Цветишница (познато и како Цветишинци) — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во крајниот североисточен дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, во ридско-планинската област Козјачија, чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија. Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 900 до 1.000 метри, а од градот Куманово е оддалечено 40 километри.
До селото води локален земјен пат, кој се двои од регионалниот пат 2244 на две места, односно може да се стигне до него преку селото Малотино или преку селото Рамно.
Селото е свртено кон североисток, сместено на левата падина од долината на Мала Река, која е притока на Пчиња. Најблиски села се Длабочица на југоисток и Буковљане на северозапад. На атарот на селото има слаби извори, кои мештаните ги користат за вода за пиење.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Река, Буковски Дол, Бел Камен, Руси Вир, Русин Дол, Падине, Горњи Вирови, Студена Вода, Свртине, Лом, Грбак, Костински Дол, Крајиште, Враморница, Вртен Камен, Пченичиште, Здравац, Кула, Чукар, Длаго Парче и Стаменков Кладенац.
Селото има разбиен тип, што се случило уште при неговото населување, кога мештаните зафаќале поголем простор околу куќите. Тоа е поделено на три издвоени маала (од северозапад кон југоисток): Горно, Средно и Ѓоринци. Растојанието помеѓу најблиските маала изнесува околу 15 минути пеш. Дури и куќите во самите маала се доста разредени.
Историја
Траги од старини се забележуваат на местото Река под селото. Таму во шумата се познаваат гробови со плочи. Гробовите се свртени север-југ, но денешните мештани не знаат кому припаѓале. Други траги има на месноста Стаменков Кладенец над селото. Како раскажувале мештаните, таму тие при орање наоѓале црепови.
Опустошувањето на старото село очигледно се случило одамна, бидејќи во почетокот на век кога дошле предците на денешните родови, тие го затекнале атарот на селото под шума. Шумата и земјата на атарот најпрвин била во посед на манастирот „Св. Јован Осоговски“ кај Крива Паланка, а подоцна го презел некој Турчин од Крива Паланка или Куманово. Родовите кои се доселиле им давале дел од своите производи на манастирот и на Турците, бидејќи земјата не била нивна. Земјата ја купиле во 1878 година.
Во селото нема црква, поради што мештаните оделе во селската црква „Св. Никола“ во Рамно. Денешните гробишта се наоѓаат под селото, покрај Мала Река.
Стопанство
Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 4,3 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 196 хектари, на шумите отпаѓаат 170 хектари, а на пасиштата 48 хектари.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Цветишница живееле 140 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Цветишница имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 126-127.
За време на Првата светска војна Цветишница била во состав на Општина Рамно и броела 69 жители.
Селото е мало, коешто во 1961 година броело 141 жител, додека во 1994 година бројот се намалил на 30 жители, од кои 28 биле Македонци, а двајца жители Срби.
Според пописот од 2002 година, селото броело 21 жител, од кои 20 Македонци и 1 Србин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци.
Родови
Цветишница е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1950 година, родови во селото: Доселеници: Марковци (2 к.), први доселеници, доселени од селото Црвени Град во Горна Пчиња во денешна Србија; Ѓоринци (5 к.), доселени во првата половина на век од истото село како Марковци. Куќите им се во истоименото маало; Баба-Китинци (3 к.), доселени се околу 1850 година од некое село во околината на Врање во Србија. Порано се викале Стаменоски по основачот на родот. Го знаат следниот родослов: Никола (жив, 70 години во 1950 г.)-Илија-Стаменко; Клинчаровци (4 к.) и Костинци (1 к.), и за нив се вели дека се доселени од Црвени Град и Дошлаци (3 к.), доселени се од Гулинци кај Крива Паланка.
Иселеништво
Единствено се знае за едно иселено семејство од родот Дошлаци во кумановското село Канарево. По Втората светска војна, селото забрзано се испразнило и сега е во фаза на наполно раселување.
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Цветишница било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1965 било во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Арбанашко, во која покрај селото Цветишница се наоѓале и селата Арбанашко, Буковљане, Дејловце, Длабочица, Осиче и Рамно. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Арбанашко, во која влегувале селата Арбанашко, Буковљане, Длабочица, Рамно и Цветишница.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1161 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.
Наводи
Поврзано Козјачија Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане