Влад III, Кнез на Влашка (1431–1476), попознат како Влад Цепеш (Романски: Vlad Țepeș) или едноставно како Дракула, трипати бил Војвода на Влашка, владеејќи од 1456 до 1462 г. Во контекст на историјата, Влад III е најпознат по неговиот отпор против Отоманското Царство и нејзиното проширување, како и за суровоста со која ги казнувал неговите непријатели. Се верува дека Влад III е инспирацијата за вампирот Гроф Дракула во романот „Дракула“ на Брам Стокер од 1897.
Имиња Неговиот романски прекар Drăculea (којшто се пишува и „Drakulya“), со кој Vlad се спомнува во неколку документи, значи „син на змеј“, според неговиот татко, Влад Дракул, кој го добил прекарот од неговите поданици бидејќи бил член на Редот на змејовите. Дракул, од латинскиот збор Draco, што значи „змеј“, е дерирвиран од грчкиот збор Δράκων (Дракон). На романски, од друга страна, Дракул значи и „ѓавол“. Неговиот посмртен прекар Цепеш („Țepeș“ (на англиски: „Impaler“)) е поттикнат според убивањето на неговите противнции со набивање на кол. Во Турција тој е познат и како „Kazıklı Voyvoda“ што значи „Princ Impaler“. За време на неговиот живот, Влад го пишувал своето име во документи на латински како Wladislaus Dragwlya или Drakwlya. Денес варијантата „Drakulić“ (на пример, Slavenka Drakulić) е вообичаено презиме кај српскиот народ.
Почетокот од животот
Влад се родил во Сигишоара, Трансилванија, во зимата 1431, од таткото Влад Втори Дракул, иден Војвода на Валашка и син на славниот војвода Мирча Постариот. Се верува дека неговата мајка е втората сопруга на Влад Дракул, кнегињата Чнеајна од Молдавија, најстарата ќерка на Александру чел Бун. Тој имал двајца полубраќа, Мирча II и Влад Чалугарул, и помал брат, Раду чел Фрумос. Во годината на неговото раѓање таткото на Влад, познат како Змејот (на романски: Дракул) отпатувал во Нирнберг каде бил примен во Редот на змејот. На петгодишна возраст, малиот Влад бил исто така примен во тој Ред. Влад и Раду ги поминале првите години на созревање во својот живот во Сигишоара под грижа и туторство на нивната мајка и на сопругите на протераните романски аристократи. Во првото владеење на нивниот татко, Влад Втори Дракул, Војводата ги однел своите мали синови во Тарговиште, главниот град на Валашка во тоа време.
Византискиот канцелар Михаил Дукас овозможил во Трговиште синовите на аристократите, како и кнезовите, да бидат образувани од романски и грчки професори донесени од Цариград. Се верува дека Влад таму научил боречки вештини, географија, математика, наука, јазици (старословенски, германски, латински) и класична уметност и филозофија.
Животот во Едирн
Во 1436, Влад Втори Дракул се искачил на престолот на Валашка. Во 1442 бил истеран од соперниците кои биле во сојузништво со Унгарија, но успеал да се здобие со поддршка од Отоманците околу неговото враќање на престолот при што се согласил да му плати на султанот одредена сума и да ги прати своите два легитимни синови, Влад III и Раду, во Отоманскиот Суд каде служеле како заложници на неговата верност. Влад III бил често затворан, камшикуван и тепан бидејќи вербално ги напаѓал своите учители, но и за неговото тврдоглаво однесување, додека неговиот помал брат Раду бил полесно контролиран. Раду се преобратил во муслиман, влегол во службата на Мехмет II, синот на султанот Мурат II, (подоцна познат и како Освојувачот), и му било дозволено да служи во Отоманскиот кралски суд, но и ја добил титулата Бег. Овие години се претпоставува дека имале огромно влијание врз карактерот на Влад и довеле до добро познатата омраза на Влад кон отоманците, јаничарите, кон братот Раду поради тоа што станал муслиман и кон младиот отомански принц Мехмет II (дури и кога станал и султан). Бил љубоморен кон фаворизирањето на татко му на неговиот постар брат Мирча II, и полубратот Влад Чалугарул. Во себе имал недоверба и кон унгарците и кон неговиот татко бидејќи го дал на Турците и ја изневерил заклетвата на Редот на змејот за борба против Отоманското Царство. Влад подоцна бил пуштен на еден вид условна казна и добил шанса да изучува логика, Куранот и турскиот и персискиот јазик, како и книжевни дела. Подоцна тој течно ќе зборува на овие јазици. Исто така, тој и неговиот брат биле обучени и во војување и јавање коњи. Татко му, Влад Дракул, откако ја добил поддршката од отоманците се вратил во Влашка и го преземал престолот од Базарб Втори и одредени неверни аристократи.
Првото владеење и егзил
Во декември 1447, аристократите во сојуз со унгарскиот регент Јанош Хуњади се побуниле против Влад Дракул, и го убиле во мочуриштата близу Балтени. Мирча, најстариот син и наследник на Дракул, го ослепиле и го закопале жив во Тарговиште. За да спречи Влашка да не падне под власта на Унгарија, отоманците ја окупирале Влашка и го ставиле младиот Влад III на престолот. Сепак, неговото владеење било краткотрајно затоа што самиот Хуњади ја нападнал Влашка и го вратил неговиот сојузник Владислав Втори од кланот Данешти на престол. Влад побегнал за Молдавија каде живеел под заштита на неговиот вујко/чичко Богдан Втори. Во октомври 1451, Богдан бил убиен и Влад побегнал во Унгарија. Импресиониран од познавањата на Влад за разумот и дејствувањето на Отоманското Царство, како и од омразата кон новиот султан Мехмет II, Хуњади се смирил со неговиот поранешен соперник и го назначил како свој советник. Во 1453, отоманците под султанот Мехмет II го освоиле Цариград по долги напади, со што ставиле конечен крај на христијанското присуство на Медитеранот, по што отоманското влијание почнало да се шири од оваа основа кон Карпатите, заканувајќи се на Европа. Во 1456, три години откако отоманците го освоиле Цариград тие и се заканиле на Унгарија со освојувањето на Белград. Хуњади започнал против напад во Србија: додека тој самиот заминал за Србија и го олеснил нападот (пред да умре од чума), Влад одвел свој контингент во Влашка, ја освоил својата родна земја и го убил Владислав Втори во борба гради в гради.
Второ владеење
Внатрешна политика
Влад ја начекал Влашка во ужасна состојба: константните војни резултирале со криминал, пад на земјоделството и речиси исчезнување на трговијата. За стабилна економија суштинска за спротивставување на непријателите, тој употребил строги методи за повраќање на редот и на напредокот. Влад имал три цели за Влашка: да ја зајакне економијата, одбраната и неговата политичка моќ. Тој преземал мерки за да помогне околу добросостојбата на селаните со градење на нови села и нови ниви. Тој ја разбирал потребата за тргување за Влашка да се развие. Им помогнал на Валахиските трговци со ограничување на странската трговија во само три града: Таргшор, Кимпулунг и Тарговиште. Влад ги сметал аристократите како главната причина за константната неслога како и за смртта на неговиот татко и брат. За да го осигури своето владеење тој убил голем број благородници и во советот доделил места на лица со непознато потекло, кои би му биле верни само нему. За пониските служби, Влад претпочитал витези и слободни селани, наместо аристократи. За расчистувањето на Влашка Влад донел нови закони за казнување на крадците и разбојниците. Тој ги третирал аристократите со истата суровост бидејќи биле виновни за слабеењето на Влашка преку нивните внатрешни борби за моќ. Тој ја зајакнал и армијата. Имал мала лична гарда, главно од платеници, кои биле плаќани со пленот и со унапредувања. Исто така утврдил и милиција или „пониска армија“ составена од селани кои биле повикувани да се борат кога ќе се завојувало. Влад Дракула изградил црква во Таргшор (наводно во спомен на татко му и постариот брат кои биле погубени близу неа) и дал пари за манастирот Снагов и за манастирот Комана.
Напади врз Трансилванија
Бидејќи Валахиското благородништво било поврзано со трансилванските саксони, Влад дејствувал и против нив со елиминирање на нивните трговски привилегии и со напаѓање на нивните градови. Во 1459, набил на колци неколку саксонци од Брашов. Влад бил на штрек и против соперничкиот клан Данешти, и некои од неговите напади во Трансилванија биле насочени и кон заробување на потенцијалните противници. Неколку членови од кланот умреле во рацете на Влад, вклучувајќи го и данештанскиот кнез осомничен дека зел удел во смртта на неговиот брат Мирча. Влад го осудил на смрт и го натерал да го прочита своето славје клечејќи пред својот отворен гроб.
Војна со отоманците
Влад се здружил со Матиас Корвинус, кралот на Унгарија. Влашка била прогласена како дел од Отоманското Царство од султанот Мехмет II. Во 1459, Папата Пиј II повикал на нова крстоносна војна против отоманците, на соборот во Мантова. Единствениот европски водач што покажал ентузијазам за таква војна бил Влад Цепеш. Подоцна таа година, во 1459, Мехмет му пратил гласник на Влад за да го натера да го плати задоцнетиот данок. Влад одбил да ги плати 10 000 дукати. За да испровицира и поттикне војна со отоманскиот султан, Влад ги убил турските гласници, со заковување на нивните турбани за главите. Подоцна отоманците се обиделе да го отстранат со што Турците го преминале Дунав и почнале да регрутираат адолесцентни романци во јаничари. Во меѓувреме султанот добил информации со кои се разоткрила доминацијата на Влад над Дунав. Тој го испратил бегот од Никополис, Хамза Паша за да склучи мир и/или да го елиминира Влад III. Влад Цепеш планирал да направи заседа. Хамза Паша бегот од Никополис донел со себе 1 000 коњаници и кога го преминувал теснецот северно од Гиургиу, Влад го нападнал изненадно. Валахијците ги опколиле и ги поразиле Турците. Турците биле речиси сите заробени и наиени на колци, но Хамза Паша избегал. Во зимата 1462, Влад го преминал Дунав и ја опустошил областа меѓу Србија и Црното Море. Маскиран како турски спахија се инфилтрирал во отоманските кампови. Во писмо до Корвинус означено како 2 февруари тој напишал: Убив селани мажи и жени, стари и млади, кои живеат кај Обучица и Ново Село, каде Дунав се влева во морето, сè до Рахова, која е сместена близу Хилија, од долниот дел на Дунав сè до местата како Самовит и Гиген. Убивме 23 884 Турци без да ги броиме тие чии домови ги запаливме или Турците чии глави беа отсечени од нашите војници... Така вашето височество треба да знае дека јас го прекршив мирот со него (султанот Мехмет II ). Како одговор на тоа, султанот Мехмет II собрал војска од 60 000 војници и 30 000 резервисти и во 1462 се упатил кон Влашка. Мехмет бил пречекан од шума од колци на кои Влад набил 20 000 луѓе. Командувајќи само со 40 000 луѓе, Влад не бил во можност да ги запре отоманците од влегувањето во Влашка и окупирањето на главниот град Тарговиште. Постојано организирал мали напади и заседи за Турците, како што е ноќниот напад кога биле убиени 15 000 Турци. Влад III ги поразил отоманските спахиски командири како Јусуф-бег, Турканбејоглу Омер-бег и Евренос-бег. Со ова го привлекол Мехмет II , кој тогаш го преминал Дунав. Нападот на Влад бил славен од саксонските градови во Трансилванија, италијанските држваи на Папата. Еден венециски гласник, откако ги чул вестите на 4 март изразил голема радост и рекол дека целото христијанство треба да ја слави успешната кампања на Влад Цепеш.
Пораз
Помладиот брат на Влад III, спретниот Раду-бег и неговите јаничарски батаљони добиле задача да ја водат Отоманското Царство кон победа на во името на султанот Мехмет II . Откако походот со спахиите пропаднал за поразување на Влад, неколкуте останати спахии биле убиени во ноќен напад од Влад III во 1462, каде што најверојатно убил 4 000 војници на Раду. Војната продолжила, Раду и неговите јаничари се снабдувале со барут и со динари, со што имале предност за подлабоко навлегување во кралството на Влад III. Раду и неговите добро опремени сили на крајот успеале да го освојат замокот Поенари, познатото засолниште на Влад III. По тешката победа Раду ја добил титулата Бег на Влашка од султанот Мехмет II .