Мислодежда (познато и како Мислоежда) — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Потекло и значење на името

Името на селото доаѓа од словенско потекло и влегува во групата на лични имиња изведени од зборот „мисл“. Меѓутоа, Јован Трифуноски забележал дека еден постар селанец во соседна Малесија му пренел дека селото некогаш се нарекувало Радо(ј)ево.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа на источната страна на Струшкото Поле, во северниот дел на Општина Струга, а под јужната падина на планината Караорман. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 945 метри. Од градот Струга, селото е оддалечено 14 километри.

Низ селото поминува регионалниот пат 2243.

Мислодежда има многу значајна сообраќајна местоположба лежејќи на широк превој во југозападниот дел на планината Караорман. Превојот има височина од 1000 метри и во минатото тука поминувал сточарско-пешачки пат од Голо Брдо на запад и од Струшка Малесија. Оваа поврзаност имала пресудно значење за доселувања од таа страна. Во минатото, водата за пиење доаѓала од бунари и извори, додека од 1970 година во него има водовод.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голема Краста, Бела Краста, Калуѓерска Чешма, Караорман, Паничар, Фурка, Лесковец, Селиште, Калауз, Ара-Бирачит, Шафаре, Дра-Ливад, Фуша и Црвеница.

Селото има разреден тип, поделено на четири маала кои се наречени по родовите. Така, на север се Мена и Иса, додека Хоџа и Мета се на југ.

Историја

Мислодежда се смета за старо село во Струшко. Во него има различни старини и карактеристични топографски имиња. Калуѓерска Чешма и Киша (Црква) се места кои се наоѓаат на падините на возвишението Бела Краста, што се наоѓа западно од горниот дел на селото. На местото Киша се познаваат делови на ѕидови од некогашниот храм, а има и плочи од гробови. Околу 300 метри понатаму е месноста Калуѓерска Чешма. Храмот најверојатно бил манастир и бил посветен на „Св. Јован“.

Во селото најпрвин живеело словенско население. Тоа старо население во него живеело до првата половина на век. Меѓутоа, тогаш се населиле предците на денешните албански родови, па поради тоа староседелците се иселиле. Се знае за родот Ќелешовци кои се иселиле во Малесија, а по нив има и наречена месност во селото Ара Ќелешит. Исто така се знае за родот Бирачовци со Јанковци (9 к.) кои заминале во ’Ржаново во Малесија.

Населувањето на албанското население се случило околу 1820 година, кога дошле четири муслимански албански рода од областа Голо Брдо.

Во селото имало црква „Св. Троица“, која се наоѓала во северниот дел од селото, на врвот од возвишението. Помеѓу двете светски војни во селото имало и жандермериска станица во која имало командир и околу 15 жандарми. Околу 1930 година, Јован Милошевиќ од Црна Гора како командир на станицата покренал акција да се обнови селската црква. На денот на Света Троица црквата била свечено осветена во присуство на охридскиот епископ Николај. При обновата биле најдени стари гробови и делови од накит во нив. Но, во текот на Втората светска војна, црквата и жандермериската станица биле срушени. Денес, таму се наоѓа селското училиште и стари дабови.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 9,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 564 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 232 хектари, а на пасиштата 172 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во него работат услужни објекти.

До крајот на Втората светска војна, селаните живееле од земјоделство и сточарство. Најмногу одгледувале планински жита (’рж и јачмен), како и стока — овци, кози и говеда. Меѓутоа, во поново време голем дел од мештаните заминале на привремена работа во Германија и Австрија.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мислодежда живееле 300 жители, сите Албанци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 253.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Мислодежда се води како чисто албанско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 60 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Албанци.

Мислодежда е средно по големина село, без поголеми промени на бројот на населението до 2000-тите години. Така, селото во 1961 година имало 520 жители, од кои 499 биле Албанци, шест Турци, четворица Македонци и 10 жители муслимани, а во 1994 година 582 жители, албанско население.

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Мислодежда, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.

Според пописот од 2002 година, селото броело 720 жители, од кои 1 Македонец, 717 Албанци и 2 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 428 жители, од кои 407 Албанци и 21 лице без податоци.

Родови

Мислодежда е албанско село.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1977 година, родови во селото се: Мена (35 к.) и Иса (15 к.), први селски доселеници. Во родот Мена се знае следното родословие: Биза (жив, 65 години во 1977 г.)-Адил-Кадри-Алит-Мена, основачот на родот кој се доселил; Хоџа (15 к.), доселени по првите два рода. Во родот Хоџа се знае следното родословие: Ариз (жив, 65 години во 1977 г.)-Јашар-Бафте-Јашар-Оџа, основачот на родот кој се доселил; Мета (15 к.), доселени во исто време како претходниот род. По родот Мета во селото немало доселувања туку селото растело по природен пат.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото се: Мена (17 к.), Хоџа (11 к.), Иса (10 к.), Мета (10 к.), Џила (8 к.), Тафа (7 к.), Џелеши (4 к.) и Хида (2 к.). Сите родови дошле околу 1760-1780 година од областа Лура (Северна Албанија) и околината од Пешкопеја.

Иселеништво

Покрај иселувањето на словенското население од Мислодежда, помеѓу двете светски војни и по Втората светска војна имало иселуавње и на некои албански домаќинства. Се смета дека се иселиле околу 50 семејства, најмногу во градовите Охрид, Струга, Битола, како и во пониските низински села. Иселеници во тие села се Мислодеждани (6 к.) во селото Ливада, Мислодеждани (5 к.) во селото Биџево, Иса (7 к.) во селото Горенци и Мена (1 к.) во Ново Село.

Општествени установи

Подрачното основно училиште „Орхан Џемаили“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Орхан Џемаили“ - Горно Татеши Здравствена амбуланта

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Мислодежда било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Делогожди.

Во периодот од 1957 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото припаѓало на некогашната општина Велешта.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото Мислодежда, се наоѓале и селата Богојци, Брчево, Глобочица, Збажди, Локов, Поум, Присовјани и Ржаново. Во периодот 1950-1952 година, селото Мислодежда било седиште на некогашната истоимена општина, во која влегувале селата Богојци, Брчево, Мислодежда и Поум.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1900 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Долна Црква — некропола од доцниот среден век; Сред Село — некропола од доцноантичкото време; и Црква — средновековна црква и некропола.

Цркви До Втората светска војна во селото постоела црквата „Св. Троица“ на врвот на возвишението на сретсело каде била сместена и жандериската станица.

Џамии Џамија — главна селска џамија.

Галерија

Поврзано Општина Струга Струшко Поле

Наводи

Забелешки

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга