Радолишта — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга.
Потекло на името
мини|300п|лево|Сретселото
Името на селото првпат е споменато како „Радолиште“ во 1342 година.
Постојат повеќе објаснувања за потеклото на името:
Од Радовлишта што означува „Радовлје“ (некое село) и -ишта, со значење „место каде што се наоѓа(ло) Радовлје“; Од личното име Радол/Радослав/Радислав;Дуриданов, Иван. Значението на топонимията за етническата принадлежност на македонските говори. во: Лингвистични студии за Македония, София, МНИ, 1996, стр. 179. и Од старословенското Радовлишти добиено од стигматската форма со значење куќи, палати или од патронимиското име со значење син, потомок.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Поглед на селото со селската џамија
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, во југозападниот дел на Струшкото Поле, чиј атар се издига до сртот на планината Јабланица, каде се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е рамничарско-ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 700 до 820 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 4 километри.
До селото водат повеќе локални асфалтни патишта кои се двојат од државниот пат А2 кој води кон граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница, додека во низинскиот дел на селото поминува регионалниот пат 2240.
Селото се наоѓа на источните падини на планината Јабланица, десно од регионалниот пат Струга-Ќафасан. Куќите се подигнати на благи падини и во котлинското дно. Околни села се: Калишта, Франгово и Шум. На планинската падина западно од селото има неколку извори, како што се Извор, Врба, Зуламова Воденица и Чешма Гулит. Од овие извори настанува малата селска река. Во минатото, на реката имало неколку воденици и летно време служела за наводнување. Но, во поново време, водата од изворите Врба и Зуламова Воденица се користи за струшкиот водовод. Додека немале свој водовод, мештаните пиеле вода од самата река. Денес, реката скоро и да не постои.
Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Љугу Франгут, Пуза Алију, Мечкина Вода, Гропа Љамес, Регае Портес, Гропе Браимит, Корита Тоне, Корија Рајца, Џафер Џура, Аре Френговарит, Гропа Клења, Чесма Волинчес, Сенка Радолишка, Рујен, Гропе Масовит и Краста. Месностите во котлинскиот дел на атарот ги носат следниве имиња: Шкрка, Фиериште, Ливада Френговас, Блатат, Врештат, Куќерлина, Огради и Ќерамитица.
Селото има збиен тип. Постојат повеќе маала, главно именувани по родови, како што се: Оџалари, Даутлари, Черменика, Врчар, Ускалар и други.
Историја
мини|300п|десно|Воздушен поглед на базиликата кај селото
Селото спаѓа меѓу најстарите села во Струшко. Во него е откриена една старохристијанска базилика на месноста Цигански Гробишта. Подоцна, во ова село се наоѓала и црквата „Св. Богородица“, која во периодот 1342-1345 година, кралот Стефан Душан ја предал на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ од Охрид. Во грамотата на царот Душан е спомената под името Оу Радов’лиштехь. Селото било седиште и на една православна епархија.
Во минатото, селото било словенско-христијанска населба. Меѓутоа, од почетокот на век, тука започнале да се населуваат Албанци. Тие, како муслимани, биле повластени во рамки на тогашното царство, и постепено постарите родови започнале да се иселуваат. Последните две христијански домаќинства го напуштиле селото околу 1900 година. Родовите се иселиле во селото Вишни и во градот Струга.
Во самото село и во атарот се сретнуваат старини, претежно од христијански гробишта и од 3-4 цркви. На едно од тие места се наоѓал некогашниот средновековен храм „Св. Богородица“.
Во средишниот дел на селото постои џамија. Само неколку мажи повремено го посетуваат теќето во Струга. Кај последните куќи од селото се наоѓа и турбе на Баба Осман.
При повлекувањето на границата во 1912 година, Радолишта добила еден атар со костенова шума од Рајца.
На 28 октомври 1944 година, германските окупатори го извршуваат еден од најголемите масакри за време на Втората светска војна на територијата на Македонија. Стрелаат 82 жители на Радолишта и ги горат до темел куќите на селаните.Владо Ивановски и др. (ур.) „Охридско-Струшко во Народноослободителната борба 1941-1945“, Струга, 1990, книга II, 271 и 355 стр. Стрелањето успеале да го преживеат само седуммина радолиштанци. Тие паднале меѓу мртвите тела на соселаните, не пуштајќи ни глас, а во вечерните часови успеале да избегаат.„Тајниот долап и стрелањето на Радолишани“, ТВМ Во месноста Вакчаре се погребани телата на жртвите и таму се наоѓа споменик.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 14,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 814 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 336 хектари, а на пасиштата 227 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.
Селото има услови за полјоделство, шумарство и сточарство. Освен тоа, жителите оделе и одат и на печалба. Порано работеле како градежни работници во Метохија, Романија и Албанија, а во поново време во Германија, САД и на други места.
Кога се чувале овци, сточарите ги користеле пасиштата на Јабланица на местата Руен, Гропе Масовит и Краста. Во 1979 година имало три бачила со по 500 овци.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Радолишта имало 700 жители Албанци муслимани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Радолишта е претставено како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 80 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.050 Албанци и 100 Македонци.
Селото е големо, населено со албанско население и со пораст на населението. Така, селото во 1961 година броело 1.617 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 2.892 жители.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Радолишта, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.
Според пописот од 2002 година, во селото Радолишта живееле 3.119 жители, од кои 1 Македонец, 3.085 Албанци, 1 Турчин и 32 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.067 жители, од кои 1 Македонец, 1.954 Албанци и 112 лица без податоци.
Родови
Во селото живее муслиманско-албанско население.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1979 година, родови во селото се: Постари албански родови се: Оџалари, Лена, Мамутлар, Даутлар и Ајрула. Сите имаат околу 150 куќи. Предците на родот Лена се доселени од селото Врче, Албанија. Родот Оџалари е познат по тоа што од него потекнуваат селските оџи. Понови албански родови се: Черменика, Колоња, Врчар, Зуљалар, Шемолар, Волинче, Мерколар, Ускалар и Белица. Сите имаат околу 200 куќи. Родот Врче потекнува како и родот Лена. Родот Черменика доселен е од селото Фнарс, од областа Черменика во Албанија. Во тој род се знае следнава генеалогија: Реџо (жив, 70 години во 1979 г.)-Љуман-Раман, основач на родот. Сега родот е поделен на две гранки, Лука и Балија. Родот Белица е доселен од селото Долна Белица. Родот Колоња доселен е од областа Колоња во Албанија.
Иселеништво
Околу 1900 година, македонското население се иселило од селото. Се пренесува дека еден свештеник останал последен да живее во селото.
По Првата светска војна, некои жители се преселиле во Албанија и во Турција. По Втората светска војна, некои домаќинства заминале во Струга (10 к.), Охрид (8 к.) и Битола (7 к.). Има иселеници и во другите соседни села: Заграчани (Леши, 2 к.) и Долна Белица (Радолиштани, 2 к.).
Општествени установи
Централно основно училиште „Асим Агуши“, централно основно училиште до деветто одделение во низинскиот дел на селото (месност Расадник) Подрачно основно училиште „Асим Агуши“, подрачно основно училиште до петто одделение во средишниот дел на селото кај џамијата Здравствена амбуланта Пошта (6333)
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Радолишта било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Радолишта, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Калишта, Мали Влај, Радожда, Франгово и Шум. Во периодот 1950-1952 година, исто така, постоела Општина Радолишта, во која влегувале селата Заграчани, Радолишта и Шум.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места место бр. 1875, 1875/1, 1876, 1876/1 и 1877 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.
На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 3.252 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3.280 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Камен Мост - Опале — населба од неолитското време и некропола од железното време; Радолишта — населба од доцноантичкото време; и Цигански Гробишта (нарекувана и Радолишка базилика) — старохристијанска базилика и раносредновековна некропола. Близу до селото Радолишта, на северниот брег на Охридското Езеро, е откриена ранохристијанска базилика. Црквата е трикорабна со нартекс и анекси северно и јужно од објектот. Подовите во наосот и нартексот се изведени во мозаик со геометрики, растителни и зооморхни слики. Датира од - век.
Џамии Џамија — главна селска џамија.
Други верски објекти Турбе на Баба Осман — мало турбе на крај од селото.
Цркви Во средновековниот период постоела црквата „Св. Богородица“, а покрај селото се пронајдени старини уште од 3-4 други цркви.
Споменици Споменик за стреланите селани од германската војска во масакрот во Радолишта; и Спомен-чешма за загинатите во Балканските војни.
Личности
Родени во Радолишта Ќерим Мемедали Хоџа (1924-1991) — македонски писател за деца, публицист и новинар
Галерија
Наводи
Забелешки
Поврзано Дримкол Општина Струга Струга
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга