Арјен Робен (хол. Arjen Robben, р. 2 јануари 1984 година) — холандски фудбалер кој игра за германскиот бундеслигаш Бајерн Минхен. Иако е класифициран како напаѓач, тој обично игра на крилната позиција веднаш зад напаѓачите, и е познат по својот дриблинг, брзина, центаршут и прецизен удар од далечина. Тој, исто така е дел од холандската репрезентација и настапил со неа на Европското првенство 2004 година, Светското првенство 2006 година, Европското првенство 2008 година и на Светското првенство во 2010 година. Робен најпрво се истакнал во Гронинген за кого настапувал и бил прогласен за играч на годината во холандското првенство во сезоната 2000-01. Две години подоцна, тој потпишал за ПСВ од Ајндховен, каде што станал најдобар млад играч на годината во Холандија и ја освоил титулата во холандското првенство. Следната сезона, водечките англиски тимови биле заинтересирани за потписот на Робен, и по долготрајни преговори, тој се приклучил на Челзи во 2004 година. Дебитантскиот настап на Робен во Челзи бил одложен поради повреда, но откако закрепнал од повредата тој му помогнал на Челзи да освои две последователни титули во Премиер лигата и бил играч на месецот ноември во 2005 година. По третата сезона во Англија, која му била нарушена поради повреда, Робен се преселил во шпанскиот тим Реал Мадрид за сума од 35 милиони евра. Во Август 2009 година, Робен преминал во Бајерн Минхен за сума од околу 25 милиони евра и постигнал два гола во дебитантскиот настап. Во својата прва сезона во Минхен, Бајерн ја освоил шампионската титула, петта лига титула за Робен во осум години и стигнал до финалето на Лигата на шампиони. По неговата прва сезона во баварскиот тим, играчот бил исто така именуван за фудбалер на годината во Германија.

Почеток на фудбалска кариера

Робен е роден во Бедум, предградие на Гронинген во североисточна Холандија. Тој започна со фудбал уште од рана возраст, станувајќи приврзаник на методот на Коервер. Вештината на контрола на топката и одличната работа со нозе го направија Робен ценет играч, и тој набрзо потпиша договор со регионалниот клуб Гронинген. Таму, тој го развил својот препознатлив стил на менување правец и префрлање на топката од десната на левата нога постигнувајќи неколку спектакуларни голови.

Клупска кариера

Гронинген

Гронинген го именува Робен во првиот тим за сезоната 1999-00. Тој постигнал три гола во лигата. Менаџерот Јан ван Дијк го вклучил крилото во првиот тим на Гронинген пред натпреварот на гости со Твенте во ноември 2000 година, но тој не настапил сè до натпреварот со Валвијк на 3 декември 2000 година, како замена за повредениот Леонардо дос Сантос во 79-та минута. Во текот на зимата, Робен се избори за место во почетниот состав. Во 18 старта за Гронинген во текот на сезоната 2000-01, тој постигнал два гола. Во неговата прва сезона со тимот, Робен бил именуван за играч на годината, и заедно со тимскиот колега Хорди Хугстрат, тој ја демонстриралсилата на младинската школа на Гронинген. Робен останал во Гронинген и постојано се подобрувал во сезоната 2001-02, во која настапил на 28 натпревари и постигнал 6 гола. Робен преминал во ПСВ за 3.9 милиони евра пред почетокот на сезоната 2002-03.

ПСВ

Во текот на неговата прва сезона во ПСВ, 2002-03, Робен одиграл 33 натпревари и постигнал 12 голови. Тој бил прогласен, заедно со напаѓачот Матеја Кежман за најдобар играч на ПСВ, со кого го сочинувале напаѓачкото дуо, познато кај навивачите на ПСВ и како “ Бетмен и Робен”. Тој му помогнал на ПСВ во освојувањето на нивната 17-та титула во Холандија, и ја освои наградата за најталентиран играч на годината. По добриот почеток, подоцна ПСВ не можешл да остане во чекор со соперникот Ајакс и биле принудени да се борат за второто место во холандската лига ( Ередивизие). Робен отпатувал во Лондон и се состанал со менаџерот на Манчестер Јунајтед, сер Алекс Фергусон. Понудата на Фергусон била премала за апетитите на ПСВ и Робен, притоа претседателот на ПСВ, Хари ван Раи, му соопштил на Манчестер Јунајтед дека најмногу што може да добијат со нивната понуда од 7 милиони евра е дрес со автограм од Робен. Речиси веднаш, сопственикот на Челзи, Роман Абрамович, понуди 18 милиони евра (12.1 милион фунти) и ПСВ прифатил. Останатиот дел од сезоната за него во ПСВ, била разочарувачка. Тој ја повредил тетивата двапати и пропуштил неколку натпревари. До крајот на сезоната, Робен постигнал пет гола на 23 натпревари во првенството.

Челзи

Робен не дебитирал за Челзи во официјален натпревар сѐ до ноември 2004 година, откако тој се повредил во претсезонски пријателски натпревар против Рома и ја скрши метатарзалната коска на стапалото во двобој со Оливие Дакур. Во текот на овој период, тој им соопштиl на клупските доктори дека забележал непознат израсток на еден од тестисите. Медицинскиот тим брзо направи тестови за да провери дали станува збор за рак на тестиси, но подоцна му било соопштено дека сѐ е во ред. Робен се покажал како клучен играч во сезоната 2004-05, во ноември 2004 година, тој ја добил наградата за најдобар играч на месецот во англиската Премиер лига. Робен ја завршил сезоната 2004-05 со седум постигнати гола, втора по учинок во професионалната кариера. Тој бил во потесниот список за најдобар млад играч на годината, но наградата отишла кај Вејн Руни од Манчестер Јунајтед. Робен бил тешко повреден на гостувањето кај Блекбурн Роверс во Премиерлигата и бил принуден да биде надвор од тимот на Челзи во Битката за титулата и пласманот во полуфиналето на Лигата на Шампионите. Откако се вратил по повредата за сезоната 2005-06, Робен бил составен дел од левата крилна позиција на Челзи. На 28 натпревари, Робен придонел со шест гола во освојувањето на втората последователна титула на Челзи во Премиер лигата, прва последователна титула за тимот од западен Лондон.

Во сезоната 2005-06, Робен бил инволвиран во неспортски инцидент со голманот на Ливерпул, Пепе Реина. Кон крајот на првенствениот натпревар помеѓу Ливерпул и Челзи, на Стемфорд Бриџ кој го добил Челзи со 2-0, Реина го зграпчил Робен за лицето по неколку провокативни зборови од страна на Робен. Робен паднал театрално на тревата, а Реина добил црвен картон за насилно однесување, бидејќи насилното однесување е нелегално. Како резултат на тој инцидент, Реина дал коментар дека Робен го сторил тоа толку театрално, што е доволно за да освои Оскар. Подоцна, менаџерот на Ливерпул, Рафаел Бенитез во интервју дадено по натпреварот, се пошегувал дека ќе оди во болница за да провери каква е состојбата на Робен. Црвениот картон на Реина не бил поништен. Подоцна, Робен бил именуван за играч на натпреварот против Виган на 23 декември, на кој асистирал во постигнувањето на два гола и го постигнал победоносниот гол.

Робен се здобил со уште една повреда на натпреварот против Ливерпул, на 20 јануари 2007 година. Робен се вратил на теренот во победата од 3-0 против Мидлсборо, во февруари, на кој упатил удар кој го одби голманот Марк Шварцер во неговиот соиграч Абел Ксавиер кој си постигна автогол. Робен постигнал гол во нокаут фазата во Лигата на Шампионите против Порто, кој му помогна на Челзи да го добие двомечот со вкупен резултат од 3-2. На крајот на месец Март 2007 година, Робен беше подложен на операција на коленото, откако се повредил додека имал обврски со репрезентацијата и се очекувало да биде надвор од терените најмалку четири недели. Шпанскиот клуб Реал Мадрид, бил заинтересиран за двајца играчи на Челзи. Тренерот Бернд Шустер, изјавил дека се заинтересирани за Михаел Балак, додека поранешниот претседател на Реал, Рамон Калдерон, бил наклонет кон Робен. Робен изјавил пред новинарите на шпанскиот весник АС: “ Не знам кога ќе биде постигнат договор. Би сакал да им испратам порака на навивачите на Реал Мадрид, но не можам сè додека мојата иднина не се реши.

На крајот, Реал Мадрид ги осигура услугите на Робен во август 2007 година. Тој, за официјалното мрежно место на Челзи изјавил: “ Тешко беше да си заминам, бидејќи поминав три одлични години во Челзи и стекнав доста пријатели. Немаше време да се збогувам, бидејќи договорот беше склучен во среда, во 22 часот вечерта, а веќе следното утро морав да одлетам. Кога би имал еден слободен ден, би сакал да се вратам и да се збогувам со навивачите бидејќи ним им должам едно големо благодарам, затоа што тие беа секогаш добри со мене. Во моите три години, ги освоив сите награди што можат да се освојат во Англија.

Реал Мадрид

Робен го комплетирал трансферот во Реал Мадрид на 22 август 2007 година за обесштетување од 24 милиони фунти (35 милиони евра), потпишувајќи петгодишен договор. На 18 септември, тој дебитирал како замена за Раул во натпреварот против Вердер Бремен во Лигата на Шампионите, кој го доби Реал со 2-1. Неговиот дебитантски настап во првенството бил на 23 септември, овојпат како замена за Ројстон Дренте во ремито од 1-1 на гости кај Ваљадолид. На 10 февруари, Робен го постигнал својот прв гол, на домашен терен во победата од 7-0 против Ваљадолид. Робен се покажа како клучен во многу натпревари на Реал Мадрид, со неговите познати пробиви по левата крилна позиција и многу брзо станал прв избор за левата крилна позиција во средниот ред, забележувајќи 28 настапи во неговата дебитантска сезона во која постигна и пет гола. Реал Мадрид ја освоил шампионската титула неколку натпревари пред крајот на сезоната, и веќе биле шампиони во Шпанија кога играа со нивниот вечен соперник Барселона на 7 мај 2008 година. Фудбалерите на Барселона, формирале почесна гарда во чест на фудбалерите на Реал Мадрид додека излегувале на теренот на Сантјаго Бернабе, а Робен одиграл клучна улога во победата од 4-1, постигнувајќи го вториот гол за шампионот. Тој ја задржал клучната улога во средниот ред на Реал Мадрид во текот на сезоната 2008-09, настапувајќи на 35 натпревари на кои постигнал осум гола. Иако холанѓанецот бил еден од најважните играчи на шпанскиот тим во подготвителните натпревари за сезоната 2009-10, откако постигна три гола и бил асистент на уште четири, тој бил меѓу играчите чие место во првиот тим било загрозено, по доаѓањето на Флорентино Перес и потпипишувањето на договори со Кристијано Роналдо и Кака. Реал Мадрид ја прифатил понудата од околу 25 милиони евра за Робен од Бајерн Минхен. Робен навел дека бил принуден да го напушти Реал Мадрид, велејќи дека “ тој не сакал да си замине, но клубот сакал да го продаде”.

Бајерн Минхен

На 28 август 2009 година, Робен се преселил во Бајерн Минхен за околу 25 милиони евра. Нему му бил даден дресот со бројот 10, којшто последен го носел неговиот холандски колега Рој Макај. Неговиот дебитантски настап бил ден потоа. Тој влегол во игра како замена на полувремето, на натпреварот против Волфсбург, на кој постигнал два гола и му помогнал на неговиот тим да го победи шампионот од минатата сезона во првата сезонска победа за Бајерн. На 9 март 2010 година, Робен го постигнал решавачкиот погодок за Бајерн во поразот од 2-3 против Фиорентина ( вкупен резултат 4-4 по двата натпревари), и обезбедиле пласман во четвртфиналето на Лигата на Шампионите во сезоната 2009-10, благодарение на правилото на повеќе постигнати голови на гости. На 7 април 2010 година, Робен го одвел Бајерн Минхен во полуфиналето на Лигата на Шампионите, со прекрасниот волеј удар од работ на шеснаесетникот директно во аголот од голот на натпреварот со Манчестер Јунајтед. Натпреварот завршил со резултат 3-2 за Јунајтед (вкупен резултат 4-4 по двата натпревари), а Бајерн се пласирал понатаму повторно со повеќе постигнати голови на гости. На 17 април 2010 година, тој го постигнал својот прв хет-трик во Бундеслигата, против Хановер на Алијанц Арена. Натпреварот завршил со резултат 7-0 за Баварците. На 8 мај 2010 година, тој ја освои првата титула во Бундеслигата со Бајерн Минхен, откако постигна два гола во победата од 3-1 над Херта Берлин, завршувајќи го првенството како најдобар стрелец на Бајерн.