Радожда — село во Општина Струга, во околината на градот Струга, сместено на северозападниот брег на Охридското Езеро.

Во селото се говори на посебен дијалект со свои одлики, кој во македонската дијалектологија е познат како вевчанско-радошки дијалект.

Во пештера над селото е сместена црквата „Св. Архангел Михаил“, која претставува културно наследство на Македонија како пештерна црква од век со зачувани фрески.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Воздушен поглед на селото со Охридското Езеро

Името на селото првпат е забележано како Радобужда во документи од век (1342-45 г.). Низ годините се споменува под слични варијанти како Радохожда. Доаѓа од првобитното присвојно име Радохожда што се поврзува со личното име Радоход. Сегашниот облик Радожда е продолжение на старомакедонската форма Радоб’жда (слично со Збажди или Зб’жди).

Географија и местоположба

мини|300п|десно|Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Струга, јужно од градот Струга, чиј атар се допира до брегот на Охридското Езеро и до државната гранична линија со Албанија. Селото е рамничарско, на надморска височина од 700 метри. Од градот Струга е оддалечено 11 километри, додека од границата со Албанија само 2 километри.

До селото води регионалниот пат 1208, кој се движи покрај крајбрежјето од Струга кон неколку хотели и кампови, туристичката викенд-населба „Елен Камен“ и завршува во Радожда, а недалеку веднаш над самото село минува меѓународниот пат А2 кон граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница.

Радожда се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро, крај македонско-албанската граница. Иако нема соодветни природни услови, селото има варошки налик, односно изглед на мало гратче. Тоа е сместено во подножјето на карпест гребен кој се спушта од планината Јабланица.

Месностите во нискиот дел на селото ги носат следниве имиња: Ќафа Сан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака, Шиклица, Кошјо, Дуко-Рид, Мал Лаз, Љогумно, Локов, Локоска Краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште и Елен Камен (или Еленско).

До крајот на Втората светска војна, Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот отсек. Меѓутоа, во поново време, населбата е изградена крај самиот брег на Охридското Езеро во насока север-југ, во должина од 1000 метри, на тој начин здобивајќи се со низински тип и доста современи и големи куќи.

Историја

мини|300п|десно|Зачувани остатоци од некогашниот римски пат Вија Егнација мини|300п|десно|Пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ од век поседува вредни фрески мини|300п|десно|Споменикот на НОБ во селото

Радожда е доста старо село и со сигурност се знае дека постоело во средновековниот период, кога како Радобужда било споменато во Душановата повелба од 1342-45 година како дар за црквата „Богородица Перивлепта“ од Охрид.

Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот Санџак од 1583 година се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа.

Во селото постои зачувано предание дека во минатото кога насила биле преобратени во ислам православните Македонци во соседното село Рајца (денес во Албанија), обидите тоа да се стори и во Радожда останале неуспешни, бидејќи некои жени се самоубивале скокајќи од високиот карпест отсек западно од селото со цел „само да не се потурчат“. Мештаните на Радожда одржувале врски со исламизираните Словени од Рајца, со кои се склопувале т.н. шишани кумства, се разменувале производи и слично.

Западно од селото се издигнува Селиште, каде се остатоците од стариот храм „Св. Богородица“. Покрај црквиштето во 1975 година бил изграден помал храм посветен на „Св. Богородица“. Народното предание наведува дека најстарото село се наоѓало на тоа Селиште, но подоцна мештаните се спуштиле покрај езерото на денешното место.

Во средишниот дел на селото постојат две цркви — „Св. Никола“ и „Св. Петка“. Свети Никола е главната селска црква со селските гробишта, веројатно подигната во век, додека црквата „Св. Петка“ е помал и понов храм. Има и други помали храмови во близина на Радожда, на север е „Св. Недела“, на југ е „Св. Илија“, додека на запад во висока пештера се наоѓа „Св. Архангел Михаил“. Последната црква е пештерен храм од средниот век со доста добро зачувани фрески.

Селска слава на селото е Голема Богородица, која се одржува кај старата црква на Селиште. Покрај оваа слава, селаните имале „ортија“ на Петковден кога секоја куќа колела јагне и приредувале заеднички ручек кај црквата „Св. Петка“, но сега тоа повеќе не се прави. Во минатото се приредувала и прослава за Свети Јован во јануари.

Во близина на селото се наоѓа државната гранична линија. Од Радожда со границата се одвоени две соседни населби, кои денес се во Албанија: Лин на југ и Рајца на запад. При повлекувањето на границата, три месности од атарот на Радожда припаднале на Лин (Врбилакој, Учерешна и Лаз).

До крајот на Првата светска војна во 1918 година, жителите на Радожда и Лин одржувале тесни стопанско-економски и општествени врски, меѓу кои чести биле и брачните врски. Но, по воспоставувањето на границата селото Лин станало мешано христијанско-муслиманско, но сите мештани на Лин биле принудени да учат на албански јазик поради што јазикот се изгубил.

За време на италијанско-албанската окупација во Втората светска војна, Радожда неколкупати била ограбувана од балистите од селото Чезме, кое се наоѓа на соседната планина Мокра, чиј пат кон Струга водел низ Радожда каде што убиле 4 мажи, отерале жива стока и ограбиле покуќнина, накит и пари.

По војната, селото добило поголемо значење, па така селото сега е туристичко, рибарско и занаетчиско-трговско. Некогашните стопански гранки како сточарството и земјоделството се целосно напуштени. Покрај Радожда биле изградени две големи туристички камп-населби „Ливадиште“ на север и „Треска“ на југ. Кампот „Ливадиште“ е во функција, додека кампот „Треска“ е во стечај како и самата фабрика за мебел.

Во 1972 година, селото добило водовод со вода од карстниот извор Истоци. Претходно, мештаните пиеле вода од чешмите Млака и Клаенци, а понекогаш и од самото езеро. Исто така, се верува дека водата во некогашните карстни извори западно од селото се изгубила и сега се појавува во соседното село Лин.

Во селото постои споменик за паднатите борци во НОБ.

Стопанство

десно|мини|300п|Фабрика „Единство“ во средишниот дел на селото

Атарот зафаќа простор од 7,9 км2, на кој шумите зафаќаат површина од 505 хектари, пасиштата зафаќаат 185 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат само 59 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото има фабрички погон и услужни објекти.

Сепак, населението на селото сè повеќе се насочува и е вклучено во второстепените и третостепените стопански гранки, како што се туризмот, индустриското производство и занаетчиството. Историски населението на Радожда се занимавало со три стопански дејности - земјоделство, сточарство и риболов, кои постепено биле заменети од занаетчиството, градежништвото и туризмот.

Во минатото сточарството било главната гранка, а селото по кажувања на постарите имало „булуци и булуци“ (стада) на кози, овци, говеда и коњи со чија помош се наѓубрувало обработливото земјиште кое добро раѓало, а освен тоа 14 домаќинства се занимавале и со риболов, меѓутоа постепено економски населението почнало да остварува приходи од другите дејности и пензии со кои купува намирници во продавниците.

Во селото работел еден погон на фабриката „Единство“ од Струга со околу 30 работници. Други економски единици нема, освен неколку продавници на мешовита стока, кафулиња и рибни ресторани, кои се надалеку познати по својот специјалитет - охридската пастрмка, поради што тие се и често посетувани од домашни и странски гости.

Населението е претежно занаетчиски ориентирано. Радожданци се познати фасадери и керамичари. Другиот дел од населението работи по фабриките во Струга, а дел во установите во Струга. Досегашниот погон на рибарското стопанство „Летница“ не работи и рибарите останаа без работа.

Во мал дел е застапено и земјоделството пред сè за домашни потреби, односно градинарството со одгледување на домати, пиперки, лук, кромид, пченка, краставици, како и живинарство со одгледување кокошки и во помал дел патки, а исто така е застапено и овоштарството преку одгледување на цреши, јаболка, кајсии, сливи и вишни.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Радожда имало 650 жители, сите Македонци христијани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Радожда е претставено како мешано македонско-албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 85 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Радожда имало 800 Македонци, од кои 480 под врховенството на Бугарската егзархија и 400 патријаршисти.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.164-165.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.

Селото е големо, коешто во 1961 година броело 866, а во 1994 година 849 жители, од кои 845 биле Македонци и по двајца жители Власи и Срби.

Според пописот од 2002 година, во селото Радожда живееле 808 жители, од кои 806 Македонци, 1 Србин и 1 останат.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 710 жители, од кои 689 Македонци, 1 Влав, 1 Србин, 1 останат и 18 лица без податоци.

Родови

Селото Радожда отсекогаш, па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1979 година, родови во селото се: Староседелци: Пејовци (23 к.), Скрчески (18 к.), Славковци (17 к.), Несторовци (18 к.), Шеќеровци (10 к.), Кутаноски (10 к.), Бакрачески (10 к.), Шопоски (9 к.), Мангоски (9 к.), Јулоски (9 к.), Солакоски (7 к.), Кумбароски (4 к.), Бушовски (4 к.), Пуроски (3 к.) и Волканоски (1 к.). Доселеници: Степаноски (2 к.), доселени се, но не знаат од каде; Љакоски (6 к.), доселени се од некое место во Црна Гора и Шајноски (10 к.), доселени се однекаде.

Иселеништво

Постари иселеници од селото има во селото Мислешево во Струшко Поле (Радождани, 7 к.). Други постари иселеници има во Струга: Несторовци. По војната имало иселувања во македонските градови Струга, Охрид, Битола, Прилеп и Скопје, како и во странство, како Франција, Северна Америка и Австралија.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Основно училиште „Димитар Влахов“, подрачно основно училиште до петто одделение во состав на ОУ „Јосип Броз Тито“ - Струга Здравствена амбуланта

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Радожда било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Радожда, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Калишта, Мали Влај, Радолишта, Франгово и Шум. Во периодот 1950-1952 година, селото претставувало дел од Општина Калишта, во која влегувале селата Калишта, Мали Влај, Радожда и Франгово.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1878 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.