Оваа статија е за европската држава, за регионот во Романија видете Молдавија (регион).

Молдавија (молдавски и ), полн назив: Република Молдавија (Republica Moldova) — држава во Источна Европа. Се протега долж Бесарабија. Главен град е Кишинев (Кишинау). На исток, југ и север се граничи со Украина, а на запад со Романија.

Областа Приднестровие мнозински населена со Руси и Украинци преку референдум изгласа независност од Молдавија и сојуз со Русија, но нејзината независност сѐ уште не е сосема меѓународно признаена. Во 1991 година како резултат од распадот на Советскиот Сојуз, Молдавија прогласила независност, притоа задржувајќи ги истите граници од дотогашната Молдавска Советска Социјалистичка Република. На 29 јули 1994 година стапил на сила новиот Устав на Република Молдавија. Новата држава веќе била меѓународно призната, но регионот Приднестровие, кој се наоѓа на источниот дел од коритото на реката Днестар, од 1990 година па наваму е управуван од де факто своја влада. Република Молдавија е парламентарна држава со претседател како глава на државата и премиер на чело на владата. Членува во Обединетите Нации, Советот на Европа, Светската трговска организација, ОБСЕ, (Организацијата за демократија и економски развој), Заедницата на независни држави, Организацијата за црноморска економска соработка) и други меѓународнитела. Молдавија денес се стреми за придружување кон Европската Унија и го спроведе првиот тригодишен оперативен план од рамковниот договор за Европска соседска политика (ЕНП).

Потекло на името

Името „Молдавија“ потекнува од истоимената река Молдавија. Во 1359 година, долината на реката била политички центар каде било основано и кнежевството на Молдавија. Потеклото на името на реката не е познато, но постои легенда по која кнезот Драгош ја именувал. За време на еден лов на бизони неговото куче изнемоштено од ловот се удавило во реката. Тоа се викало Молда. Според Димитри Кантемир и Григор Уреке, реката го добила името по кучето, за чие име се чуло и во кнежевството.

Историја

Рана историја на Молдавија

За време на неолитот, територијата на Молдавија била центар на голема таканаречена Кукутен-Трипилијанска култура која се протегала на исток до реката Днестар во Украина и на запад сè до Карпатските планини во Романија. Од околу 5500 до 2750 година п.н.е., жителите на оваа цивилизација се занимавале со земјоделство, сточарство, лов и грнчарство. Општеството градело големи населби, некои од нив броеле и до 15.000 жители.

Антиката и средниот век

Во античкото време територијата на Молдавија била населена од Дакијските племиња. Помеѓу I и VII век југот од земјата бил под власт на Романската и Византиското Царство наизменично. Во доцната антика и раниот среден век поради стратешки цели како и нејзината поволна локација на патот помеѓу Азија и Европа, територија на денешна Молдавија честопати била окупирана. Готите, Хуните, Аварите, Бугарите, Унгарците, Печенсите, Куманите, Монголците и Татарите биле едни од повеќето владетели на оваа територија. Кнежевството на Молдавија било основано во 1359 година и се прострирало од Карпатските Планини на запад, реката Днестар на исток па сè до Дунав и Црното Море на југ. Ова кнежевство го сочинувале: денешната територија на Република Молдавија, осумте источни од вкупно четириесет и една покраина на Романија, областа Черновци и регионот Буджак на Украина. Како денешната република, така и еден регион од Североисточна Романија се нарекува Молдавија. Територијата била повеќепати освојувана од Кримските Татари, а од XV век наваму од страна на Турците. Во 1538 година кнежевството станало дел од Отоманското Царство, но сепак ја задржало внатрешната и делумно надворешна автономија.

Дакија

Територијата на денешна Молдавија низ раната историја била на неколкупати населувана од страна на најразлични племиња како Даките, Гетите и голем број на индоевропски племиња. Во 106 година Дакија била заземена од страна на римскиот цар Трајан.

Понова историја

Руска Империја

Во согласност со договорот од Букурешт во 1812 година, покрај многуте простести на молдавските благородници на сметка на нивната самостојна состојба, Отоманското Царство (чиј вазал бил Молдавија) и’ ја отстапила на Руската Империја источната половина од територијата на кнежевството на Молдавија заедно со Хотин и стара Бесарабија (денешен Буџак, Украина). Новата Руска покраина била наречена „Област на Молдавија и Бесарабија“, која на почетокот уживала висок степен на самостојност. По 1828 година оваа автономија била постепено ограничувана па така во 1871 година, при постапка за асимилација на наметнати држави, односно Русификација, областа била трансформирана и наречена Бесарабиска Губернија или Бесарабија. Како дел од постапката, царската управа во Бесарабија постепено го отстранила романскиот јазик од официјална, како и религиозна употреба. Западниот дел од Молдавија (кој денес припаѓа на Романија) останал самостојно кнежевство, кое подоцна во 1859 година се соединило со Влашка (Романски: Wallachia) за формирање на Кралството Романија. Договорот од Париз во 1865 година значел и повраток на три покраини од Бесарабија на романска Молдавија и тоа: Кахул, Болград и Исмаил, но по Договорот од Берлин во 1878 година, Кралството на Романија прифатило нивно враќање на Руската Империја. За време на XIX век руските надлежни власти го поттикнале населувањето на југот од регионот од страна на Украинци,Липовани, Козаци, Бугари, Германи, Гагаузи како и дозволувале населување на повеќе Евреи, со цел да ја заменат Ногаи-Татарска популација која била протерана за време на турско-руските војни кон крајот на XVIII век. Популацијата на молдавскиот народ се намалила од околу 86% во 1816 година на 52% во 1905 година.

Унијата со Романија

Првата светска војна беше поттик за порастот на политичката и културна (етничка) свест на жителите од регионот, откако во 1917 година 300.000 Бесарабијци биле регрутирани во руската армија при нејзиното формирање , додека кај поголемите единици биле формирани и неколку одбори на молдавска армија. По Руската револуција во 1917 година, во периодот октомври – ноември новиот парламент на Бесарабија – „Сватул Цари “ беше изгласан, а започнал со работа на 3 декември истата година. На 15 декември 1917 година, „Сватул Цари“ ја прогласи Демократска Република Молдавија како федерална Руска држава, а неколку дена подоцна, на 21 декември била формирана и влада на Демократска Република Молдавија. На 6 февруари 1918 година Бесарабија прогласи независност од Русија. Била побарана помош од Француската и Ромакската армија кои веќе претходно во јануари го окупирале регионот. На 9 април 1918 година, со 89 гласови „за“, 3 против и 36 воздржани, „Сватул Цари“ донел одлука за соединување со Кралството Романија. Унијата имала за цел ипсолнување на условите за земјоделски реформи, автономија како и почитување на универзалните човекови права. Дел од привремениот парламент се сложил за отстапување од овие услови откако Буковина и Трансилванија исто така му се придружиле на Кралството, но некои историчари тврдат дека тие немале доволен кворум да го сторат тоа. Во 1920 година, во договорот од Париз унијата беше призната од страна на директорот на Сојузничките сили, меѓутоа таа не беше ратификувана од сите нејзини потписнички. Некои од поголемите светски сили како Соединетите Држави и Новата Комунистичка Руска Држава не го признале романското владеење врз Бесарабија, втората пак ја сметала Бесарабија како окупација на Руска територија. Во мај 1919 година беше основана привремена влада позната под името „Бесарабиска Советска Социјалистичка Република“ (Англиски: Bessarabian Soviet Socialist Republic; Руски: Бессарабская Советская Социалистическая Республика.) Во 1924 година, по неуспехот на Татарбунаровото востание (англиски: Tatarbunary Uprising; романски: Răscoala de la Tatarbunar), беше формирана Молдавска Автономна Советска Социјалистичка Република (Молдавска АССР) (англиски: Moldavian Autonomous Soviet Socialist Republic (Moldavian ASSR); романски: Republica Autonomă Sovietică Socialistă Moldovenească). Во август 1939 година, со потпишувањата на Молотов-Рибентроп пактот (англиски: Molotov-Ribbentrop pact) и неговиот дополнителен таен протокол, Нацистичка Германија ја призна Бесарабија како територија под влијание на руска сфера и овозможи активно воспоставување на регионот од руска страна. На 28 јуни 1940 година, по признанието од Нацистичка Германија, Советскиот Сојуз испрати ултиматум до Романија за отстапување на Бесарабија и Северна Буковина за кој ден потоа Романија се пожали. Набргу беше основана Молдавската Советска Социјалистичка Република (Молдавска ССР), која опфаќа околу 70% од територијата на Бесарабија и 50% од територијата на новораспуштената Молдавска АССР. Како дел од инвазијата врз Советскиот Сојуз во 1941 година, Романија ги одземала териториите на Бесарабија, Северна Буковина и Приднестровие. Романските сили соработувајќи со Германците депортирале односно истребиле околу 300.000 Евреи, вклучувајќи 147.000 од Бесарабија и Буковина (приближно 90.000 Евреи од Буковина загинале). Во периодот февруари - август 1944 година, Советската армија повторно го освоила регионот и ја реосновала Молдавската ССР. За време на Јашко-кишиневската офанзива во август 1944 и крајот на војната во мај 1945 година, 256.800 жители на Молдавската ССР биле регрутирани во Руската армија, од кои 40.592 загинале.

Советската ера

Молдавската советска социалистичка република (Молдавска ССР, МССР) била една од републиките на СССР (2 август 1940 - 27 август 1991).

За време на Сталинизмот во периодот од 1940 – 1941 и 1944 – 1953 година, биле извршувани депортации на месно население од МССР во северен Урал, Сибир, како и северен Казахстан. Бројките на оние поголемите од 12 – 13 јуни 1941 и 5 – 6 јули 1949 година изнесувале: 18.392 и 35.796 лица одделно. Постоеле и поинакви форми на таканаречено „советско“ протерување. 32.433 политички апсења биле проследени во логорот Гулаг (руски: ГУЛаг - Гла́вное управле́ние исправи́тельно-трудовы́х лагере́й и коло́ний), додека кај 8.360 од случаите биле извршени погубувања. Во 1946 година, јужно-западниот дел од Советскиот Сојуз страдал од голем глад како резултат на голема суша и задолженија на владата за испорачување на прекумерна квота. Во периодот 1946-1947 година, само во МССР биле пресметани најмалку 216.000 смртни и околу 350.000 случаи на дистрофија. Во периодот од 1944 до 1953 година биле основани неколку антисоветски отпорни групи на Молдавија, меѓутоа Народниот комесаријат за внатрешни работи на Советскиот Сојуз (руски: Народный комиссариат внутренних дел), подоцна Министерство за државна безбедност (руски: МГБ - Министерство государственной безопасности) успеа во обидите за апсење, погубување или депортирање на нивните членови. Во поствоениот период, Владата на Советскиот Сојуз одлучила извршување миграции на работна сила (највеќето Руси, Белоруси и Украинци) во новата Советска република, посебно во урбанизираните области, како компензација на делумната загуба на населението предизвикана од војната и емиграциите од периодот 1940 – 1944. Во седумдесеттите и осумдесеттите години, Молдавската ССР добивала значителни средтсва од буџетот на СССР за развој на индустријата, науката и домувањето. Во 1971 година Советот на министри на СССР донел одлука за „средства за понатамошно обновување на градот Кишинев“ (романски: Chișinău), за кој биле распределени повеќе од една милијарда советски рубљи од буџетот на СССР наменети за градежни проекти. Последователните одлуки довеле до нови значителни средства за финансирање и пронаѓање квалификувани кадри од останатите делови на СССР за развој на индустријата на Молдавија.