Пјер Симон Лаплас (француски:Pierre-Simon Laplace; роден во Бомонт ан Ож на 23 март 1749 — починал на 5 март 1821 Париз) — француски астроном, физичар и математичар, и претставува најистакнат претставник на теорија на веројатноста во 19 век. Делото од голема важност за полето на веројатноста, „Аналитичка теорија на веројатност“ (Théorie analytique des probabilités), значајно го поттикна развојот на математичката веројатност, како и на статистиката сè до почетокот на 20 век. Неговото име се наоѓа помеѓу најголемите и најзначајните имиња во науката на сите времиња, и е таканаречениот, со право, Француски „Њутн“. Работел на подрачјето на небесната механика, се занимавал со теоријата на електрицитетот, со капиларноста на течностите и со специфичната топлина на цврстите тела. Познатата Кант-Лапласова теорија за настанокот на Сончевиот Систем е објавена во 1798 година. Меѓу главните Лапласови дела се вбројуваат Небесна механика, Преглед на историјата на астрономијата. Роден за време на владеењето на Луј XV, тој ја согледува револуцијата, отфрлајќи го стариот режим преку воспоставување на нова социјална и политичка состојба.
Животопис Овој истакнат научник роден во општина сместена во пределот на Нормандија, Северна Франција, е еден од највлијателните научници на неговото време. Неговите родители, Пјер и Мари Ан Шон, живееле во удобни буржоаски околности. Таткото на Пјер Симон Лаплас, Пјер Лаплас, се стекнал со слава во областа на трговија со јаболки и го привлекол интересот на видни луѓе со својата проникливост. Мајката на Лаплас, Мари Ан, потекнувала од доста просперитетно семејство кое се занимавало со земјоделство и поседувало земјиште во Тургевил. Лаплас одел на настава во игуменската школа на Бенедикт како редовен ученик, на возраст помеѓу 7 и 16 години. Неговиот татко очекувал од него да се определи за работа која ќе биде поврзана со црквата, бидејќи во тоа време вообичаени занимања за еден ученик од игуменско школа биле служење во војска или во црква. Кога имал 16 години, Лаплас запишал студии по теологија на универзитетот Каен. За време на престојот на универзитетот, Лаплас го открил својот талент и љубовта што ја имал кон математиката. За тоа биле заслужни двата професори коишто предавале на универзитетот Каен, Ц. Годблед и П. Ле Кан. Кога сфатил дека математиката ќе биде негова главна преокупација, Лаплас го напуштил Каен, без да ја земе својата диплома и заминал за Париз. Со себе земал писмо со препорака кое што му го дал неговиот професор на универзитетот Каен, П. Ле Кан. На 18 години, тој пристигнал во Париз со цел да го запознае познатиот математичар Жан Лерон Даламбер, кој во тоа време бил на врвот на неговата слава, со надеж за наоѓање на работа во Париз. Лаплас му напишал на големиот математичар писмо за принципите на механика, но бидејќи Даламбер бил зафатен писмото на Лаплас останало незабележано. Лаплас не дозволил да биде уништен од одбивањето и се обидел повторно да стапи во контакт со Даламбер. Тогаш Даламбер му дал книга од областа на математиката, велјеќи му да дојде кога ќе ја прочита. За ден-два Лаплас се вратил со прочитана и разбрана книга, за што и самиот Даламбер се уверил испрашуваќи го. Спред други податоци Даламбер му поставил многу тешка задача давајќи му рок една недела, но Лаплас се вратил за еден ден со решението, наредниот ден му задал уште потешка задача, за која повторно за еден ден имал решение. Тоа го воодушевило Далабер и го зел под своја закрила. "Вие", рекол Даламбер, "немате потреба од претставување - вие сами се препорачавте, мојата поддршка е ваша заслуга." Тој во согласност со тоа издејствувал Лаплас да биде именуван за професор по математика во Воената академија во Париз во 1771, и мотивиран од него продолжи да ги следи неговите интереси. Во воената академија го пренел своето знаење од геометрија, тригонометрија, основи на анализа и статистика. Во 1771 година Лаплас за првпат се обидел да ги добие изборите на Академијата за науки, но признанието го добил Александар Теофил Вандермонд. Повторно се обидел во 1772, но таа година бил избран Коши. Лаплас бил доста налутен заради тоа што бил одделен од останатите, и што сето тоа отишло во корист на математичарот Коши. Исто така разочаран бил и Даламбер, кој на 1 јануари 1773 му испратил писмо на Лагранж, прашувајќи го дали постојат шанси да го одберат Лаплас за во Берлинската академија, каде Лагранж бил директор на катедрата по математика, и дали е возможно да се пронајде некоја работа за Лаплас во Берлин. Пред да добие одговор на писмото, се појавила уште една шанса за Лаплас да добие признание во Париската академија, и на 31 март 1773 бил конечно избран и станал дел од Академијата за науки во Париз. До времето кога бил избран, Лаплас имал поднесено 13 квалитетни статии со широк распон на теми до Академијата за помалку од 3 години. Во 1770 се наоѓа периодот во кој Лаплас го потврдил својот стил, углед, филозофска позиција, одредени математички техники, и предметот на истражување во 2 области – теорија на веројатност и небесната механика, на коишто работел до крајот на животот. Станува еден од водечките членови на Академијата во 1780-тите, и при посета на Академијата за науки во Париз во 1780/81, Лексел изјавил дека Лаплас си допуштил да биде нашироко познат како човек што се смета себеси за најдобриот математичар во Франција, што покажува дека не бил скромен во поглед на своите способности и достигнувања. Поседувал огромно знаење од сите науки и доминирал во сите дискусии на Академијата. Во 1784 година, Лаплас бил назначен за испитувач на Кралската Артилерија Корпс и во оваа улога во 1785 тој го испитувал и го примил 16 годишниот Наполеон Бонапарт. Оваа позиција му помогнала на Лаплас да стане познат помеѓу луѓето кои тогаш биле на позиции на власта во Франција. Лаплас работел во многу одбори и комитети на Академијата за науки и бил унапреден на местото на сениор во Академијата за науки 1785 година. Се оженил на 15 мај 1788 година. Неговата жена, Мари Шарлот де Курти де Ромањес била 20 години помлада од тогаш 39 годишниот Лаплас, и имале 2 деца. Бил назначен за член на одборот на Академијата на науки кој ги стандардизирал мерките и тежините во мај 1790. Овој одбор работел на системот на мерки и се залагал за децимална основа. Заради Француската револуција, во Академијата за науки заедно со другите здруженија била задушена на 8 август. Единствено му било дозволено на одборот за тежина и мерки да продолжи со својата работа на календарот за револуција, но набрзо Лаплас заедно со Лавоазје, Бор, Кулон, Брисон и Деламбре го распуштиле одборот од кога самите стекнале углед во тој одбор по републиканските ставови и омразата спрема кралот. Пред 1793 година и времето на масовно праќање под гилотина, Лаплас заедно со својата жена и 2 деца го напуштил Париз и не се вратил сè до јули 1794 година. После револуцијата, Лаплас има одлучувачка улога во Комисијата за мерки и тежини која што целела кон признавање на метричкиот систем. Околу 1795 година, Лаплас станува доста влијателен во организацијата и предава во новоформираните политехничка и нормална школа. Во 1795, школата Нормал била основана со цел да се држат обуки за идни наставници во школи, каде што Лаплас држел курсеви, вклучувајќи еден за веројатност. Школата Нормал постоела само 4 месеци со 1200 ученици, заради тоа што учениците кои беа обучувани да станат наставници го сметаа нивото на предавање за многу напредно. Во 1795 година Академијата на науки била повторно отворена како Национален институт за науки и уметност. Исто така, Бирото за должини било основано во 1795 од страна на Лагранж и Лаплас, како еден од двајцата математичари кои биле основачи, го преземал водството на Бирото и на Париската опсерваторија. Во времето кога неговото влијание се намалувало, се случила трагедија во семејството на Лаплас. Неговата единствена ќерка, Софија Сузана била венчана за маркизот Портез и починала за време на породувањето во 1813 година. Детето преживеало и претставува единствен доказ дека постојат наследници на Лаплас. Синот на Лаплас, Чарлс Емил го посветил својот живот на војската, живеел до 85та година и немал деца. Покрај славата со која што се здобил помеѓу 1790 и 1800, ги нарушил односите со своите колеги заради честата промена на ставовите. Во подоцнежните години од неговиот живот, Лаплас се преселил во Аркуели каде имал земјиште. Со негова соработка школото Societe d'Arcueil било формирано, и придонел кон неговите Мемоари. Во понеделник наутро, на 5 март 1827 починал Лаплас, имајќи ја постигнато својата научно истражувачка дејност многу активно скоро до крајот на својот живот. До тогаш единствено неколку поголеми случувања успеале да влијаат на Академијата да ги откаже состаноците, така што тоа посебно било направено и на денот на смртта на еден од најголемите научници на сите времиња. По неговата смрт не можело да се донесе брза одлука за пополнување на местото на Лаплас, и одлуката за наследник на Лаплас била донесена после 6 месеци од страна на Академијата, и бил избран Поасон. Неговиот мозок подоцна бил изложен во Британскиот музеј по анатомија. Големината на неговиот мозoк била значително помала од големината на просечниот човеков мозок.
Творештво Лаплас има голем придонес на бројни статии од областите на статистика, физика, математика, оптика, акустика, топлина и капиларност. Неговото творештво го започнал со постојан тек на издавање извондредни математички есеи, а првиот го презентирал на Академијата за науки во Париз на 28 март 1770. Овој прв есеј прочитан во Друштвото не е објавен, а ја обработувал темата на максимумот и минимумот на кривите, каде што ги докажал темите коишто биле откриени од страна на Лагранж. Неговиот следен есеј за Академијата го пратил набрзо и на 18 јули 1770 ја предал студијата за диференцијални равенки. Оваа статија содржела равенки кои Лаплас ги дефинирал како исклучително важни за механичката и физичката астрономија. Првиот есеј на Лаплас којшто требало да биде испечатен бил за пресметување на интегралите, што тој го превел на латински и го издал во Лајпциг во "Nova acta eruditorum", издавајќи подобрена верзија 6 години подоцна. Во 1771 година Лаплас пратил уште една статија, Истражувања за интегралниот калкулус на бесконечно малите разлики и за конечните разлики.
Експозиција на светските системи (Exposition du système du monde) Во 1796 година популарната Експозиција била објавена. Експозицијата се состои од 5 книги - првата била за видливото движење на небесните тела, за движењето на морињата и атмосферско прекршување, другата книга била за вистинското движење на небесните тела, третата за силата и динамика, четвртата за теорија на универзална гравитација, вклучувајќи и пресметки за движењето на морето, океаните и обликот на Земјата додека последната книга дала историски извештај за астрономијата и ја вклучувала неговата позната маглинска хипотеза.
Во 1805, тој напишал теза за притисокот и густината, астрономска рефракција, барометарски притисок и пренесувањето на гравитација основано на новата филозофија на физиката.
Небесна механика (Traité de mécanique céleste) Помеѓу 1799 и 1805 се објавени првите 4 продолженија од Небесна механика. Првите 2 од вкупно 5 продолженија биле издадени во 1799. Првото продолжение е поделено на 2 книги, од кои првата се однесува на општите закони на рамнотежата и движењето на материите и течностите, додека втората книга се однесува на законот за универзална гравитација и движењата на центрите за гравитација на телата во сончевиот Систем. Второто продолжение се занимава со механика која што е применета на учењето за планетите. Во неа Лаплас вклучил и учење за обликот на Земјата што во себе содржело дискусија на податоци добиени од неколку различни експедиции, и Лаплас го применил неговото мислење за грешки на резултатите. Друга тема што е разработена во оваа книга е теоријата за брановите . Петтиот дел бил објавен од Лаплас во 1825 година.