Корошишта — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Селото е познато по богатата благородничка гробница од VI век п.н.е. сместена во месноста Расница.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во јужниот дел на Струшкото Поле и во крајниот источен дел на Општина Струга, од десната страна на реката Сатеска, чиј атар на тесен дел се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Струга селото е оддалечено 10 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2243 и до него може да се стигне преку селото Делогожди или преку селото Ливада.

Селото се наоѓа помеѓу пространа низина на југ и падините на планината Караорман на север. На ниското земјиште се одгледуваат земјоделски култури, додека на повисокото земјиште има шуми, пасишта и послабо жита. Околни села се Климештани, Мешеишта, Ливада и други. Водата за пиење доаѓа од карстниот извор Главина, кој извира во самото село и од бунари. Од 1973 година во селото има и водовод.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Каљаја или Градиште, Манастирец, Прападиште, Црско, Шаркулецка, Голем Камен, Чаршија, Меризи, Слива, Корита, Крчин, Долни и Горни Кутли, Караорман, Расница, Жупа, Чифлик, Ќерамидница, Калдрма и Плитник.

Селото има изразено збиен тип, поделено на постар или горен крај или долен крај. Куќите на селските родови образуваат групи или маала. Вкупно има 8 маала, колку што и родови. Секое маало го носи името на родот, како што се Калиќи, Лешко, Којовец и други.

Историја

Во самото село и на падините северно од него има разни остатоци од старини. На возвишението Каљаја (Кале) или Градиште над селото има слаби остатоци од некогашна тврдина. Во народот се говори дека тука престојувал воен одред кој се грижел за безбедноста на областа..

На планината Караорман северно од селото во минатото имало две помали села — Црско и Прападиште. Недалеку од нив е месноста Манастирец. Црско се наоѓа на границата на атарите помеѓу селата Корошишта и Поум.

Нема историски податоци за тоа кога е основано денешното село. Меѓутоа, сите податоци говорат дека средновековното село било населено со словенско христијанско население. Тоа население во него живеело до првата половина на век. Старите мештани имале своја црква на истакната положба крај карстниот извор Главина, каде денес се наоѓа училиштето.

Според кажувања на мештаните, првите албански муслимански доселеници во селото дошле во периодот 1840-1850 година. Тие биле по потекло од околината на Дебар. Тие доселеници не се сложувале со староседелците, кои брзо се иселиле. Никој точно не знае или можеби не кажуваат каде заминале словенските иселеници од Корошишта.

Во селото постои џамија од 1920 година, а претходно имало помала џамија од втората половина на век.

Во 1975 година кај основното училиште бил поставен споменик за загинатите борци во Сремскиот фронт. Покрај него, постои и споменик за загинатите борци во Балканските војни.

Стопанство

Атарот му е заеднички со соседното село Џепин и зафаќа простор од 7,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 361 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 269 хектари, а на пасиштата 182 хектари.

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работат продавници и услужни објекти.

Во селото имало чифлиг во посед на некој бег, кој имал свој чифлиг и во Подмоље.

До Втората светска војна имало развиен сточарски живот, кога биле одгледувани кози, овци и говеда. По војната, скоро секое домаќинства има по еден член вработен или пак заминат на привремена работа во странство. Исто така, денес земјоделството е повеќе развиено од сточарството.

Население

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, селото имало 35 домаќинства, со 75 муслимани и 20 Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 102-103.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Корошишта живееле 440 жители, сите Албанци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 252.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Корошишта се води како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 70 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Албанци.

Селото е големо, во коешто живее албанско население. Во 1961 година, селото броело 1.453 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 2.229 жители, од кои 2.223 биле Албанци, тројца Македонци и еден жител Србин.

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Корошишта, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.

Според пописот од 2002 година, селото броело 1.717 жители, од кои 1 Македонец, 1.698 Албанци, 1 Србин и 17 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1.201 жител, од кои 1 Македонец, 1.179 Албанци, 1 останат и 20 лица без податоци.

Родови

Денес, во селото живее албанско муслиманско население.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, родови во селото: Каличи (30 к.), доселени се од селото Себишта, Голо Брдо. Во родот се знае следното родословие: Абиб (жив, 40 години во 1980 г.)-Шабан-Џемаил-Рустем, основачот на родот кој се доселил; Лешко (15 к.), доселени се од селото Лисичани, Голо Брдо, го знаат следното родословие: Скендер (жив, 72 години во 1980 г.)-Азис-Далип-Каплан, се доселил споменатиот Далип кој живеел 120 години; Борова (12 к.), доселени се од селото Борово, Голо Брдо; Којовец (13 к.), доселени се од селото Којовец, Голо Брдо (Дебарско); Дока (5 к.), доселени се однекаде, старото презиме им е Нурелар; Абдулаји (15 к.) и Коџаџику (11 к.), доселени се од селото Коџаџик, Дебарско. Потеклото им е турско.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото се: Коџа (2 к.), најстар род во селото, за нив некои велат дека се староседелци; Алимлар (3 к.) и Авдула (10 к.), доселени се одамна од Дебарско; Каличи (13 к.), доселени се на почетокот од XIX век од селото Себишта, Голо Брдо; Себиштас (8 к.), Исеилар (4 к.) и Алај (15 к.), исто потекло како и претходниот род, доселени се помеѓу 1800 и 1820 година; Јашарлар (9 к.), порано зборувале македонски, доселени се од селото Јабланица, Дримкол; Борова (6 к.), доселени се од селото Борово во Голо Брдо; Алут (1 к.), доселени се од претежно торбешкото село Клење, најверојатно се исламизирани Македонци; Коевец (21 к.), доселени се од селото Којовец, Голо Брдо; Коџаџикас (18 к.), доселени се од селото Коџаџик, Дебарско; Фида (8 к.), доселени се од областа Матија во Северна Албанија; Дока (15 к.), доселени се од блиското село Поум околу 1845 година; Лога (1 к.), доселени се одма после претходниот род од истото село; Ќирос (1 к.), Ајдери (1 к.), Деко (1 к.), Ќафелар (1 к.), Куртиш (1 к.), Назмин (1 к.), Махмуд (1 к.) и Муса (1 к.), доселени се заедно во 1923 година од селото Песочани, Дебрца; Влаши (1 к.), доселен во 1947 година од селото Велешта; Исеин Тефик (1 к.), Ром, доселен како ковач од селото Волино, не се знае подалечното потекло.

Иселеништво

Бранислав Русиќ ги забележал следниве иселеници: Од родот Себиштас иселеници има во: Охрид (четири семејства од 1920 година); и Од родот Борова иселеници има во: Охрид (едно семејство од 1919 година).

Јован Трифуноски пак ги забележал следниве иселеници: Корошиштани (6 к.) во Ливада и Корошиштани (6 к.) во Џепин. По војната се иселиле околу 30 семејства, најмногу во Охрид, а помал дел во Струга.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Подрачно основно училиште „Екрем Јакупи“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Нури Мазари“ - Делогожди

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Корошишта било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Делогожди.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Мешеишта, во која покрај селото Корошишта, се наоѓале и селата Климештани, Мешеишта и Џепин. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната општина Делогожди, во која влегувале селата Богојци, Горно Татеши, Долно Татеши, Корошишта, Тоска и Џепин.

Избирачко место

Во селото постојат избирачките места бр. 1897 и 1898 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Герамидница — населба од доцноантичко време; Главина — црква и некропола од средниот век; Гробишта - Чифлик — населба и некропола од доцноантичко време; Кале — утврдена населба од железното, доцноантичкото време и средниот век; Латинска Црква — верски објект од доцната антика; Расница — населба од доцноантичко време со богата благородничка гробница од архајскиот период; Шаркуецка — црква и некропола од средниот век; и Шекеими — црква од средниот век.

Цркви Во минатото во селото постоела црква во средишниот дел на селото, кај денешното училиште.

Џамии Џамија — главна селска џамија.

Споменици Споменик на загинатите борци во Балканските војни; и Споменик на НОБ.

Галерија

Поврзано Општина Струга Струшко Поле

Наводи

Забелешки

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга