Жировница — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Долна Река, во околината на градот Дебар.
Потекло на името
Името на селото означува „село со многу воденици“.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Панорама на селото со врвот Куртово Ќуле
Ова големо село претставува најсеверното село во областа Долна Река, во западниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, од десната страна на реката Радика, а на источните падини помеѓу планините Кораб и Дешат, чиј атар се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 840 до 960 метри.
Селото претставува развиен рурален центар. Оддалечено е 9,5 километри од општинското средиште Ростуше, 26 километри од Дебар и 45 километри од Гостивар. Од магистралниот пат Дебар-Маврово-Скопје е оддалечено само 2 километри.
Жировница, заедно со Болетин, е на самата граница помеѓу мијачките села и Горна Река. Селото е сместено во долината на Жировничка Река, која е десна притока на Радика. Под селото се наоѓаат ниви и ливади, додека над селото се наоѓа шума, а високо во планината и пасишта.
Селото има збиен тип и куќите се распоредени по улици и околу сретсело. Помал дел од селото е издвоен од остатокот, наречен Долно Маало. Во турско време таму се наоѓала управата на Реканската Каза, а селото и службено се нарекувало Река.
Историја
мини|300п|десно|Споменик на НОБ во селото
На излезот на долината во Радика во месноста Крќе има траги од црква, како и икони по камењата. По предание се верува дека таму се наоѓал манастир, додека на сегашната местоположба на селото се наоѓала воденица. Кога селото било потурчено, манастирот бил уништен, а селото се создало околу воденицата.
Селото првпат се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467 година со 22 христијански семејства. Првите муслимански семејства се забележуваат во османлиските дефтери од 1536/39, каде се регистрирани 69 христијански семејства и 7 неженети, но и 3 муслимански семејства и 2 неженети муслимани.
Повторно се споменува во пописниот дефтер од 1583 година, бројот на христијаните изнесувал 20 семејства и 11 неженети, додека бројот на муслиманите се зголемил на 69 семејства и 15 неженети.
Во век, Жировница било село во Реканската Каза на Отоманското Царство. Кон крајот на 1887 година, селото станало и административно седиште на казата.Osmanli Yönetiminde Makedonya (Македонија во времето на османлиското владеење), Istanbul 2005, p. 16 – 17.
До пред 1941 година границата со Албанија била проодна и на реонот на Голема Планина во месноста Пишкупска Бара, се одржувал неделен пазар, каде што луѓето од двете страни на границата вршеле размена на стоки за широка потрошувачка. Вкупно 9 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
По 1948 година, односно по резолуцијата на Информбирото се воспоставил обостран строг граничен режим, кој во првите години резултирал со погранични инциденти, па дури и вооружени пресметки. Од 1952 година пограничните инциденти стивнале и се создале услови за мирно користење на пасиштата и косење на сеното. Во тие години по падините на Дешат и Кораб можеле да се сретнат од 200 до 500 косачи.
Со распадот на СФРЈ, од 1991 година ова подрачје повторно стана опасно за животот на граѓаните од Жировница, а пограничните инциденти како по некое непишано правило се повторувале на истите погранични точки како што е месноста Цигански Врв или Висок Врв. Од безбедносни причини движењето е забрането во овој пограничен регион, а тоа го злоупотребуваат вооружените погранични албански банди кои го ограбуваат овој регион. Жителите се надеваат дека границата со тек на време ќе биде мирна.
Стопанство
Селото има мошне голем атар, што зафаќа простор од . На него преовладуваат шумите на површина од 1.364,8 хектари, пасиштата заземаат 1.361,5 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 195,6 хектари.
Селото, во основа, има сточарско-шумарска функција, но може да се каже дека има и мешовита земјоделска активност.
Во селото во минатото се наоѓал фабрички погон за преработка на дрвена граѓа и паркет „Бреза“.
Население
Жировница е населба во која живее население со исламска вероисповед познато под името Торбеши и која говори чист мајчин македонски јазик.
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Жировница била село со 300 домаќинства и 615 жители.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 174-175.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Жерновница имало 1.300 жители, сите Македонци муслимани.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.263.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Јорновица (Жировница) се води како чист македонско-муслимански град во Реканската Каза на Дебарскиот Санџак со 290 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.150 Македонци.
Жировница е големо село, коешто во 1961 година броело 1.174 жители, од кои 1.055 се изјасниле како Турци, 18 Македонци, 18 Албанци и 10 жители Срби. Во 1994 година бројот се зголемил на 1.997 жители, од кои 1.274 биле Македонци, 336 Албанци, 151 Турчин и 209 останати.
Жировница е голема населба каде што постојано бројот на жители варира, во поголема или помала мера. Па така, најголемото намалување на населението било во периодот од 1953 година (1.763 жит.) до следниот попис во 1961 година (1.174 жит.), или за 589 жители помалку се избројани во следниот попис. Намалувањето на населението во овој период е вообичаено, бидејќи се поврзува со иселувањето на турското или другото муслиманско население во Турција, па како и многу села и Жировница не успеала да ја одбегне таа преселба. Но, иако многу турски и македонски муслимански села кои ги зафатила преселбата во Турција, целосно се испустиле и не доживеале обновување и развој, сепак Жировница веќе следната година демографски успеала да се стабилизира и во наредната 1971 година, населението се зголемило на 1.526 жители, што укажува на високиот наталитет во селото. Селото било најбројно во 1991 година, кога во таа пописна година биле запишани 2.155 жители, но од тогаш, па сè до денес, населението константно се намалува.
Според пописот од 2002 година, во селото Жировница живееле 1.608 жители, од кои:
Македонци: 1.314 Албанци: 258* Турци: 20* Бошњаци: 4 останати: 12
*Дел од жителите кои се изјасниле како Албанци и Турци, всушност претставуваат Македонци со исламска вероисповед, бидејќи голем дел од нив се изјасниле дека македонскиот јазик им е мајчин.
Сепак, голем дел од попишаните жители се на привремена или постојана работа во странство, поради што селото има далеку помал број жители.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 714 жители, од кои 274 Македонци, 83 Албанци, 63 Турци, 8 Бошњаци, 205 останати и 81 лице без податоци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Жировница:
Година Македонци Албанци Турци Срби Бошњаци Вкупно 1948 — — — — — — — 1.538 1953 1.085 42 615 8 — 13 — 1.763 1961 81 18 1.055 10 — 10 — 1.174 1971 131 252 846 2 — 295 — 1.526 1981 348 288 37 0 — 1.145 — 1.818 1991 861 358 44 0 — 892 — 2.155 1994 1.274 363 151 0 — 209 — 1.997 2002 1.314 258 20 0 4 12 — 1.608 2021 274 83 63 0 8 205 81 714
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови
Во Жировница отсекогаш живееле Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Жировница живееле следните македонски муслимански родови:
Долно Маало (45 к.): Незировци, Шопевци, Матимачковци, Чуморовци, Корачевци, Рамковци, Лајовци, Бешировци, Исминци и Демиревци. Бешироско Маало (90 к.): Пајковци со Булковци, Чакаровци, Валавичарци, Карлевци и Висманци. Османоско Маало (50 к.): Оџиевци, Пластевци, Галевци и Тулаовци. Мечкарско (Попоско) Маало (30 к.): Гуговци, Картовци, Шијаковци и Чоревци. Горно Маало (75 к.): Гулевци, Жабаровци и Казовци.
Населението на ова село во огромно мнозинство е староседелско, единствено Шијаковци се доселени од Шијак во Албанија и Делиовци од околината на Елбасан.
Во селото повеќе нема христијански семејства, последното се иселило во Дебар во век.
Јазик
Населението на Жировница традиционално зборува македонски јазик со локален дијалект познат како жарновски говор, кој е дел од западната македонска дијалектална група. Овој дијалект е објаснет и документиран во делото на Селмин Сакири-Сакировски, кој објавил монографија и речник за локалниот говор.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поранешната полициска станица во селото
ОУ „Јосип Броз Тито“ - Жировница, деветгодишно основно училиште Пошта (1255) Амбуланта Дом на културата Поранешна полициска станица
Самоуправа и политика
Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше (тогаш „Маврово и Ростуша“), која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на Општина Жировница, во која покрај Жировница се наоѓале и Болетин, Врбјани и Видуше. Во периодот 1950-1952 година постоела повторно Општина Жировница, во која влегувале селата Болетин, Видуше и Жировница.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 0473, 0473/1, 0474 и 0474/1 според Државната изборна комисија, сместени во простории на основното училиште и на месната заедница.
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.227 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалиштаКоцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069 Манастир — средновековна населба, сакрален објект и некропола; и Поповци — средновековна црква и некропола.
Џамии Џамија (Горно Маало во Жировница) — џамија во Горното Маало Џамија (Центар во Жировница) — главната селска џамија, сместена на сретсело Џамија (Долно Маало во Жировница) — џамија во Долното Маало
Реки Жерноица — река низ селото, која се создава со водите на Таировска и Валавичарска Река
Личности
Родени или потекло од Жировница Јован Кукузел (1280-1360) — средновековен композитор и музички теоретичар Емина Дестани — учесник во НОВ на Македонија Саме Лимани - Жарновски (1935-2007) — македонски писател Агрон Салиу (р. 1948) — македонски правник, судија во апелација Љатиф Пајкоски (р. 1957) — македонски политичар и пратеник во Собранието Емина Нурединоска (р. 1974) — активист во НВО секторот во Македонија Јусуф Гулевски — македонски и германски драмски глумец Селим Шаркта — македонски активист во дијаспората, претседател на Здружението на Македонците од Маниса, Турција Селмин Сакири-Сакировски (р. 1995) — македонски инженер и политичар во Австрија, автор на монографија за Жировница на германски јазик.
Култура и спорт
Селото е опеано во македонската народна песна „Жировницо пуста останала“.
Галерија
Наводи
Поврзано Долна Река Општина Маврово и Ростуше
Надворешни врски
„Жировницо пуста останала“ — македонска народна песна
Категорија:Рекански села Категорија:Села во Македонија Категорија:Мавровско-ростушки села Категорија:Села во Општина Маврово и Ростуше