Мали Влај — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Потекло и значење на името Според Влоѓимјеж Пјанка, името на селото произлегува од етнонимот Власи и придавката „мали“, која е веројатно додадена за да се разликува од блиското село Рамен во Поградечко, чие име на влашки јазик исто така означува „Власи“. Формата Влај е стар акузатив во множина, кој настанал од фонолошка промена на Влахи (*Vlaxy > *Vlaxi > *Vlai > Vlaj). Со губењето на падежите во македонскиот јазик, зборот ја изгубил множинската форма и почнал да се употребува во еднина.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Поглед на Охридското Езеро од селото

Селото се наоѓа на крајната југозападна страна на подрачјето на Општина Струга, чиј атар се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.000 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 11 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од државниот пат А2.

Селото Мали Влај се наоѓа во планинското подножје на Јабланица, во непосредна близина на селото на граничниот премин Ќафасан со Албанија.

Мали Влај се наоѓа во крајниот југозападен дел на Струшко Поле, сместено на планината Јабланица. Во близина на селото се наоѓа македонско-албанската граница со граничниот премин Ќафасан. Под селото поминува државниот пат А2 помеѓу Драч-Елбасан-Охрид. Околни села се Радожда, Франгово и Калишта. Водата за пиење порано доаѓала од извори соѕидани во чешми, а од 1972 година селото има свој водопад од изворот Букина Вода.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Градиште, Горно Селиште, Долно Селиште, Млака, Слоништа, Слонишки Пив, Рујан, Ќафасан, Слива, Габрон, Љашио, Господски Нивје, Дорљонивиште, Благун, Бозина Вода, Бисака-Краста, Манчео, Ливаѓе, Пресека, Капеш, Николиште, Василев Дол, Зад-Крст, Под-Пеш, Керкло и Калин Присој.

Селото има збиен тип, поделено на делови кои се нарекуваат по родови, како што се Вранишкоски, Наумоски и други.

Историја

Бидејќи Мали Влај се наоѓал на важен пат уште во средниот век, таму била подигната тврдина со населба под нејзе. Тврдината се наоѓала на возвишението Градиште (1.136 м.), додека населбата била на месноста Горно Селиште. Остатоци од старини и денес се наоѓаат. Не се знае кога пропаднала таа средновековна населба, која исто така се нарекувала Мали Влај.

Денешното село потекнува од околу 1810 година, кога било основано од пет словенски домаќинства доселени од селото Ермас на Мокра Планина во Албанија (во околината на Поградец). До 1912 година, турската администрација го водела селото под името Чучук Влај. Меѓутоа, околните Албанци од Франгово и Калишта го викале селото Ермози, по старото место од каде дошле мештаните на Мали Влај.

За време на Втората светска војна, кога во близина на селото не постоела граница, неколку селани заминале на планината Мокра и таму го посетиле пустото селиште Ермас. Ги виделе остатоците на некогашните куќи и руините на црквата. Преданието наведува дека некогашните христијанско-словенски жители на Ермес живееле од сточарство. Некои поголеми сточари од таму оделе со својата стока дури покрај Јадранското Море, додека другите повремено престојувале на планината над денешното село.

Меѓутоа, околу 1810 година во селото Ермас започнале зулуми, кои ги вршеле некои муслимански Албанци. Поради нив селото се раселило. Некои христијани тогаш се потурчиле. Пет домаќинства со своите кози дошле во Мали Влај и тука го основале денешното село. Некои кажуваат дека старешините на тие домаќинства биле браќа. На планината околу Мали Влај постојат одлични услови за козарство.

Во селото постојат две цркви, Свети Никола во самото село со селските гробишта, која била срушена во земјотресот од 1911 година. Подоцна, на тие темели во 1923 година била изградена денешната црква. Старата црква „Св. Никола“ се смета дека била подигната од старите мештани на селото. Друга споредна црква е „Св. Атанасиј“, сместена веднаш над селото. Таму најпрвин постоел параклис, па по Втората светска војна на нејзиното место била изградена денешната црква.

Во минатото, брачните врски се склопувале со мештаните од околните села: Вишни, Радожда, Враништа и Лин (денес во Албанија).

Западно од селото се наоѓа селото Рајца (денес во Албанија), чии жители денес се муслимански Албанци, но по предание тие биле христијански Словени. Во текот на век, поради зулуми тие се потурчиле и го примиле албанскиот јазик, но се зачувани старите родовски имиња, како Васковци, Богдановци, Стојановци, Божовци и други.

Во селото има споменик за загинатите борци во НОБ, а под селото се наоѓа чешма „Св. Петка“.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 9,8 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 758 хектари, на пасиштата отпаѓаат 149 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат само 38 хектари.

Селото, во основа, има шумарско-сточарска функција. Во минатото, во селото работел фабрички погон и имало услужни објекти.

Во минатото, мештаните од Мали Влај често оделе на печалба во Белград, особено до 1912 година и помеѓу двете светски војни.

Мали Влај има поволни услови за сточарство, особено за козарство, со што се занимавале жителите во минатото. Исто така, порано мажите работеле и како градежни работници.

Население

Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства и 100 жители, Македонци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мали Влај живееле 165 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 254.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Мали Влај се води како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 25 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мали Влај имало 192 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 164-165.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.

Мали Влај во 1961 година броело 421 жител, а во 1994 година преминало во мало село со 161 жител, македонско население.

Според пописот од 2002 година, селото броело 71 жител, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 20 жители, од кои 11 Македонци и 9 лица без податоци.

Родови

Мали Влај е македонско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1980 година, родови во селото: Вранишковци (20 к.), Наумовци (17 к.), Трајковци (6 к.), Матевци (7 к.) и Лошковци (3 к.), за сите рода се говори дека се доселиле од селото Ермас на планината Мокра (денес во Албанија). Во родот Вранишковци се знае следното родословие: Коле (жив, 60 години во 1980 г.)-Србин-Јован-Анѓеле-Коле-Ниче, кој се доселил во селото. Родовското име го добиле по некоја жена која била мажена во селото од селото Враништа. Во родот Наумовци се знае следното родословие: Србин (жив, 72 години во 1980 г.)-Ванѓел-Трифун-Коте-Наум, кој се доселил во селото. Во родот Трајковци се знае следното родословие: Србин (жив, 68 години во 1980 г.)-Анѓеле-Јане-Богдан-Трајко, основачот на родот. Во родот Матевци се знае следното родословие: Милан (жив, 71 години во 1980 г.)-Мате-Петруш-Ристе-Мате, основачот на родот кој се доселил; Марковци (1 к.), потекнуваат од предокот Марко Герман кој се доселил пред 1912 година како слуга кај Лошковци, а дошол од селото Пројте Сиперма кај Љушње во Албанија.

Иселеништво

Селото дало голем број на иселеници. До 1979 година, иселеници од селото има во Струга (20 семејства), Битола (15 семејства), Белград (10 семејства), Охрид (7 семејства) и во Скопје (6 семејства). Иселеништвото продолжило и потоа, што може да се забележи по големиот пад на населението.

Општествени установи

Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Мали Влај било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Мали Влај, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Калишта, Радожда, Радолишта, Франгово и Шум. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Калишта, во која влегувале селата Калишта, Мали Влај, Радожда и Франгово.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1874 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Воздушен поглед на црквата „Св Никола“ во Мали Влај

Археолошки наоѓалишта Св. Илија — утврдена населба од доцен среден век; Градиште — утврдена населба од средниот век; и Св. Недела — црква од средниот век.

Цркви Црква „Св. Никола“ — главната селска црква; Црква „Св. Атанасиј“ — помала селска црква веднаш над селото; и Црква „Св. Петка“ — селска црква.

Редовни настани

Слави Атанасовден — мештаните кај црквата „Св. Атанасиј“ организирале во минатото обичај „ордија“, кога секое домаќинство печело јагне и го јаделе на заеднички ручек кај црквата. Меѓутоа, откако муслиманските Албанци од соседното Франгово почнале да доаѓаат и да прават судири, ручекот се дава по куќите во селото; Водици (или Свети Јан) — прослава со традиционални обичаи.

Галерија

Поврзано Општина Струга Струшко Поле

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга