Ситноцветна чадливка (науч. Fumaria parviflora) — вид цветно растение од семејството афиони. Потекнува од Европа, Азија и Африка, но е честа и широко распространета во многу други делови од светот. Понекогаш е плевелна. Малите цветови се матно бели со виолетови врвови. Плодот е заоблен орев со централен гребен.
Утврдено е дека Fumaria parviflora содржи бројни алкалоидни хемиски состојки. Главните алкалоиди изолирани од Fumaria parviflora биле протопин и адлумидицеин, додека помалите алкалоиди изолирани биле парфумин, фумарилин, криптопин, (-)-стилопин, 8-оксокоптизин, сангуинарин и оксисангуинарин.
Опис
Тенколисната чадливка е едногодишно растение. Стеблото е многу разгрането, со вертикални полегнати или повиени гранки, до 30 cm високо, голо, со надолжни бразди. Листовите се сивкави, обично двојно перести, а деловите на листот обично двојно пересто насечени. Ливчињата се копјести до линејно копјести, 4-6 пати подолги отколку широки, кон основата образуваат една бразда. Соцветијата се со куси дршки или приседнати, густи, со мал број на цветови (10-20). Прицветниците се еднакви со должината на плодните дршки или подолги.
Цветовите имаат должина 5–6 mm и обично се бели. Чашкините ливчиња се долги 0,5–1 mm и 0,3-0,6 mm широки, назабени или целокрајни и брзо отпаѓаат. Венечните ливчиња се бели, горното венечно ливче во предниот дел е со крилесто расперени и свиени нагоре рабови, а двете внатрешни венечни се со ливчиња на врвот со темновиолетова боја. Шпората е поширока од венчето и е 1/3 од должината на венчето. Оревчињата се до 2 mm во пречник, странично малку сплеснати, со заострени рабови, на врвот заострени, а по површината ситно брадавичести. Плодните дршки се покуси од оревчињата.
Распространетост во Македонија Тенколисната чадливка е распространето во Македонија, најчесто покрај тревести и каменливи места. Се среќава во околината на Скопје (Водно и Гази Баба), Жеденска Клисура, клисурата на река Тополка и Илинска Планина.
Се посочува за околината на Скопје (Нерези) и Скопска Црна Гора, Велес, Кавадарци - село Дреново, Нов Дојран с. Николиќ, Штип и Овче Поле кај село Богословец.
Наводи
Надворешни врски
Jepson Manual Treatment
Категорија:Чадливка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Африка