мини|Илустрација од 1829 година на ирскиот сериски убиец Вилијам Бурк како ја убива Маргарет Дохерти Сериски убиец — човек кој убил тројца или повеќе луѓе во рок од повеќе од 30 дена, при што има период на „одмор“ помеѓу секое убиство и при што мотивацијата за извршувањето на овие убиства е најчесто психолошко задоволување. Често постои и сексуален елемент во убиствата. Постои можност да има сличности помеѓу убиствата или обидите за убиство, како и помеѓу жртвите во некоја област, како професија, раса, изглед, пол или возраст.

Сериските убијци често се помешуваат со масовните убијци, коишто извршуваат повеќе убиства одеднаш, или пак со миговните убијци, коишто извршуваат повеќе убиства на 2 или повеќе места, при што виртуелно нема пауза помеѓу убиствата. Ковањето на англискиот поим „сериски убиец“ му се припишува на поранешниот специјален агент на американското ФБИ Роберт Реслер во 1970-тите години. Концептот бил измислен уште порано, на пример од страна на германскиот полициски инспектор Ернст Генат, кој го смислил поимот уште во 1930-тите години. Авторката Ен Рул пак во нејзината книга од 2004 година „Бакни ме, убиј ме“ претпоставува дека заслугата за ковањето на поимот „сериски убиец“ во англискиот јазик му припаѓа на детективот од Полицијата на Лос Анџелес Пирс Брукс, кој бил генијален ум во Програмата за анализа на насилни криминални дела.

Особености Сериските убијци во Соединетите Американски Држави обично ги делат следниве заеднички одлики:

1. Најголем дел се белци и неоженети. Но сепак има неколку забележани случаи на сериските убијци кои не биле белци, на пример Вејн Вилијамс, Тимоти Спенсер, Чарлс Нг, Енџел Матурино Ресендиз, Џорџ Расел, сериските снајперисти, Џон Мухамед и Ли Малво.

2. Често се многу интелегентни, со коефициент на интелегенција во рамките на „натпросечно високите“ коефициенти.

3. И покрај нивниот висок коефициент на интелегенција, тие имаат проблем со задржување една постојана работа и често работат физички работи.

4. Често потекнуваат од нестабилни семејства.

5. Типична одлика е да биле напуштени од страна на нивните татковци уште како деца и да биле израснати од доминантни мајки.

6. Нивните семејства често имаат криминално, психијатриско и алкохоличарско минато.

7. Во голем број од случаите тие биле злоупотребувани - емотивно, физички и/или сексуално - од страна на член од семејството.

8. Имале чести обиди за самоубиство.

9. Уште од многу рана возраст, многу од нив покажувале силен интерес за воајеризам, фетишизам и садомазохистичка порнографија.

10. Повеќе од 60% мокреле во кревет и на возраст поголема од 12 години.

11. Многумина ги фасцинира запалувањето на нештата.

12. Честопати имаат садистички активности и измачуваат мали животни.

Но постојат и исклучоци од овие критериуми. На пример Херолд Шипмен бил успешен професионалец (општ лекар, кој работел во Националната здравствена институција во Англија). Тој беше сметан за столб на општинската заедница, кој дури и доби професинална награда за детската клиника за астма и беше интервјуиран за „Светот во акција“ (“World in Action”) во продукција на Гранада Телевизија. Денис Нилсен беше поранешен војник кој потоа стана службеник во јавната администрација и член на синдикатот и немаше претходно криминално досие кога беше уапсен. Ниеден од овие претходни два примери не биле забележани да покажуваат или поседуваат некој од овие знаци. Владо Танески беше новинар, кој беше фатен откако напиша неколку статии, кои покажаа знаци дека тој убивал луѓе. За уште поголема иронија, тој бил новинар кој пишувал статии во врска со криминалот.

Психозата е ретка појава кај сериските убијци. Психијатриската дијагноза, која претежно се забележува кај оваа група луѓе, е повеќе наклонета кон психопатско однесување, што значи дека тие страдаат од нарушувања, кои спаѓаат во специфична група на нарушувања на нефункционална личност, односно оние кои се поврзуваат со антисоцијалното растројство на личноста. Психопатите не поседуваат способност за сочувствување или за чувствување вина, тие се егоцентрични и импулсивни и не се потчинуваат на социјални, морални и законски норми. Наместо ова, психопатите често следат одредени правила коишто самите си ги имаат создадено за себе. Можат да изгледаат нормално и често дури и шармантно, што претставува состојба на приспособување, која што психијатарот Херви Клекли ја нарече „маска на психичко здравје“. Иако психопатијата не е службен поим во „Дијагностичкиот и статистички прирачник за психички нарушувања“, таа сепак е вид на психичко нарушување, кое содржи и одлики на антисоцијалност и нарцисоидност. Роберт Хер создаде листа со одлики т.н. „Листа за психопатија – прегледана“ (Psychopathy Checklist-Revised (PCL-R)) за да може да се разликува психопатијата од антисоцијалното растројство на личноста. Прашалникот ги оценува луѓето врз основа на фактот дали тие се одликуваат со антисоцијални и нарцисоидни особини. Па,резултатите од PCL-R тестот покажаа дека додека кај 50 % - 80 % беше дијагностицирано антисоцијалното растројство на личноста, само 15 % - 30 % добија резултати за психопати.

Тројството на Макдоналд (суровост кон животни, пироманија и постојано мокрење во кревет и по возраст од 5 години) се чести појави кај сериските убијци за време на нивното детство. Но сепак, подоцнежните истражувања покажаа дека мокрењето во кревет не е поврзано со психопатијата.

Развој Тоа, по кое што сериските убијци се разликуваат од „нормалното“ население, се сличните проблеми со кои се соочувале во детството. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики објаснува како некоја траума од раното детство може да влијае на детето и во иднина да го наведе на девијантно однесување. Средината на детето (или родителите или општеството) е главниот фактор за тоа, дали однесувањето на детето ќе прерасне во склоност кон убивање. Најчесто мајката ја игра најважната улога во развојот на детето. Преголемата заштита од страна на мајката, комбинирано со недостаток од татковско влијание, резултирала во голем број од случаите со развој на многубројни сексуално насилни мажи.

Семејството, или пак недостигот од семејство, е најзначајниот дел од развојот на детето, поради секојдневниот контакт и поврзувањето со членовите. „Серискиот убиец не е ништо поразличен од било која друга личност, која била поттикнувана да бара поддршка од родителите, сексуалните партнери или други луѓе“ (Хејл, 1993 година, стр. 41). Оваа потреба за поддршка е тоа, кое што ги поттикнува децата да се обидат да развијат врска со нивните родители и врсници, но доколку детето е одбиено или запоставено, тоа нема да може да ги оформи овие врски. Ова резултира со намалување на нивото на нивната самопочит и им помага да си создадат нивен замислен свет, којшто тие си го контролираат. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики (2010 година, стр. 107) јасно покажува дека развојот на сериските убијци се заснова на траума од раното детство, проследена со забрзувачи на процесот (порнографија, дрога и алкохол) и исполнети предуслови (неспособност за поврзување со некого).

Поврзаноста со семејството исто така игра важна улога во растот и развојот на детето. „Квалитетот на нивната врска со родителите и останатите членови на семејството е исклучително важен за тоа, како овие деца ќе се поврзат и ќе ги поитуваат останатите членови на општеството.“

Вилсон и Симан (1990 година) извршија истражување за затворените сериски убијци и за факторот, којшто тие го сметаа за највлијателен при создавањето склоност кон убивање. Скоро сите сериски убијци кои учествуваа во истражувањето се соочувале со проблеми со околината за време на нивното детство, како што се нефункционално семејство или недостаток од домашна дисциплина. Чест беше случајот серискиот убиец да потекнува од семејство, кое што поминало низ развод, разделба или пак семејството немало еден родител. Понатаму, скоро половина од сериските убијци се соочувале со некаков вид на физичко или сексуално злоставување, а уште поголем процент од нив се соочувале со емотивно запоставување. Кога некој родител страда од проблеми со алкохол или дрога, вниманието во домаќинството е насочено кон родителите, а не кон децата. Ова запоставување на детето води кон намалување на неговата самопочит и му помага да си создаде негов замислен свет, којшто тоа самото си го контролира. „Моделот за контрола на траумите“ на Хики го потврдува фактот дека запоставувањето од страна на родителите може да придонесе кон девијантно однесување, особено ако детето засведочи употреба на дрога пред свои очи. Подоцна, ова води кон исполнување на одредените предиспозиции (неспособноста за поврзување со луѓе), кое што пак подоцна може да води кон развој на склоност кон убивање, освен ако детето не најде начин да развие значајни врски со луѓе и да се избори со траумата. Ако детето не добие поддршка од луѓето со кои е опкружено, тогаш многу е мала веројатноста дека детето ќе успее да се извлече од трауматичното искуство во позитивна насока. Како што Е. Е. Макоби изјави, „семејството сè уште се смета за голема, а можеби и најголемата сцена за социјализација.“

Фантазијa Децата, коишто не можат да го контролираат погрешното третирање со кое се соочуваат, си создаваат нова реалност, во која што можат да избегаат. Оваа нова реалност станува нивен замислен свет, врз којшто тие имаат целосна контрола и којшто станува дел од нивното секојдневно постоење. Во овој замислен свет, нивниот емотивен развој се управува и одржува од страна на тој свет. Според Герисон (1996 година), „детето добива социопатска природа, бидејќи нормалниот развој на концептот на доброто и лошото и сочувствувањето со другите му заостанува, а тоа пак е последица на фактот што емотивниот и социјалниот развој на детето се одвива внатре во неговите фантазии. Детето не може да згреши ви неговиот сопствен свет и болката на другите нема никаква важност, земајќи предвид дека целта на замислениот свет е да ги задоволи потребите на детето“ (Гарисон, 1996 година). Се губи чувството за разграниченост помеѓу замислениот свет и реалноста, а фантазијата прераснува во доминација, контрола, сексуално покорување и насилство, што на крајот води кон извршување убиство. Фантазијата може да доведе до првиот чекор во процесот на создавање дисоцијативна природа, која што според Стивен Џиананџело „му овозможува на серискиот убиец да ја напушти реалноста и да ја замени со место, кое што за него е подобро.“

Криминологот Хосе Санчес изјави дека „младите криминалци кои ги гледаме денес се поодвоени од нивните жртви, поподготвени да повредуваат или убиваат... Недостатокот од сочувство кон нивните жртви е само еден симптом за проблем, кој го засега целото општество.“ Лорензо Каркатера, авторот на „Гангстер“ (2001 година), објаснува како потенцијалните криминалци се обележани од страна на општеството, што може подоцна да доведе до тоа и нивните потомци да се развиваат во истата насока преку „циклусот на насилство“. Пред да биде убиен како последица на пресудената смртна казна, серискиот убиец Тед Банди изјави дека насилството во медиумите и порнографијата го стимулирале и му ја зголемувале потребата да извршува убиства, но сепак мора да се земе предвид дека оваа изјава беше дадена за време на неговите последни очајнички обиди да покрене жалба против смртната пресуда.

Видови сериски убијци Според прирачникот за класификација на криминалните дела на ФБИ, сериските убијци се делат на 3 категории: „организирани“, „неорганизирани“ и „мешани“ – сериски убијци кои прикажуваат особини и на организиран и на неорганизиран сериски убиец. Некои убијци со текот на нивните убивања се претвораат од организирани во убијци од неорганизиран тип.

Организирани злосторници