Михајло Маневски (роден на година во Башино Село, Велешко) — македонски правник и политичар. За време на комунизмот, тој бил член на Извршниот совет на Собранието на СРМ (од 1986 до 1991), а по осамостојувањето на Македонија бил министер за правда од 2006 до 2011 година.

Животопис

Маневски е роден во велешко Башино Село на 26 декември 1937 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1960 година. Во текот на својата кариера, тој извршувал голем број на функции. Бил заменик околиски јавен обвинител во Штип, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Велес, а од 1966 до 1976 година бил заменик на Окружниот јавен обвинител во Скопје. Од 1976 до 1984 година, тој бил заменик на јавниот обвинител на Македонија. Од 1984 до 1986 година, тој бил претседател на Окружниот суд во Скопје.

Во 1986 година, тој бил избран за член на Извршниот совет на Собранието на СРМ и министер за правосудство и управа.Службен весник на Социјалистичка Република Македонија 18/1986, 2 стр. Функцијата ја извршувал до 1991 година.

Од 1994 до 2000 година бил советник во Владата, а во 2000 година бил именуван за заменик на јавниот обвинител на Македонија. Во 2002 година бил избран за член на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во декември 2005 година бил избран и за нејзин претседател.

По победата на ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2006 година, Маневски бил избран за министер за правда во владата на Никола Груевски. Во 2008 година е реизбран на истата функција, на која останал до 2011 година.

Маневски работел на подготвување на голем број законски и подзаконски акти од областа на правосудството, казненото право, финансискиот криминал и корупцијата и во работни тела за изготвување на амандмани на уставни одредби. Учествувал на повеќе меѓународни конференции за прашањата на организираниот криминал, особено финансискиот криминал и корупцијата. Во 2003 година ја издаде книгата Казнено правна заштита на јавните финансии - правни аспекти и практични искуства, а во 2005 година ја издаде втората книга Корупцијата во Република Македонија - Превентивни и казнени мерки за спречување. Објавил и повеќе научни трудови, во стручни списанија и билтени од областа на казненото право и финансискиот криминал и корупцијата.

Наводи

Категорија:Живи луѓе Категорија:Луѓе од Башино Село Категорија:Македонски политичари Категорија:Југословенски политичари Категорија:Македонски обвинители Категорија:Југословенски обвинители Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2006 Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2008 Категорија:Политичари од ВМРО-ДПМНЕ Категорија:Министри за правда на Република Македонија Категорија:Апсолвенти на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје