’Ржаново (познато и како ’Ржанов) — село во областа Малесија, во Општина Струга, сместено високо на падините на планината Караорман.
Потекло и значење на името
лево|мини|300п|Поглед кон селото од Локов
Името на селото првпат е споменато како ’Ржано во турски документи од век (1583 г.). Под слични варијанти е сретнувано и во други документи низ годините. За името постојат повеќе варијанти од каде потекнува името: од ’Ржан (дол) или ’Ржана (нива), како и придавна форма на ’рж и -ово (село); и првобитната форма е ’Ржано, што е супстантивизирана придавка од ’рж (во селото најмногу се сеело ’рж), додека формата ’Ржанов е добиена по аналогија на соседното село Локов, додека обликот Аржаново е административна творба настаната по аналогија на честите топоними образувани со наставката -ово, без да се води сметка за структурата на името.
Мештаните го нарекуваат селото ’Ржанов.
Географија и местоположба
десно|мини|300п|Поглед на селото и неасфалтираниот регионален пат 2243 под селото
Селото се наоѓа во областа Малесија, во северниот дел на територијата на Општина Струга и на западните падини на планината Караорман, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца. Селото е планинско, на надморска височина од 1.250 метри. Од градот Струга е оддалечено 33 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 2243, кој е неасфалтиран помеѓу селата Локов и Збажди.
Помеѓу селата Збажди и ’Ржаново тече Збошка Река, која во текот на летниот период неретко пресушува. Се влева во Црн Дрим кај селото Глобочица.
Селото се наоѓа во северниот дел на Малесија, граничејќи се со Збажди на југ, со Локов на запад и со шумите на Караорман на исток и север.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бигла, Ѓурко Леко, Шибалкин Трап, Умски Мос(т), Буклеска Водеинца, Млаче, Лаишта, Кармишта, Уз Корен, Ралеј Кутли, Кравја Млака, Глобоки Трап, Бара, Кара Ѓуз, Пусијите, Бела Вода, Голем Агар, Дебелчица, Смилкоска Маала, Орео, Еѓупско Гумно, Марков Камен, Селиште, Ливаѓе, Благача, Присој, Власиќеец, Браткоец, Јаорец, Милко Мос, Ума, Броалиште, Камнена Стрга, Глаиње, Големи Кутел, Горна Ливада, Поле, Чаталаец, Ореот и Голема Нива.
Селото се наоѓа на блага падина, сместено на осојна страна и отворено кон југозапад односно долината на Збошка Река. Селото изобилува со вода и мештаните користат извори за вода за пиење. Два од нив се соѕидани во чешмите Под Врба и Станишеец.
Селските куќи се изградени блиску една до друга. Селото е поделено на маала кои се наречени по родовите, како што се Бирачоско Маало и Павлеско Маало, или пак по местоположбата, како што се Ридоско Маало и Горно Маало.
Историја
Селото, како и селската црква со иконостасот, изгорело за време на Илинденското востание во 1903 година.
Стопанство
мини|десно|300п|Поранешната земјоделска задруга помеѓу селата Збажди и ’Ржаново
Во селото во минатото постоела огромна земјоделска задруга во која се чувале овците од Струшкото Поле. Задругата била сместена на патот помеѓу селата Збажди и ’Ржаново.
Во 1948 година се создала работничка задруга, која подоцна станала продавница.
Во минатото, селото живеело од овчарство и козарство, а по нападите на арбанашките банди, мештаните започнале со земјоделство и оделе на печалба.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во ’Ржаново живееле 360 жители, сите Македонци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, ’Ржаново е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 39 куќи.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во ’Ржаново имало 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.
Селото е наполно раселено по 1961 година, кога што имало 128 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото ’Ржаново немало жители. Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Родови
’Ржаново било македонско село, кое денес е целосно раселено. Сите родови во селото биле доселенички. И повеќето родови се многу стари доселеници.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во периодот од 1948 до 1950 година, родови во селото биле: Влаовци и Мартиновци, кои се делат на Постоловци, Марковци и Стојановци (25 к.), нивните предци најпрво дошле во подрачјето на селото, се зборува дека од некаде избегал некој Влав сточар, па најпрво на местото Лаиншта си изградил привремено живеалиште, а после некое време подигнал куќа; Ќелешовци со Ќечовци и изумрените Лошановци (8 к.) се еден род, по потекло се од Вапила, Охридско, од каде најпрво отишле на чифлиг во Корча, каде останале 17 години, па потоа преминале најпрво во Славила (раселено село во атарот на Селци) во Славила не останале долго, туку морале да бегаат од турските напади, има преку 200 години како живеат во ’Ржаново; Бирачовци и Јанковци (9 к.) потекнуваат од ист предок, по потекло се од селото Мислодежда, таму и сега има место, Бирачова Нива, во Мислодежда бил некој пољак „Турчин“ од Зогаја или Лузнија во Долен Дебар, на служба во родот Бирачовци. Пољакот во една прилика ѝ направил нешто лошо на жената на Тодор од Бирачовци и Тодор земал пушка и го убил пољакот. Потоа од страв се населил во Славило (раселено село). Ни неговиот брат Јанко не можел долго да остане во Мислодежда, каде во тоа време почнале да се населуваат Албанци, па пребегнал најпрво во Корча, а од Корча потоа преминал кај неговиот брат. Со нивното иселување Мислодежда престанала да биде македонско село. После уништувањето на селото Славила, се населиле во ’Ржаново, каде живеат преку 200 години; Џутевци (4 к.) се веројатно од селото Џутаит во Албанија. Ги има и во Пискупштина. Во ’Ржаново се доселени преку Глобочица; Павлевци (4 к.) доселени се од селото Присовјани, се доселил Трифун Шупуроски кој влегол во родот Вељановци, кои се изумрени по машка линија; Аџиоски Бајрам (1 к.), Ром, ковач, во селото дошол „одамна“ од Локов.
Иселеништво
Денес, селото е целосно иселено. Иселувањето започнало по 1903 година, при што иселувањата била од сите родови на сите страни, низ Македонија, но и низ странство.
Општествени установи
Поранешно основно училиште, кое мештаните сами го изградиле
Самоуправа и политика
мини|десно|300п|Поглед кон селото од Локов, како и патот кој води до него
На крајот од XIX век, ’Ржаново било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Луково.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото ’Ржаново, се наоѓале и селата Богојца, Брчево, Глобочица, Збажди, Локов, Мислодежда, Поум и Присовјани. Во периодот 1950-1952 година, селото ’Ржаново било дел од некогашната општина Локов, во која влегувале селата Буринец, Локов, ’Ржаново и Селци.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1892 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште во селото Присовјани, а во кое влегуваат населените места Буринец, Локов, Присовјани, ’Ржаново, Селци и Збажди.
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи. На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Недела“
Археолошки наоѓалишта Голем Кутел — средновековна населба; Дебелица — населба од доцноантичкото време; и Добра Слива — средновековна населба.
Цркви Црква „Св. Недела“ — главна селска црква
Реки Збошка Река — помала река, притока на Црн Дрим
Редовни настани
Слави Света Недела — црковна и селска слава; и Ѓурѓовден — селска слава.
Личности
Личности родени или по потекло од ’Ржаново Милица Боро Богоевска (1918-) — учесник во НОВ на Македонија Менка Велјаноска (1910-) — учесник во НОВ на Македонија Цвета Јовановска (1901-) — учесник во НОВ на Македонија Сава Кожеска (1900 - 1973) — учесник во НОВ на Македонија
Галерија
Наводи
Поврзано Малесија Општина Струга Струга
Надворешни врски
Роднокрајски записи - ’Ржаново — репортажа
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга Категорија:Раселени села во Македонија