Ново Коњарево — село во Општина Ново Село, во областа Струмичко Поле, во околината на градот Струмица.
Потекло и значење на селото
мини|300п|лево|Влезот на селото
Името на селото се сретнува и како Ново Кунаране. Тоа се поврзува со соседното село Коњарево (денес наречено Старо Коњарево), чие име се споменува во средниот век како Кунаране. Името доаѓа од ново и Коњарево, што е изведено од ојконимот Коњари со значење коњар (човек што чува коњи).
Кога било основано ова село во 1931 година, најпрвин било наречено Белите Кашти („Белите Куќи“), а по војната по името на соседното село Коњарево, ова село го добива името Ново Коњарево.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Струмичкото Поле и во источниот дел на територијата на Општина Ново Село, чиј атар нашироко се допира со државната гранична линија со Бугарија. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 215 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 31 километар.
Низ селото поминува државниот пат А4, кој завршува кај граничниот премин Ново Село со Бугарија, сместен на само 1 километар од селото.
Историја
Селото било основано во 1931 година од 15 семејства, српски колонисти, и во почетокот се викало Белите Кашти („Белите Куќи“). Во 1941 година овие семејства биле протерани од бугарската војска. По војната во 1945 година, селото го населиле жителите на Бадолен.
Во близина на селото има споменик наречен „Апостолски премин“, изграден во чест на битката од 1943 година помеѓу окупаторската и македонската војска, предводена од генералот Михајло Апостолски.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 15,9 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 917 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 475 хектари, а на пасиштата 131 хектар.
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга, а денес работат услужни објекти.
Население
Во однос на населението, Ново Коњарево пораснало од средно во големо село до 2000-тите години. Така, во 1961 година селото броело 574 жители, а во 1994 година 1.040 жители, исклучиво населено со македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото Ново Коњарево броело 934 жители, од кои 932 Македонци и 2 Срби.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 518 жители, од кои 448 Македонци, 1 Албанец и 69 лица без податоци.
Иселеништво
Значаен дел од населението е во странство (Швајцарија, Италија, Германија и други места) или претежно се занимава со земјоделство, од причина што земјата е многу плодна и успеваат многу земјоделски култури.
Општествени установи
ПУ „Мануш Турновски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Мануш Турновски“ - Ново Село Дом на културата Месна заедница
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ново Село, во која покрај селото Ново Коњарево, се наоѓале и селата Бадолен, Барбарево, Бајково, Дражево, Зубово, Ново Село, Смолари, Старо Коњарево, Стиник и Сушица. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Бајково во која влегувале селата Бадолен, Бајково и Ново Коњарево.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 1791 и 1791/1 според Државната изборна комисија, сместени во домот на културата.
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.110 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.091 гласач.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Градиште — утврдена населба од доцноантичкото време; Селска Нива — населба од доцноантичкото време; и Црквичка — доцноантичка и средновековна населба.
Цркви Црква „Св. Илија“ — главна селска црква, изградена во 1973 г.; Црква „Св. Климент Охридски“ — нова селска црква, изградена во 2003 г.; и Црква „Св. Петка“ — најнова селска црква, неосветена.
Споменици Споменик на НОБ кај Апостолски премин; и Спомен-плоча на НОБ кај Апостолски премин.
Реки Бајковица — мала река, лева притока на Струмица; и Струмица — река во близина на селото.
Езера Коњаревско Езеро — мртвица на атарската граница со Старо Коњарево.
Личности
Родени во или по потекло од Ново Коњарево Владо Тимовски (р. 1948) — македонски педагог, професор на УКИМ Ванчо Ѓорѓиев (р. 1964) — македонски историчар, професор на УКИМ Трендафил Ивановски (р. 1946) — македонски правник и уставен судија.
Култура и спорт
ФК „Граничар“ — фудбалски клуб од селото ОК „Граничар“ — одбојкарски клуб од селото
Галерија
Поврзано Општина Ново Село Струмичко Поле
Наводи
Надворешни врски
Профил на Ново Коњарево на општинскиот портал
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село Категорија:Македонско-бугарски гранични премини