Јагода Буиќ (14 март 1930 – 17 октомври 2022) — хрватска визуелна уметница, најпозната по нејзините монументални инсталации и таписерии од текстил, кои ѝ донеле критичко признание во втората половина на 20 век.
Рани години Родена во крајбрежниот град Сплит, Буиќ студирала на Академијата за ликовни уметности во Загреб и историја на уметност на Универзитетот во Загреб, пред да дипломира внатрешна архитектура и сценографија, текстил и костимографија на Академијата за ликовни уметности во Виена во 1953 година. По дипломирањето, студирала филмска сценографија во студиото Чинечита во Рим и историја на костимографија во Меѓународниот центар за уметност и костимографија, сместен во Палацо Граси во Венеција.
Творештво Буиќ работела на повеќе од 120 проекти како костимограф и сценограф во разни оперски, балетски, театарски и филмски продукции во разни театри во Виена, Загреб, Осиек, Дубровник и Сплит. Во 1965 година, на Лозанското биенале на текстилна уметност, Буиќ ги импресионирала критичарите на современата уметност со својата прва текстилна инсталација, која веднаш била купена од Музејот Стеделијк во Амстердам. Таа продолжила да ги изложува своите монументални текстилни дела на уметнички изложби и музеи на современа уметност низ целиот свет, станувајќи позната по огромните инсталации направени од текстилни јажиња, коноп и волна, и експериментирајќи со необични површински текстури и простор. Од 1970-тите години, Буиќ заедно со полската уметница Магдалена Абаканович, биле сметани за пионери во иновативните текстилни форми во современата уметност.
Во 1980-тите години, таа почнала да користи метали во своите скулптури и инсталации, а во 2000-тите години се свртела кон користење колажи од разни материјали, вклучувајќи хартија, картон, волна итн.
Делата на Буиќ биле вклучени во изложбата „Жени во апстракција“ во Центарот Помпиду во 2021 година.
Смрт Буиќ починала на 17 октомври 2022 година во нејзиниот дом во Венеција, Италија, од непозната болест. Имала 92 години.
Награди Буиќ освоила бројни награди за својата работа, вклучувајќи ја и Големата награда на Биеналето за уметност во Сао Паоло, Хердерската награда (1976) и наградата "Владимир Назор" за животно дело (2014).
Наводи
Надворешни врски
Jagoda Buić at the Croatian Biographical Lexicon Jagoda Buić at the Croatian Encyclopedia Jagoda Buić AWARE: Archives of Women Artists, Research & Exhibitions Категорија:Починати во 2022 година Категорија:Родени во 1930 година