Шум — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Реката Шум низ селото
Името на селото се поврзува со апелативот „шум“ што доаѓа од старословенскиот јазик. Според народната етимологија пак доаѓа од албанскиот збор „schumë“ со значење многу (пр. многу вода или река), што се поврзува со истоимената река. Исто така, селото е сместено во полето каде што има остатоци од шума. Албанците зборот шума го изговараат како „шум“ и тој можеби од теренско име станал име на селото. Како трето објаснување е дека потекнува од шум со значење „место во река каде што шуми водата“.
Јован Трифуноски забележал дека името на селото доаѓа од истоимениот извор, од кој подоцна настанува реката Шум.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во југозападниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку од градот Струга, сместено во Струшкото Поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 702 метри. Од самиот град Струга е оддалечено само 5 километри, поради што припаѓа на неговата рурбална зона.
Низ селото поминува регионалниот пат 2240.
Шум се наоѓа на границата помеѓу ниското земјиште (700 метри) на исток и падините на планината Јабланица на запад. Тоа земјиште овозможува да се развивале и земјоделството и сточарството. Посебна важност за селото е тоа што во неговиот средиштен дел извира јакиот карстен извор Шум. Куќите на селото се шират во непосредна близина на соседното постаро село Заграчани. Водата за пиење доаѓа од изворот, кој денес се користи како главен извор за струшкиот водовод.
Атарот на селата Шум и Заграчани се една целина.
Селото има збиен тип, при што е поделено на повеќе краеви како Даутовци, Рамадановци, Асановци и други.
Историја
Како посебно село Шум почнува да се води од 1964 година. Дотогаш било дел од соседното постаро село Заграчани. На местото на денешното село околу 1900 година имало само две куќи, по една од албанските родови Исмаили и Мена.
Домаќинството на родот Исмаили се доселило од селото Горна Белица на планината Јабланица, додека на родот Мена дошло од селото Мислодежда на Караорман. Од родот Мена сега нема потомци. Мештаните на Шум и Заграчани имаат заеднички гробишта. Порано, тие имале и заедничка џамија, но сега во селото е изградена посебна џамија.
Карстниот извор Шум е посебно богатство на селото. На поголем простор извира бистра вода, а кај изворот има рибник и мрестилиште за пастрмки. Водата се користи за градскиот водовод и наводнување. Порано, водата од изворот се вливала во мочуриште од левата страна на Црн Дрим.
Стопанство
Атарот го дели со соседното Заграчани и истиот зафаќа простор од 4,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 320,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 123,7 хектари, додека шуми речиси и да нема.
Во минатото, мештаните главно се занимавале со земјоделство и печалба. Исто така, многумина мештани одат како градежни работници во странство.
Население
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, маалото имало 50 Албанци.
Во пописите од 1953 и 1961 година, населението на Шум се вбројува во вкупниот број на жители на селото Заграчани.
Селото е населено со албанско население. Тоа, во 1971 година броело 671 жител, додека во 1994 година бројот се зголемил на 750 жители.
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Шум, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.
Според пописот од 2002 година, во селото Шум живееле 837 жители, од кои 2 Македонци, 823 Албанци и 12 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 411 жители, од кои 342 Албанци и 69 лица без податоци.
Родови
Шум е албанско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1979 година, родови во селото: Даути (15 к.), Рамадани (12 к.) и Ајредини (4 к.), доселени од селото Заграчани, кои се албанизирани Торбеши (Македонци муслимани); Исмаили (20 к.), доселени се од селото Горна Белица и Татешани (4 к.), доселени се од селото Долно Татеши.
Општествени установи
Месна заедница
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Шум, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Калишта, Мали Влај, Радожда, Радолишта и Франгово. Во периодот 1950-1952 година, исто така, постоела Општина Радолишта, во која влегувале селата Заграчани, Радолишта и Шум.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1881 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Арапски Гробишта — некропола од хеленистичко време.
Џамии Џамија — главна селска џамија.
Реки Шум — река низ селото.
Галерија
Наводи
Забелешки
Поврзано Дримкол Општина Струга Струга
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга