Тоска (познато и како Тоски) — раселено село во Општина Струга, во областа Струшко Поле, во околината на градот Струга.
Денес, од селото скоро и да нема видливи остатоци.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во областа Струшко Поле, во средишниот дел на Општина Струга, северно од градот Струга, во јужниот дел на планината Караорман. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 880 метри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2243 над селото Долно Татеши.
Тоска е мало село, сместено на планинска падина помеѓу соседните села Богојци на север и Горно Татеши на југ. Во минатото, водата за пиење доаѓала од една чешма и од бунари.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Рамниште, Преслап, Забели, Тумба, Шулони Мад и Ќафа.
Историја
Тоска е поново село, основано од доселеници (Тоски) од Јужна Албанија, како што укажува и неговото име. Настанало околу 1870 година откако тука дошле две домаќинства од селото Велчани, Поградечко. Од нив потекнувале двата селски рода.
Меѓутоа, на местото на Тоска некогаш постоело друго постаро село, кое било населено со православно македонско население. Ова старо село било познато под некое друго име. Од поранешните жители останати се неколку топоними (Преслап, Рамниште и други), како и стари гробови во месноста Тумба. Во близина денес лежат муслиманските гробишта.
Во 1971 година, селото имало 8 куќи со 69 жители, додека во 1977 година селото останало само со едно домаќинство.
Стопанство
Атарот на селото е заеднички со оној на селото Горно Татеши.
Население
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Албанци.
Селото имало 69 жители во 1971 година, но во текот на таа деценија наполно се иселило.
Според пописот од 2002 година, Тоска немала ниеден жител. Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Родови
Тоска е албанско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, во селото имало само два рода: Реџепови (4 к.) и еден непознат род (4 к.). Реџепови некогаш биле побројни. Доселени се околу 1870 година од Велчани во Јужна Албанија. Го знаат следното родословие: Џеладин (жив, 45 години во 1977 г.)-Исмаил-Алит-Реџеп, предокот кој се доселил во селото.
Иселеништво
Од Реџепови има иселеници во низинското село Долно Татеши (3 к.). Во Тоска живеел и уште еден селски род, чиешто име Јован Трифуноски не го дознал. Тие имаат иселеници во Струга (2 к.) и во Охрид (2 к.).
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Тоска било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Делогожди.
Во периодот од 1957 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото припаѓало на некогашната општина Велешта.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Велешта, во која покрај селото Тоска, се наоѓале и селата Велешта, Враништа, Горно Татеши, Добовјани, Долна Белица, Долно Татеши и Ташмаруништа. Во периодот 1950-1952 година, селото Тоска било дел од некогашната општина Делогожди, во која влегувале селата Богојци, Делогожди, Долно Татеши, Корошишта, Тоска и Џепин.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1894 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Богојци.
Поврзано Општина Струга Струшко Поле
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга Категорија:Раселени села во Македонија