Збажди (се среќава и како Зб’жди) — село во областа Малесија, во Општина Струга, сместено високо на падините на планината Караорман.
Потекло и значење на името
Мештаните не го знаат потеклото на своето име. Во пишаните извори првпат се сретнува во век како Збожди, како што го изговараат во Локов, Буринец, Селци и Жупа. Името веројатно настанало од некое лично име.
Географија и местоположба
мини|лево|300п|Поглед кон селото од Локов
Селото се наоѓа во областа Малесија, во северниот дел на територијата на Општина Струга, на западните падини на планината Караорман, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е планинско, на надморска височина од 1.060 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 27 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 2243, кој е асфалтиран до ова село и понатаму продолжува како земјен пат.
Помеѓу селата Збажди и ’Ржаново тече Збошка Река, која во текот на летниот период неретко пресушува. Се влева во Црн Дрим кај селото Глобочица.
Збажди се наоѓа северно од Присовјани, во средишниот дел на областа Малесија. Селското подрачје се граничи со Глобочица на југозапад, со Локов на северозапад и со ’Ржаново на север.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Самарница, Пчела, Зло-Стрна, Црквиште, Орлов Камен, Голиње, Типец, Ѓурко Леко, Зад Бигла, Ваковска Нива, Дебелчица, Голем Агар, Миља Ливада, Црни Камен, Пусијите, Ќе Гробон, Караула, Неестин Гроб, Рамна Ливада, На Преслап, Коча Река, Шумје, Плоча, Вршец, Вршечки Ливади, Јанкој Нивје, Гаришта, Голема Река, Лајко Арен, Марков Присој, На Водеинца, Грмадишта, Тесни Мос(т), Лаки, Зад Рид, Мала Пеш, Присој, Лозја, Брчијо Гумно, Бошко Ливада, Под Вис, Селиште, Под Црков, Големи Камен, Кутел, Ваковска Бранеинца, Врање, Бигла, Ќимче(а) Млака, Бегоиште, Сливица, Дрење, Марина Краста, Бачилиште, Бела Вода, Рудина, Груји Лазои, Караорман, Водеинчки Камење, Добра Вода, Извори, Езериште, Малкучеј Ливаѓе, Горно Ливаѓе, Локвица, Кобличишта и Рајко Гумно.
Селото е сместено на осојна страна, на косина кон Голема Река свртено кон север. Збажди се смета за едно од најнерамните села во Македонија. Во селото и околу него има многу извори за вода. Во селото има неколку чешми.
Селото има разреден тип, поделено на Горно, Средно и Долно Маало. Поради разреденоста, некои делови на селото се нарекуваат по родови.
Историја
Во 1903 година, сите куќи изгореле.
Во долниот дел на селото се наоѓа црквата „Успение на Пресвета Богородица“ со гробишта, а околу нејзе се наоѓа и сретселото.
Во 1944 година, во селото била основана Првата косовско-метохиска ударна бригада.
Стопанство
мини|десно|300п|Поранешната земјоделска задруга помеѓу селата Збажди и ’Ржаново
Во селото во минатото постоела огромна земјоделска задруга во која се чувале овците од Струшкото Поле. Задругата била сместена на патот помеѓу селата Збажди и ’Ржаново.
Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 50,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.686,5 хектари, потоа следат пасиштата на површина од 1.600 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 646,3 хектари.
Селото има мешовита земјоделска функција.
Селото од 1952 година имала работничка задруга, која подоцна станала продавница. На Збошка Река имало пет воденици. Во минатото мештаните се занивале со одгледување ситна стока, како и земјоделство во помала мера. Подоцна започнале да одат на печалба.
Население
Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства и 96 жители мажи.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Збажди имало 550 жители.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Збажди имало 640 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 164-165.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.
Од Збажди се иселил значителен број од неговото население. Така, во 1961 година селото броело 449 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 15 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото Збажди имало 10 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 4 Македонци и 6 лица без податоци.
Родови
Збажди е чисто македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во периодот од 1948 до 1950 година, родови во селото биле: Со непознато потекло се: Дамјановци со Дапчиновци (20 к.), Мавнивиловци (1 к.), Грујевци (9 к.) и Богојевци (3 к.), овие родови потекнуваат од четири браќа, некои мислат дека потекнуваат од Закамен; Стојковци со Тримовц (12 к.) и Карадаковци (6 к.), потекнуваат од ист предок; Марковци (4 к.), Беровци (2 к.) и Трајчевци (4 к.), мислат дека порано биле еден род почетокот од XIX век. Со познато потекло се: Петковци (13 к.), Шаламановци (1 к.) и Радичовци (1 к.), доселени се од некое село Кукуричани во Долен Дебар во Албанија. Од таму се иселиле поради насилство. Селанинот Мијајле Радичоски заедно со Недан Мојсоски биле селски војводи во Илинденското востание; Близнаковци или Петревци (3 к.), доселени се на почетокот од XIX век од соседното село Локов. Таму живееле двајца браќа близнаци по што го добиле името; Иловци (1 к.), доселени се од раселеното село Славила кое постоело кај селото Селци; Каларенци или Каларен (1 к.) и Крстановци (1 к.), доселени се од селото Радожда крај Охридското Езеро; Аџиоски Фидан (1 к.), порано живеел во селото, бил Ром и се доселил од Локов, а имал роднини во ’Ржаново.
Иселеништво
Иселеништвото од ова село било масовно, така селото е пред целосно изумирање. Постари иселеници до 1950 година има во Ресен, Битола, Охрид, Белчишта, Волино, Царев Двор. А надвор од Македонија во Србија (Јабука, Белград, Суботица, Нови Сад), Бугарија (Ботевград), Хрватска (Сплит, Копривница), Германија, Австрија, Аргентина, Чешка.
Иселувањето продолжило и после 1960-тите помасовно. Во тој период населението се иселувало во Охрид и Струга, а помалку во Скопје.
Општествени установи
Поранешно основно училиште во горниот дел на селото
Самоуправа и политика
мини|десно|300п|Поглед кон селото од Локов, како и патот кој води до него
На крајот од XIX век, Збажди било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Луково.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото Збажди, се наоѓале и селата Богојца, Брчево, Глобочица, Локов, Мислодежда, Поум, Присовјани и ’Ржаново. Во периодот 1950-1952 година, селото Збажди било дел од некогашната општина Присовјани, во која влегувале селата Глобочица, Збажди и Присовјани.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1892 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште во селото Присовјани, а во кое влегуваат населените места Буринец, Локов, Присовјани, ’Ржаново, Селци и Збажди.
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта Добра Вода — топилница од средниот век; и Црквиште — сакрален објект од средниот век.
Цркви Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква.
Споменици Споменик на НОБ на селските гробишта
Реки Збошка Река — помала река, притока на Црн Дрим; и Мавтова Река — помала река кај селото.
Редовни настани
Слави Голема Богородица (28 август) — селска слава
Личности
Родени во или по потекло од Збажди Сиљан Илов Грујоски — македонски револуционер од ВМОРО; Танаско Илов Дамјаноски — македонски револуционер од ВМОРО; Ангеле Јованов Дуковски — македонски револуционер од ВМОРО; Кипро Илиев Илиевски — македонски револуционер од ВМОРО; Сиљан Јованов Крстаноски — македонски револуционер од ВМОРО; Иван Мирчески — македонски револуционер од ВМОРО; Ристо Китанов Петрески — македонски револуционер од ВМОРО; Михаил Радичоски — македонски револуционер од ВМОРО; Петко Стојанов Стојаноски — македонски револуционер од ВМОРО; Танаско Стојанов Стојаноски — македонски револуционер од ВМОРО; Миле Трпчески — македонски револуционер од ВМОРО; Таса Исак Богоевска — учесник во НОВ на Македонија; Љуба Јованова Бошеска — учесник во НОВ на Македонија; Мара Дамјановска Гулевска — учесник во НОВ на Македонија; Ника Груевска — учесник во НОВ на Македонија; Алтана Дамјаноска — учесник во НОВ на Македонија; Наумка Димовска — учесник во НОВ на Македонија; Будимка Дојчиноска — учесник во НОВ на Македонија; и Петкана Карадакоска — учесник во НОВ на Македонија.
Потекло од Збажди Таткото на познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, Ѓоко, потекнува од селото Збажди. Поради тоа, првиот албум на Трпчески снимен во Македонија, бил посветен на ова село.
Галерија
Наводи
Поврзано Малесија Општина Струга Струга
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга