Мариово — област во Македонија карактеристична по својата историја, етнологија, традиции и култура. Областа Мариово се наоѓа во крајниот јужен дел на Република Македонија.

Потекло и преданија за името Мариово мини|десно|250п|Глетка од прилепско Мариово Уште од дамнешни времиња областа е позната под името Мариово. На повеќе места и пишани историски извори се среќаваат слични и малку видоизменети облици на името Мариово, како: Морихово, Мерихова, Марина, Марихово, Мориево. Најпознатото и раширено предание за потеклото на името е легендата во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање), да не се населуваат Турци и да се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај го дало името Мариово. Меѓу населението е позната уште една слична легенда која вели дека името на Мариово потекнува од неговата владетелка Марија – Мара која се поврзува и со онаа легенда за настанокот на манастирот Трескавец. Имено, во овој крај живеела Марија која била прочуена по својата убавина заради што султанот Мурат ја зел за жена, додека едно друга верзија вели – посестрима во дворецот. Меѓутоа, девојката која Турците ја викале Кала Мара или Тамар Мара не сакала да се потурчи и покрај нивните настојувања таа продолжила да си ја исповеда христијанската вера. Поради ова со цел да ги смири духовните поглавари султанот би лприморан да ја тргне Мара од својот двор, а бидејќи ја сакал и почитувал ѝ предложил да се врати во својот роден крај и со него да управува, на штотаа се сложила. На пат за Мариово таа се задржала извесно време во манастирот Трескавец каде што изразила желба да се замонаши, што пак не ѝ било дозволено од свештениците кои ја сметале за „грешна душа“ и престапничка. Таа многу се налутила и дала заповед да се запали манастирот, по што го продолжила патот за Мариово каде се населила во селото Витолиште во „мирна земја“, останувајќи и владеејќи со целата област до крајот на животот. Од тогаш областа била наречена Мариово, а Турците ја викале Мариова што во превод значи Мариина земја. За потеклото на името Мариово, меѓу постарото население постоело уште едно постаро предание кое воопшто не се поврзува со личното име Марија. Имено, се смета дека уште во римско време оваа област го носела името Морина и дека настанала од море кое подоцна истекло по течението на Црна Река, за што сведочат некои пронајдоци од фосилни остатоци. Иако, преданијата за името се врзуваат со османлискиот период, постојат пишани записи за името Мерихово уште во византиско време и Марина во римско време.

Географија, местоположба, граници и поделба на Мариово Областа Мариово зафаќа вкупна површина од 1038 км2 или 4% од вкупната територија на Република Македонија со надморска височина која се движи помеѓу 700 и 2362 метри, или во просек некаде околу 1090 метри. Некои извори наведуваат пак и дека Мариово зафаќа површина од 1390 км2. Мариово го зафаќа средното течение и сливно подрачје на реката Црна и од сите страни е заградено со пространи планински масиви, како: Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина на запад, Дрен Планина на север и Козјак со огранките на Кожуф од исток со што претставува своевидна посебна и специфична природна целина. Според релјефните одлики Мариово опкружено со планини може да се смета за котлина, но поради внатрешната разместеност на земјишните облици тоа претставува висорамнина, а во него се наоѓа и најдолгата клисура во Македонија – Скочивирската клисура на реката Црна чија должина изнесува 100 километри. Границите на Мариово се движат по сртовите на околните високи планини започнувајќи на југ од Ниџе (2362 м), продолжувајќи преку Козјак (1814 м) сѐ до Кожуф поклопувајќи се државната граница со Грција. Потоа свртувајќи кон север источната граница се искачува на врвот Чатена (1349 м) ја пресекува реката Блашница и избива кај реката Црна од каде започнува северната граница која преку Дрен Планина и нејзините врвови Голема Рудина (1430 м) и Смилева Тумба (1139 м) се спушта на познатиот превој Лигураса и оттаму преку врвовите Камена Струга (1500 м) и Ливада (1663 м) се спојува со источната граница која води по сртот на Селечка Планина и врвовите Висока (1472 м), Бобиште (1267 м) и Лисичарник (1033 м) спуштајќи сè до премниот Преслап на влезот на Црна Река од Пелагонија во Мариово, каде што воедно води патот од Битола за с.Маково и понатаму за Старавина и оттаму се искачува на врвот Гола Чука (1336 м) и по сртот Крапа и врвот Оштро (964 м) се соединува со планината Ниџе.

Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот во својот патописен запис насловен „Статистическо описание. Споменик за села називаеми Мориево прилепско“ објавен на 21 ноември 1859 ги опишал следните граници на Мариово: од север планина Бидимаж, од југ Кожуф со протегнати плешки – гора Кравица, Скочиврх, Ниџе, Петалино, Трибор, Рамна Бука, Рожденска во која има златна руда, од исток е земјата наречена Љубљан (Тиквеш) најплодоносна, а од запад Трнинско (Битолско) Поле кое прави пат на реката Црна што го раздвојува на две половини – северна и јужна. За површината на Мариово, Џинот запишал дека тоа е квадратно 32 часа. Опис на границите и местоположбата на Мариово дава и големиот македонски преродбеник, револуционер и сѐстран национален деец Ѓорѓија Пулевски кој во својата епохална книга „Славјано-маќедонска општа историја“ од 1892 каде запишал дека Мариово е една околија во Прилепски округ во содржина до 30 и неколку села,од Тиквешки округ кон југозапад до Скочивир и Битолски округ, а од Писокал и од Дедебалци кон исток до Ниџе и до Добро Поле, Кравица и Кожуф, по среде која тече реката Црна кон Тиквеш. Во овие опишани граници Мариово се граничи со следните етногеографски области: на запад со најголемата македонска котлина и житница Пелагонија, на југ преку Ниџе и Кожуф со областа Меглен во егејска Македонија, на исток со Тиквешијата и висорамнината Витачево, а на север со пределот наречен Раец или долината на Раечка Река. Поради ваквата местоположба Мариово се одликува со многу изразити и посебни природно-географски реткости и одлики како и со етнографски одлики на населението, говорот, обичаите кои го прават надалеку прочуено по своето народно творештво, културно-историско етнолошко наследство и природни богатства. Поделба

Просторот кој го опфаќа Мариово помеѓу населението е поделен на помали целини и предели кои се истакнуваат според природно-географските услови или административните граници. Така според течението на реката Црна, народот го дели Мариово на два дела: Старо или Големо Мариово кое се простира од десната страна на реката Црна и Мало или Младо Мариово кое се простирана нејизниот лев брег. Истовремено постои поделба и на Горно (Старо) и Долно (Младо) Мариово соодветно по горното и долното течение на Црна Река. На основа на овие поделби со својот шегобиен дух мариовци се делат и на салам Мариовци од селата во Старо или Горно Мариово од десната страна преку Црна и несалам Мариовци за жителите во селата лево од Црна во Младо или Мало Мариово. Врз основа на управно-административната поделба и гравитирањето на одредени мариовски села кон најблиските градски центри Мариово е поделено на три дела: битолско, прилепско и тиквешко. До 2004 година овие три делови на Мариово беа и засебни општини: Старавина во битолско Мариово, Витолиште во прилепско Мариово и Конопиште (средишниот и западниот дел) во тиквешко (кавадаречко) Мариово. Од овие пределни целини најголем е прилепскиот дел на Мариово кој зазема простор од 495 км2 или 47,7%, потоа следи битолскиот дел на Мариово со 333 км2 или 32% и најмал е тиквешкиот дел на Мариово со 210 км2 или 20,3%. Ваквата местоположба и релјеф со изразити и високи планини условила Мариово да има неповолна сообраќајна положба, поради што најверојатно настанала и познатата народна песна „По пат одам, за пат прашам, кој пат води Мариово“.

Историја на Мариово