Банка за меѓународни порамнувања (англиски: Bank for International Settlements) е меѓународна организација која им служи на централните банки во нивниот стремеж по монетарна и финансиска стабилност, поттикнува меѓународна соработка во тие области и служи како банка за централните банки.BIS мини|Лого на организацијата Историја Првите предлози за создавање меѓународна централна банка сместена во некоја неутрална земја се појавиле кон крајот на 19 век. На пример, Лујџи Луцати (Luigi Luzzatti), како реакција на меѓународната ликвидносна криза од 1907 година, се залагал за институција која би го поддржувало кредитирањето меѓу монетарните власти и која би била управувана од меѓународно тело. За таа цел, тој го убедил министерството за финансии на САД да организира конференција за разгледување на неговиот предлог. Подоцна, во 1920-тите, гувернерот на Банката на Англија, Монтегју Норман (Монтагу Норман) повторно ја поставил идејата за институција која би била надлежна за соработка меѓу централните банки. Иако, тој бил поддржан од претседателот на Федералната резервна банка на Њујорк, Бенџамин Стронг (Benjamin Strong), САД биле против оваа идеја, сметајќи дека таквата институција ќе биде под доминантно влијание на европските земји. Дури кон крајот на 1920-тите, на конференцијата во Баден-Баден, била донесена согласност за создавањето на ваквата институција.Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 254.

Банката за меѓународни порамнувања (БИС) е основана на 17 мај 1930 година. Таа е најстарата меѓународна финансиска институција во светот и претставува главен центар за меѓународна соработка на централните банки. Банката за меѓународни порамнувања била основана во контекст на Планот на Јанг (1930), кој се занимавал со прашањето за исплатитие за репарација наметнати на Германија со Версајскиот договор по Првата светска војна. Банката била создадена и да послужи како старател за долгорочните германски обврзници издадени за финансирање на репарациите и да промовира соработка меѓу централните банки. Седиштето на БИС било сместено во Базел поради неутралноста на Швајцарија, но и поради тоа што градот бил добро поврзан со европската железничка мрежа, со што гувернерите на централните банки лесно можеле да присуствуваат на седниците. БИС започнала да работи на 17 мај 1930 година, а прашањето за репарациите брзо избледело (тие биле суспендирани една година по создавањето на БИС), што овозможило банката целосно да ги фокусира своите активности на соработката меѓу централните банки и дополнително други агенции во потрага по монетарна и финансиска стабилност.Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 255.

Во 1930-тите, кога светот се соочил со меѓународни финансиски нарушувања, активностите на БИС биле ограничени само на истражувањето и размената на информации. Во овој период, централните банки продолжиле да се среќаваат на состаноците во Базел и да ги користат услугите на БИС, особено при спроведувањето на девизните интервенции и раководењето со девизните резерви. Подоцна, БИС била критикувана за премногу блискиот однос со нацистите за време на Втората светска војна (во тоа време, во управниот одбор на БИС членувале нацистичкиот министер за економски прашања Валтер Функ и офицерот на Гестапо, фон Шредер), т.е. дека БИС помогнала во „перењето“ на златото што нацистите го конфискувале во окупираните земји, како Белгија и Чехословачка. По завршувањето на Втората светска војна, откако биле формирани ММФ и Светската банка, натамошното постоење на БИС било доведено во опасност, зашто САД сметале дека таа треба да биде укината. Меѓутоа, кон крајот на 1940-тите, БИС имала улога во клирингот на плаќањата меѓу европскиет држави во рамките на спроведувањето на Маршаловиот план. Веќе во 1950 година, САД го промениле својот став и сметале дека БИС може да биде корисна како форум за координација на централните банки. Така, во периодот на Бретонвудскиот монетарен систем, БИС, која во тоа време била позната и како Базелски клуб (Basel Club), извршувала важни функции: чувањето на златните резерви, Општата спогодба за позајмување на ММФ, мултилатералниот надзор на Г10, како и подготовките за создавањето на Европскиот монетарен сојуз - сите овие активности започнале во БИС. На пример, до создавањето на Европскиот монетарен институт, гувернерите од европските централни банки се состанувале во рамките на БИС, која служела и како агент на Европската платна унија.Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 256-257.

Промени во улогата на Банката за меѓународни порамнувања Од 1930 година, соработката меѓу централните банки се одвивала во рамките на Банката за меѓународни порамнувања преку редовни состаноци во Базел, на гувернерите на централните банки и експерти од централните банки и други агенции. Во поддршка на оваа соработка, банката развила сопствени истражувања за финансиската и монетарната економија и со тоа давала важен придонес за собирање, компилација и дистрибуција на економска и финансиска статистика.

На полето на монетарната политика соработката во рамки на Банката за меѓународни порамнувања веднаш по Втората светска војна до 1970-тите се фокусирала на спроведување и одбрана на Бретонвудскиот систем. Од 1970-тите до 1980-тите години фокусот бил на управување со прекуграничните текови на капитал по нафтените кризи и меѓународната должничка криза. Кризите во 1970-тите години го наметнале прашањето за регулаторна супервизија на меѓународно активните банка, што резултирало со Базелската Спогодба од 1988 година и нејзината ревизија Базел 2 од 2001-2006. Во поново време, прашањето за финансиската стабилност во пресрет на економската интеграција и глобализација, како што било нагласено и со Азиската криза од 1997 година, добива поголемо внимание.

Освен поттикнување на соработка во монетарната политика, Банката за меѓународни порамнувања отсекогаш извршувала традиционални банкарски функции за заедницата на централни банки (на пример,трансакции со злато и девизни трансакции), како и функции како старател. Банката за меѓународни порамнувања служела како агент на Европската унија за плаќање (1950-1958), во враќањето на конвертибилноста на европските валути по Втората светска војна. Слично на тоа, Банката за меѓународни порамнувања служела како агент и во неколку аранжмании за Европскиот девизен курс вклучувајќи го Европскиот Монетарен Систем (1979-1994), кој претходел на преминот кон единствена валута.

Банката за меѓународни порамнувања исто така обезбедувала или организирала итна финансиска поддршка за меѓународните монетарни системи кога имало потреба за тоа. Во текот на финансиската криза 1931-1933, Банката за меѓународни порамнувања организирала синдицирани кредити за помош на Унгарија и Австрија, кои се соочиле со финансиски тешкотии по пропаѓањето на банката Кредитаншталт (Creditanstalt). Во 1960-тите, таа обезбедила специјален кредит за поддршка на францускиот франк (1968) и два таканаречени групни аранжмани (1966 и 1968) за поддршка на британскиот стерлинг. Во поново време, Банката за меѓународни порамнувања обезбедила финансии во рамките на програмите за стабилизација на Меѓународниот Монетарен Фонд (на пример, за Мексико во 1982 и Бразил во 1998 година).BIS - Историја

Организација и управување БИС е организирана како акционерско друштво во кое нејзините членки се акционери. При нејзиното формирање, САД одбиле да се вклучат во акционерскиот капитал на банката така што како акционери во БИС се вклучиле три комерцијални банки, предводени од „Џ. П. Морган“. Првиот директор на БИС бил шведскиот економист Пер Јакобсен (Per Jacobssen), а за време на Втората светска војна директор бил Французинот Пјер Кене (Pierre Quesnay).Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 256.

Банката за меѓународни порамнувања има 647 вработени од 54 земји. Сите вработени се должни да се однесуваат во согласност со општите принципи напишани во кодексот за однесување на вработените. Повелбата за усогласеност на Банката за меѓународни порамнувања ги опишува водечките принципи за управување и усогласеност во банката.

Управувањето со банката е одредено со нејзиниот Статут, кој последен пат бил ревидиран во јуни 2005 година по прегледот направен на управувањето на банката од страна на три водечки, независни правни експерти. Трите најважни тела за донесување на одлуки во рамки на банката се: Собранието на членките централни банки Одборот на директори Раководството на банката

Одлуките донесени на секое од овие нивоа се однесуваат на водењето на банката и како такви се главно од административна и финансиска природа, поврзани со нејзините банкарски операции, политиките за внатрешно управување со Банката за меѓународни пормнувања и распределбата на буџетските средства на различни бизнис области. Административните и буџетските правила на банката се однесуваат и на комисиите во рамките на Банката за меѓународни порамнувања. Другите аспекти од управувањето со комисиите се одговорност на телата на кои секоја од комисиите поднесува извештај.

Банката за меѓународни порамнувања има 60 членки-централни банки и секоја од нив има претставник и право на глас во собранието. Гласачката моќ е пропорционална на бројот на акции што Банката за меѓународни порамнувања ги издала во земјите на секој член претставен на состанокот. На годишното собрание, клучните одлуки од страна на членките централни банки се фокусирани на распределба на дивидендата и профитот, одобрување на годишниот извештај и сметките на банката, приспособување на надоместокот што се исплаќа на членовите на одборот на директори и избор на надворешни ревизори. Годишното собрание се одржува на крајот на јуни или на почетокот на јули. Мора да биде свикано вонредно собрание со цел да се измени Статутот на банката, да се промени акционерскиот капитал или да се ликвидира банката.BIS - Организација и управување

Вообичаено, уште од 1930-тите, состаноците на гувернерите од земјите-членки на Г10 се одржуваат во сабота и недела, во Базел. Најчесто се организираат шест состаноци годишно при што некои гувернери присуствуваат само на три-четири состаноци. Во недела се организира приватна вечера само за гувернерите, без присуство на другиот персонал од БИС (со исклучок на генералниот менаџер), а следниот ден се одржуваат формалните состаноци на одборот на БИС.Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 259.

Во рамките на БИС постои мрежа од разни комитети, како: Институтот за финансиска стабилност (Financial Stability Institute) кој организира обуки и семинари за супервизорските тела ширум светот надлежни за финансискиот сектор, Базелскиот комитете за банкарска супервизија, Комитетот за платните системи и системите за порамнување, Комитетот за глобалниот финансиски систем, Форумот за управување (Governance Forum) и Комитетот за пазарите (markets Committee) кој дискутира за оперативните аспекти на интервенциите на централните банки на финансиските пазари. Покрај тоа, БИС е седиште на неколку други организации, како: Меѓународното здружение на супервизорите на осигурувањето (International Association of Insurance Supervisors), Меѓународното здружение на осигурителите на депозити (International Association of Deposit Insurers) и секретаријатот на Одборот за финансиска стабилност.Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 260-261.

Претставништва Покрај седиштето во Базел, БИС има свои претставништва во Хонгконг и во Град Мексико: