Росоки — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мијачија. Селото се наоѓа на Росочка Река, која извира во близина на селото.

Географија и местоположба

Росоки е сместено во западниот дел на Македонија, во јужниот дел на општината Маврово Ростуше. Претставува дел од долнореканскиот крај. До селото води асфалтен пат кој се двои од регионалниот пат Дебар — Гари. Селото е оддалечено 19 километри источно од градот Дебар.

Атарот на селото зафаќа 11,1 км2.

Соседни села на селото Росоки се: Селце и Тресонче од исток, Галичник од североисток, Сушица од југоисток, Лазарополе од југ, Присојница, Скудриње, Јанче и Аџиевци од запад и северозапад.

Историја

Во своите најдобри времиња, селото броело 90 куќи, а денес се останати многу помал број од овој број.Според кажување на месен жител, забележано од страна на Тони Ристовски, Никола Цибрев, Ѕвонко Петровски, Кирил Симеоновски и Цветко Неделковски на 5 јули 2015 година.

Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

Стопанство

Во минатото, поради Росочка Река, која тече низ самото село, во селото постоеле голем број на воденици и валавици.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Росоки живееле 450 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 263.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Раосоки се води како чисто македонско село во Реканската Каза на Дебарскиот Санџак со 75 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Росоки имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 184-185.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.

Иселувањето во Росоки започнало порано отколку во другите села, па затоа во него останале само двајца жители според пописот од 1981 година.

Селото Росоки е во целост раселено, како што било забележано уште со спроведениот попис од 2002 година, кога во селото немало ниеден жител.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.

Родови

Населението во селото се смета за староседелско, меѓутоа во Тресонче говорат дека тука доаѓале козари од Албанија и дека преку зима ги криеле овците тука и така се населило селото. Некои зборуваат дека Росоки во минатото постоело кај Елбасан, па од таму се преместило.

Родови во селото се: Бојковци (3 к.), Каповци (6 к.), Стари Поповци (1 к.), Кржаловци (2 к.), Дадавелковци (4 к.), Тодоровци (1 к.), не се знае ништо за овие родови и Поповци (2 к.), доселени се од брсјачкото село Душегубица.

Според едно предание, се смета дека велешкото село Ореше е основано од извесен дедо Дамјан, кој бил доселен од Росоки.

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на големата Општина Маврово и Ростуше, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Ростуша.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Лазарополе, во која покрај селото Росоки, се наоѓале и селата Гари, Лазарополе, Селце и Тресонче. Општината Лазарополе постоела и во периодот 1950-1952.

Културни и природни знаменитости

Цркви Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква; Црква „Св. Преображение“ — црква од крајот на век;

Редовни настани

Преображение Христово — 19 август

Личности

Глигор Тодоровски (1928-2006) — историчар Војдан и Дамјан Стојановски — познати македонски кошаркари, по потекло од Росоки.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Мавровско-ростушки села Категорија:Села во Општина Маврово и Ростуше