Португалско Царство (), познато и како Португалски прекуокеански територии (Ultramar Português) или Португалско Колонијално Царство (Império Colonial Português), било составено од прекуокеанските колонии, трговски испостави ипрекуокенските територии управувани од Португалија. Тоа било една од најдолговечните колонијални царства во историјата на Европа, кое постоело безмалку шест века од освојувањето на Сеута во Северна Африка, во 1415 година, до пренесувањето на суверенитетот над Макао на Кина во 1999 година. Царството било основано во 15 век, а веќе на почетокот од 16 век се протегало ширум светот, со бази во Северна и Јужна Америка, Африка и различни региони во Азија и Океанија.

Португалското Царство настанало на почетокот од ерата на географските откритија, а моќта и влијанието на Кралството Португалија се проширило низ цел свет. На почетокот од Реконквиста, португалските морнари почнаа да го истражуваат брегот на Африка и архипелазите во Атлантикот (1418-19 година), при што ги користеле најновите откритија во навигацијата, картографијата и поморската технологија (како каравелата), за да пронајдат морски пат до лукративната трговија со зачини. Во 1488 година Бартоломео Дијас стигнал до 'Ртот на Добрата Надеж, а во 1498 година Васко де Гама стигнал до Индија. Во 1500 година, Педро Алварес Кабрал стигнал до бреговите на денешен Бразил.

Наредните децении, португалските морнари продолжиле да ги истражуваат бреговите и островите на Источна Азија, градејќи утврдувања и трговски испостави (фабрики) за време на нивните патувања. До 1571 година, поморскиот пат од Лисабон до Нагасаки бил поврзан со многу трговски испостави долж бреговите на Африка, Блискиот Исток, Индија и Јужна Азија. Оваа трговска мрежа и колонијалната трговија значително придонеле за растот на португалската економија (1500–1800) и придонесувал со околу една петтина од приходот по глава на жител на Португалија.

Откако кралот Филип II од Шпанија (Филип I од Португалија) ја зел португалската круна во 1580 година, започнала 60-годишната заедница на Шпанија и Португалија во подоцнежната историографија позната како Пиринејски сојуз. Царствата и понатаму имале посебна администрација. Затоа што кралот на Шпанија истовремено бил и крал на Португалија, португалските колонии станале предмет на напади од три конкурентски европски сили непријателски настроени кон Шпанија: Холандската Република, Англија и Франција. Затоа што населението на Португалија било помалкубројно, Португалија не можела ефикасно да ја одбрани својата огромна мрежа на трговски испостави, и Царството го започнало своето долго и постепено слабеење. Бразил станал највредната колонија од втората ера на царството (1663–1825), а по бранот на движењата за независност што ја зафатило Америка на почетокот од 19 век, Бразил се отцепил во 1822 година.

Третата ера на царството ја опфаќа последната фаза од португалскиот колонијализам по независноста на Бразил во 1820-тите. Колонијалните поседи веќе биле сведени на тврдини и плантажи долж африканското крајбрежје (подоцна биле проширени кон внатрешноста за време на поделбата на Африка кон крајот на 19 век), Португалски Тимор и енклави во Индија (Португалска Индија) и Кина (Португалски Макао). Со Британскиот ултиматум од 1890, португалските амбиции во Африка значително се намалиле.

Под водство на Антонио Салазар (премиер од 1932–1968), за време на диктатурата на Нова Држава биле направени неуспешни обиди да се задржат последните колонии во португалска сопственост. Според идеологијата на плуриконтинентализмот, режимот ги преименувал колониите во „прекуокеански провинции“ а го задржал системот на принудна работа, од кој обично само мала домородна елита била изземена. Во 1961 година Индија ги анектирала Гоа и Даман, а Дахомеј ја анектирала тврдината Сао Жоао Баптиста де Аџуда. Португалската колонијална војна во Африка траела од 1961 година до конечното соборување на диктатурата Нова Држава во 1974 година. Со Револуцијата на каранфилите која избувнала во април 1974 година во Лисабон започнала забрзаната деколонизација на португалска Африка и до анексија на Португалски Тимор од Индонезија во 1975 година. Оваа деколонизација го поттикнала егзодусот на речиси сите португалски колонијални доселеници и на многу луѓе од мешаните раси од колониите. Португалија го врати Макао на Кина во 1999 година. Единствените прекуокеански поседи кои останале под португалска власт, Азорите и Мадејра, претежно биле населени со португалско население, а Лисабон подоцна нивниот уставен статус го променил од „прекуокеански провинции“ во „автономни региони “.

Поврзано

Португалски пронајдоци Португалски армади Магеланов Проток Португалска инквизиција

Извори

Наводи

Општи извори

Crowley, Roger. Conquerors: How Portugal Forged the First Global Empire (2015) Curto, Diogo Ramada. Imperial Culture and Colonial Projects: The Portuguese-Speaking World from the Fifteenth to the Eighteenth Centuries (Berghahn Books, 2020) online review

Gupta, Pamila. Portuguese Decolonization in the Indian Ocean World: History and Ethnography (Bloomsbury Publishing, 2018).

MacQueen, Norrie. The Decolonization of Portuguese Africa: Metropolitan Revolution and the Dissolution of Empire (1997) online

Panikkar, K.M. (1953). Asia and Western dominance, 1498–1945, by K.M. Panikkar. London: G. Allen and Unwin.

Priolkar, A.K. The Goa Inquisition (Bombay, 1961).

Категорија:Држави и територии распаднати во 1999 година Категорија:Колонијални царства Категорија:Поранешни царства Категорија:Португалско Царство Категорија:Португалска ренесанса Категорија:Португалска колонизација на Америка Категорија:Португалска колонизација на Азија Категорија:Португалска колонизација на Африка Категорија:Историја на европскиот колонијализам Категорија:Кралство Португалија