Караџичка матерка или Thymus karadzicensis Matevski & Micevski претставува ендемит во флората на Македонија од семејството Lamiaceae, откриен и опишан од страна на македонските таксономи и флористи професори Владо Матевски и академик Кирил Мицевски. Познат е само за планината КараџицаMatevski, V., Micevski, K., Sekovski, 1990. Thymus karadzicensis Matevski & Micevski spec. nov. in der flora von Makedonien. Razprave IV razreda SAZU. 31(11):169-178. Ljubljana.

Опис и распространетост Караџичката матерка е повеќегодишно тревесто растение кое достигнува висина до околу 10 сантиметри. Неговото стебло е неразгрането и ползечко, а на врвот се развиваат неплодни изданоци. Цветните гранки се високи 3–6 сантиметри, наредени по должината на стеблото, со кратки стрчести и густи жлездести влакненца кои го покриваат одоколу четириаголниот изданок. Листовите се тесни и лопатовидни, пошироки кон врвот, со кратки и долги влакненца од двете страни, но без кадифени влакна; имаат лушпести жлезди и цилии по рабовите. Кај цветните изданоци се долги 8–9 мм и широки 1,3–1,5 мм, а кај стерилните 9–11 мм долги и 1,5–1,7 мм широки. Цветовите се групирани во врвни, топчести соцветија. Листовите околу соцветието се издолжено елиптични и покриени со густи жлездести влакненца. Чашката е долга околу 5 мм, нејзината цевка е покриена со густи жлездести влакненца, ретки лушпести жлезди и кратки едноставни влакненца; долните запци се долги 2,8–3 мм, горните околу 1,8 мм и тесно копјести; дршката е обрасната со густи стрчести жлездести влакненца. Венчето е темно розово и долго 7–8 мм. Прашниците го надвишуваат венчето. Оревчињата се долги околу 1 мм, кружни, голи и со кафеава боја.

Расте на варовнички терени и отворени места во шумскиот појас на црн бор, на височини меѓу 1 050 и 1 750 метри. Се среќава на Караџица – Рада Планина над селото Патишка Река, во Матка, како и во Мариово кај селото Старавина и Змејца.

Видот Thymus karadzicensis е таксономски сроден со Thymus doerfleri, но се разликува по тоа што има густи жлездести влакненца на цветните и неплодни гранчиња, на базалните листови на соцветието, како и на чашката и дршката на цветот. И двата вида имаат слични издолжени, линејно-лопатовидни листови, но се разликуваат на цитолошко ниво, односно по бројот на нивните хромозоми. Thymus karadzicensis има диплоиден сет од 28 хромозоми (2n=28), додека Thymus doerfleri се одликува со тетраплоиден број од 48 хромозоми (2n=48). Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Матерка Категорија:Караџица Категорија:Ендемска флора на Македонија