Флоренс Најтингел (; — ) — позната англиска медицинска сестра, социјален реформатор, писател и статистичар.
Во својата работа како предводник на денешната професија медицинска сестра се истакнала за време на Кримската војна, каде што се грижела за ранетите војници. Поради неа оваа професија доби висок углед и Најтингел стана икона во викторијанското општество. Била нарекувана „Госпоѓата со ламбата“, поради нејзината навика ноќе да ги проверува ранетите војници.
Најтингел ја поставила основата на денешната професија медицинска сестра со основањето на нејзиното училиште за медицински сестри во болницата Сент Томас во Лондон, првото световно училиште за медицински сестри во светот. Заклетвата на Најтингел, наречена така во нејзина чест, ја положувале новите медицински сестри. Меѓународниот ден на медицинските сестри се слави во светот секоја година на нејзиниот роденден. Нејзините социјални реформи вклучуваат подобрување на здравството за сите делови од британското општество, помагање на земјите од вториот и третиот свет, како и проширување на прифатливите форми на учество на жените во работната сила.
Најтингел била познат и версатилен писател. Во текот на нејзиниот живот, многу од нејзините објавени дела се занимавале со ширење на медицинското знаење. Некои од нејзините дела се напишани на едноставен англиски јазик со цел сите да можат да ги разберат. Таа исто така помогна во промовирањето на графичкото претставување на статистички податоци. Голем дел од нејзиното пишување, вклучувајќи ги и делата за религијата и мистицизмот, е објавено посмртно.
Животопис
Рани години
Флоренс Најтингел е родена во богато, висококласно британско семејство со добри врски, во Вила Коломбаја, близу Порта Романа во Фиренца, Италија, и била крстена по градот на нејзиното раѓање. Постарата сестра на Флоренс, Франсис Партенопи, исто така била крстена по градот во кој се родила, Партенополис, грчко населено место коешто сега е дел од градот Неапол.
Нејзини родители биле Вилијам Едвард Најтингел (1794-1874) и Франсис (Фени) Најтингел Смит (1789-1880). Мајката на Вилијам, Мери Еванс, била внука на Питер Најтингел. Според негови услови Вилијам го наследил неговиот имот Лиа Хурст во Дарбишир, и го попримил името и грбот Најтингел. Татко на Фени бил аболиционистот Вилијам Смит.
Инспирирана од еден момент што ѝ случил во февруари 1837 г., којшто таа го нарекува „повикот од Господа“, во 1844 г., додека била во Ембли Парк, и покрај големата лутина и негодување од страна на нејзините мајка и сестра, Флоренс ја донела одлуката да започне со работата како медицинска сестра. Таа се бунтувала против улогата на жена која што ја очекувала со оглед на нејзиниот статус, а тоа значело да стане сопруга и мајка. Најтингеил работела напорно за да се образува и да стане медицинска сестра, и покрај спротивставувањето на нејзиното семејство и ограничувачкиот социјален код за богатите млади англиски жени.
Ричард Монктон Милнес, политичар и поет, ја побарал нејзината рака, но таа го одбила, убедена дека бракот ќе ѝ смета на нејзината дарба да го следи повикот и да работи како медицинска сестра.
Во 1847 г., во Рим, таа го запознала Сидни Херберт, брилијантен политичар кој бил Секретар за време на војната (1845-1846), а истата позиција ја имал и за време на Кримската војна. Станале блиски, доживотни пријатели. Херберт и неговата жена ѝ помагале на Најтингел за време на нејзината работа како медицинска сестра во Крим, а подоцна таа станала клучен советник во неговата политичка кариера. Некои ја обвиниле дека била причината поради којашто се забрзала неговата смрт предизвикана од нефритис во 1861 г. поради притисокот којшто таа му го наметнала со програмата за реформи.
Многу подоцна Најтингел имала блиски врски со Бенџамин Џовет, кој сакал да се ожени со неа.
Најтингел продолжила со нејзините патувања (сега со Чарлс и Селина Брејсбриџ) дури до Грција и Египет. Нејзините записи за Египет се особен доказ за нејзиното учење, книжевни вештини и филозофија за животот. Во јануари 1850 г., пловејќи по Нил дури до Абу Симбел, таа напишала: „Мислам дека досега не сум видела нешто што влијаело на мене повеќе од ова.“ И мислејќи на замокот, напишала: „Возвишен во највисокиот стил на интелектуална убавина, интелегенција без напор, без страдање...ниту една црта не е правилна, но целиот ефект на духовната величественост е поекспресивен отколку што јас некогаш можев да замислам. Тоа дава слика која не се опишува ни со илјадници зборови, која обединува во едно, едногласно, истовремено чувство на ентузијазам или емоција, која би го совладала и најјакиот човек.“
Кога била во Теба, таа напишала дека е „повикана од Господа“. Недела подоцна, близу Каиро, во нејзиниот дневник напишала ( извадок од нејзините многу долги писма, коишто нејзината постара сестра сакала да ги издаде по нејзиното враќање): „Господ ме повика утрово и ме замоли да правам добрина во негово име“. Подоцна, во 1850 г., таа ја посетила религиозната заедница Лутеран во Кајзерверт, Германија, каде што ги набљудувала Пастор Теодор Флиднер и ѓакониците кои работеле за болните и сиромашните. Ова искуство таа го сметала како пресвртна точка во нејзиниот живот, и своите наоди анонимно ги издала во 1851 г. во „Институцијата на Кајзерверт, за практичната обука на ѓакониците, и сл.“, коешто било нејзино прво издадено дело. Во институтот се здобила и со четири месеци медицинска обука, којашто била основа за нејзината подоцнежна кариера.
На 22 август 1853 г., Најтингел добила работно место надзорник на Институтот за грижа на болните благороднички во Апер Харли Стрит, во Лондон, и на тоа место била до октомври 1854 г. Нејзиниот татко ѝ давал годишен приход од 500 фунти (денес околу 25.000 фунти/50.000 долари), и тоа ѝ дозволувало да живее удобно и да продолжи со својата кариера.
Кримска војна
Најпознатиот придонес на Флоренс Најтингел се случил за време на Кримската војна. Извештаите коишто доаѓале во Британија за ужасната состојба на ранетите станале нејзин главен фокус. На 21 октомври 1854 г., таа и персонал од 38 жени, доброволни медицински сестри обучени од неа, вклучувајќи ја и нејзината тетка Маи Смит, биле испратени (со дозвола од Сидни Херберт) кај Отоманското Царство, околу 295 наутички милји (546 километри) преку Црното Море од Балаклава во Крим, каде што се наоѓал главниот британски камп.
Во почетокот на ноември 1854 г., Најтингел приситигнала во касарната Селимије во Скутари (денес Усќудар во Истанбул). Таму, таа и нејзините медицински сестри виделе дека медицинскиот персонал лошо се грижел за ранети војници поради преголемата работа, а и поради незаинтересираноста на службените лица. Имало мали залихи на лекови, хигиената била запуштена, а чести имало и масовни инфекции, од кои голем дел биле смртоносни. Немало никаква опрема за приготвување на храна за пациентите.
На почетокот на 20 век, се тврдело дека Најтингел, со подобрување на хигиената, како од нејзина страна, така и со помош од Санитарната комисија, ја намалила стапката на смртност од 42% на 2%. На пример, тоа се тврдело во првото издание на Речникот за национална биографија во 1911 г., но не и во второто издание во 2001 г. Сепак, стапката на смртност не исчезнала, напротив почнала да се зголемува. Бројот на смртност таму бил најголем од сите болници во регионот. За време на нејзината прва зима во Скутари, таму умреле 4.077 војници. Десет пати повеќе војници умреле од болести како што се пегав тифус, стомачен тифус, колера и дизентерија, отколу од повреди кои ги добиле за време на битките. Условите во привремената болница на касарната биле многу опасни за пациентите поради пренатрупаноста, неисправните одводни канали на болницата и недостатокот од вентилација. Во март 1885 г., речиси шест месеци по пристигнувањето на Флоренс Најтингел, Британската влада морала да испрати Санитарна комисија во Скутари, којашто работела на чистење на одводните канали и подобрување на вентилацијата. Стапката на смртност нагло се намалила. За време на војната, Најтингел не мислела дека хигиената е најдоминантната причина за смртност. Таа никогаш не си припишала заслуга за тоа што помогнала да се намали стапката на смртност.
Најтингел и понатаму верувала дека стапката на смртност била поради сиромашната исхрана и малите залихи, како и поради преумореноста на војниците. Така било сè додека не се вратила во Британија, каде што почнала да собира докази за да ги изложи пред Кралската комисија за здравје на Армијата, со цел да се потврди нејзиното верување дека најголем број од војниците во болницата умираат поради бедните услови за живеење. Ова искуство влијаело на нејзината подоцнежна кариера кога се залагала дека хигиенските услови за живеење се од најголема важност. Како последица на тоа, таа ја намалила смртноста во армијата за време на мир и го свртила вниманието кон хигиената во болниците.
Госпоѓата со ламбата За време на Кримската војна, Флоренс Најтингел го добила прекарот „Госпоѓата со ламбата“, којшто потекнува од една фраза од вест во весникот Тајмс (The Times):
„Без никакво преувеличување, таа е „ангел-помошник“ во болниците, и додека нејзината витка става тивко и нежно се движи низ секој ходник, секое несреќно пријателско лице омекнува од милосрдноста на нејзиниот изглед. Кога сите медицински лица се повлекуваат за време на ноќта, а тишината и темнината се сместуваат над километрите со очајно болни, таа сама ги надгледува нив, со мала ламба во нејзината рака, правејќи ги нејзините обиколки на војниците.“
Подоцна, Xенри Водсворт Лонгфелоу со неговата песна „Св.Филомена“ од 1857 г. ја популаризирал оваа фраза:
„Во таа куќа на бедата, видов госпоѓа со ламба како поминува низ треперливиот мрак, и лета од соба во соба.“
Подоцнежна кариера На 29 ноември 1855 г., додека била во Крим, на јавен собир ѝ било доделено признание на Најтингел за нејзината работа за време на војната. Тој настан придонел за основање на Фондот на Најтингел за обука на медицински сестри. Имало голем број на дарежливи донации. Сидни Херберт служел како почесен секретар на фондот, а Војводата од Кембриџ бил претседавач.
Најтингел се смета и за предводник на концептот медицински туризам. Тоа се тврди врз основа на писмата од 1856 г., коишто таа ги напишала за лековитите бањи на Отоманското Царство, во коишто детално ги опишала здравствените услови, физичкиот приказ, информациите за храната, и другите детали коишто биле од витално значење за пациентите упатувани таму (каде што лекувањето било значително поевтино отколку во Швајцарија). Се претпоставува дека пациентите со помалку финансиски средства ги упатувала таму на лекување по подостапни цени.
До 1859 г. Најтингел имала на располагање 45.000 фунти од Фондот, со коишто на 9 јули 1860 г. го основала Училиштето за обука во болницата Св.Томас (сега се вика Училиштето на Флоренс Најтингел за медицински сестри и акушерство и е дел од универзитетот Кингс Колеџ Лондон). Првите медицински сестри обучени од Најтингел започнале да работат на 16 мај 1865 г. во Болницата и дом за сиромаси во Ливерпул. Исто така, таа водела кампања и основала фондови за Болницата Ројал Бакингамшир во Ајлсбери, блиску до нејзиниот семеен дом.
Најтингел ја напишала книгата Забелешки за медицинските сестри, која е издадена во 1859 г. Тоа било мала книга од 136 страници, којашто служела како основа за наставата во Училиштето на Најтингеил и во други слични училишта, иако била напишана специјално за едукација на оние кои лекуваат дома. Најтингел напишала: „Секојдневните сознанија за хигиената, или сознанијата за професијата медицинска сестра, или со други зборови, како да составиш земја во која ќе нема никакви болести, или земја која ќе може да заздрави по болеста, е тоа знаење е од големо значење. Признато е како знаењето кое секој треба да го има, и е различно од медицинското знаење кое само професијата го има.“