Дурбанли или Дорбанли (, Синоро; до 1927 г. Δουρμπαλή, Дурбали) — поранешно село во Дојранско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Кукуш во областа Централна Македонија, Грција. Сè до 1913 г. било населено со Македонци.
Географија Селото се наоѓа во северниот дел на Дојранската Котлина, околу 3 км западно од Аканџали, недалеку од државната граница со Македонија и селото Николиќ, во јужното подножје на Беласица, на надморска височина од 170 м.
Историја
Во Отоманското Царство Во XIX век Дурбанли било македонско село во Дојранската Каза на Солунскиот Санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Дорбали (Dorbali) имало 30 домаќинства со 74 жители Македонци.
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во Дорбали имало 166 жители, сите Македонци. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Дурбаши (Dourbachi) имало 200 Македонци под врховенство на егзархијата.
Во Грција По Втората балканска војна во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Селото значително настрадало од грчките војски, поради што сите негови жители побегнале преку границата и повеќето од нив се сместиле во соседното село Николиќ, а извесен број семејства се населиле и во струмичкото село Турново. Поради тоа во пописот од 1913 г. Дурбанли се води како напуштена населба, додека во пописот од 1920 г. воопшто и не се спомнува.
По 1922 г. тука биле доведени неколку доселенички семејства по сила на Лозанскиот договор, кои во 1928 г. броеле 18 лица. Малку подоцна и тие го напуштиле селото поради маларичноста на овој крај и најверојатно се иселиле во соседното село Савџели.
Во 1927 г. селото е преименувано во Синоро (Σύνορο).
Наводи
Категорија:Историски села во Кукуш