Рената Кралевска, попозната како Rennata (, Скопје) — македонска пејачка и текстописец.

Животопис Рената е родена на 6 март 1990 година во Скопје. За првпат на музичката сцена се појавила во 1997 година, на нејзина 7 годишна возраст во популарното шоу 1+2, каде ја отпеала „Нека ми не сване“ од Данијела Мартиновиќ. Истата година се појавила во „Сител Бамбини“ на Сител-телевизија со нејзината песна „Роденденска желба“. Во 1998 година, таа настапила на фестивалот за оригинална македонска музика „Тетовски филиграни“ со нејзиниот хит „Не го барајте“ каде освоила две награди, за најмлад изведувач и најдобра изведба. По неколку години, поточно во 2003 година, Рената ја издала својата песна „Сакам да сум“ и со неа учествувала на Детскиот евровизиски фестивал. Автор на песната била една од девојките која пеела со Рената, а аражманот бил на Кире Костов. Подоцна, во 2005 и 2006 година, таа го претставувала нејзиното средно училиште СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ на Француски фестивал со песните „Comme toi“ од Алабина и „Aimer jusqua limpossiblе“ од Тина Арена. После 3 години, Рената зела учество на македонскиот музички фестивал Макфест со RnB баладата „Не го барајте“ на 5 ноември 2009 година, продуцирана од Јован Јованов, а напишана од Елвир Мекиќ. Следната година ја издала песната „Заводлив глас“ (Seducing voice), напишана од Рената, а продуцирана од Јорданчо Василковски – Оцко. Истата година, Рената потпишала соработка со Sky Eye Entertainment. Наскоро Рената почнала да се пробива не само на македонскиот, туку и поширокиот музички пазар. Првата песна со новата продукција била „I can take you here“, продуцирана од Зоран Алексиќ. Летото 2012 година, таа ја издала песната „Time, time“, која забележала одличен успех, како и песната „Please Stay“. Рената била првиот изведувач од регионот која поседувала VEVO канал како дел од YouTube платформата. „Because I love you“ било првото видео пуштено на брендираниот канал. Еден месец подоцна, првото службено видео на Рената, „Please stay“ било промовирано. Рената доживеала голем успех и станала првиот балкански изведувач чии песни биле изведени на над 7000 радија низ целиот свет. „Trust your feelings“ и „West side story“ биле следните синглови. Видеото за „West side story“ било објавено во октомври 2015 година.

Рената била студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за соло пеење.

Синглови

I Can Take You There - 2011 Time, Time - 2012 Because I Love You - 2012 This Christmas Night - 2012 Please Stay - 2013 Trust Your Feelings - 2014 West Side Story - 2015 Queendom - 2017

Наводи

Надворешни врски Официјално мрежно место Rennata на каналот Vevo на YouTube Портфолио на учесникот Рената Кралевска - Rennata.

Категорија:Живи луѓе Категорија:Пејачи од Скопје Категорија:Македонски пејачи Категорија:Македонски текстописци Категорија:Југословенски Македонци