германците при што неколку борци ги положиле своите животи во тие борби, меѓу кои и народниот херој Манчу Матак. Во спомен на загинатите борци во овие борби во НОБ постои споменик во Витолиште и на месноста Лигураса.

Во селото постои уште една спомен-чешма со поставена плоча за паднатите борци во НОБ.

Стопанство

300п|мини|десно|Поглед на селото

Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 63,3 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 3.132 хектари, на шумите отпаѓаат 1.428 хектари, а на обработливото земјиште 1.424 хектари.

Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во селото работи продавница, која се наоѓа близу до селската чешма.

Местоположбата на селото е доста поволна за сите типови на земјоделство односно, во зарамнетиот дел на запад и југ од селото се одгледуваат житни и поледелски култури, во долината на реката Бутурица се напасува и напојува крупниот добиток - кравите и воловите како и ситниот - овците за кој постојат неколку бачила на падините југоисточно од селото. Кон југ и исток на падината на Козјак и Трибор е застапена густа, разновидна и многу квалитетна шума од која се истакнува особената застапеност со висококвалитетни дрва од црн бор. Во понискиот дел на шумата се напасуваат козите. Од поледелеството застапено е одгледувањето на жита, најмногу пченица и пченка, а градинарството опфаќа одгледување на пиперки, домати (патлиџани), кромид, лук, морков и марула, најмногу за сопствени потреби. Во рамки на сточарството е застапено одгледувањето на сите видови на добиток: крупен - крави, волови, телиња и свињи како и ситен - овци и кози. Од добиените и помешани видови на млеко во значајни количества се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење, чие производство во денешно време бележи мал пад во обемот поради долготрајноста на производниот процес и познавањето на вештините на малубројното население и сточари, но држи постојана, стабилна и висока цена. Биеното сирење најмногу се продава на пазарите во Прилеп, Битола и Скопје.

Дел од населението се занимава и со пчеларство и производство на квалитетниот и познат мариовски - ливадски и боров мед, како и со овоштарство односно одгледување на јаболка, круши, сливи, цреши во помали размери.

Поради големата застапеност на густа и разновидна високовалитетна шума, значајна стопанска дејност во Витолиште е и шумарството. Поради потребите за сечата на дрво за огрев, градежништво и производство на мебел подружницата „Црн Бор“ од Прилеп на ЈП „Македонски Шуми“ на влезот на Витолиште има свој објект - пункт со стовариште. Дрво за огрев и градежништво од шумата јужно и источно кон Трибор се сече од шумските стопанства „Црн Бор“ од Прилеп и „Бор“ од Кавадарци како и од дрвно-индустриските претпријатија „Современ дом“ од Прилеп и „Треска“ од Кавадарци, а на север кон Живово и Врпско ја сечат претежно приватни сопственици на шуми чиишто камиони го оштетуваат патот, на што се жалат мештаните.

На атарот на селото во правец на Живово и Врпско има рудни наоѓалишта на кои е застапено и рударството на железни руди и минерали и ископот на градежни материјали. Големи рудни наоѓалишта на железо и хром се наоѓаат и во рудникот ’Ржаново преку Трибор во тиквешко Мариово во кој се ископува руда за ФЕНИ. На мостот крај реката Бутурица непосредно пред селото Витолиште електроенергетската компанија ЕЛЕМ со помош и поддршка од македонската влада, домашни и странски научни установи и експерти вршат истражувања на ископ на јагленова руда за производство на електрична струја.

Население

Според податоците на Васил К'нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Витолиште живееле 1225 жители.К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 247.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Витолиште имало 1320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 162-163.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Витолишта се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 200 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.

Меѓутоа, од Витолиште се иселил голем број од населението. Така, во 1961 година селото броело 1.291 жител, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 290 жители, македонско население.

Витолиште, како и останатите мариовски села, и покрај поволните услови како постоење на пат, општествени, услужни и стопански установи го опфатило процесот на масовно иселување на населението.

На почетокот на XXI век во Витолиште по долги години беа родени неколку новороденчиња, Наталија Цветкоска, Петар и Давид Чакрески, кои поради потребите за посетување на училиште денес повремено живеат и престојуваат во градот Прилеп.

Според пописот од 2002 година, селото Витолиште броело 170 жители, од кои 167 Македонци, 2 Срби и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, сите Македонци.

Родови

Селото Витолиште отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со македонски православни родови.

Поради далечината и непристапноста на Мариово, речиси сите родови се староседелски или старинци доселени од околните и соседни мариовски места, а многу мал дел водат подалечно потекло од соседната област Меглен.

Родови и семејства кои живеат во Витолиште се: Чакревски, Биновски, Ристевски, Шаоски, Најдовски, Цветкоски и други.

Иселеништво

Поради отсуството на стратегија за еднаков економски развој на локално и национално ниво, мариовците се иселуваат во општинските градски центри кои владеат со територијата на Мариово како Прилеп, Битола и Кавадарци, а исто така својот личен економски опстанок го бараат и надвор од границите на Македонија. Најмногу ги има во Австралија, Канада и Франција.

Општествени установи

Поради постоењето на општината Витолиште во минатото, селото и денес поседува бројни општествени установи, со што и понатаму продолжува да претставува средиште на овој дел од Мариово.

Поранешно основно училиште — моментално е пропаднато и не е во состојба за понатамошни предавања на новите генерации на ученици. Пошта (7508) — затворена од 2007 година. Поранешна здравствена амбуланта Полициска станица Месна заедница Центар за ревитализација на Мариово

Самоуправа и политика

мини|десно|300п|Грб на поранешната Општина Витолиште.

Во век, Витолиште било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.