На 3 март 1878 година, со мирот склучен во Сан Стефано, заврши Руско-турската војна. Русија победата се обиде да ја искористи за да ја реши таканаречената Источна криза во своја корист. Русија, всушност, сакаше, користејќи го правото на победник, Балканот да го претвори во зона на свое влијание, притоа, почитувајќи ја австроунгарската заинтересираност за неговиот западен дел. Со одредбите на Санстефанскиот договор Србија, Црна Гора и Романија ги проширија своите територии на штета на Турција: Србија се прошири сè до Рашка, Нови Пазар во Санџак и Ситница и Лаба на Косово. Црна Гора ги доби Плав, Подгорица, Никшиќ, Гадско, Жабљак и Бар, а Романија северниот дел на Добруџа. Со договорот во Сан Стефано се создаде сосема нова автономна бугарска држава, со сопствена влада и војска, чии граници ги опфатија териториите на денешната бугарска држава, Врањскиот округ, вклучително и градовите Ниш, Пирот и Врање, преку Шар Планина, Кораб, Црн Дрим, па сè до Грамос во денешна Грција, опфаќајќи ги Преспанското и Охридското Езеро, како и подрачјето на градот Корча во денешна Албанија, вклучително и самиот град. Според мировниот договор, замисленото бугарско кнежевство на југ требаше да ги добие териториите северно од границата што беше подвлечена од Грамос до Вардар и продолжуваше понатаму до сливот на Места. Солун и Халхидик останаа турски. Од Места, по Родопите, преку Луле Бургас, границите на кнежевството допреа до Црно Море.

Како што се гледа, огромен дел од етничка и географска Македонија влезе во новоформираното бугарско кнежевство. Руските војски требаше да останат во новата држава за да помогнат во утврдувањето на новосоздадената власт. Австроунгарската монархија и Русија, според договорот, ја обезбедуваа автономијата на Босна и Херцеговина.

Мирот склучен во малото гратче Сан Стефано кај Цариград, предизвика јавно незадоволство кај Англичаните, Австроунгарија, Германија, Србија и Грција. Секој од нив имаше свои причини за незадоволство: големите сили од ширењето на руското влијание преку новосоздадената бугарска држава, а Србија и Грција од соседството на Голема Бугарија, која можеше да ја загрози нивната независност. И не само тоа: во рамките на новокомпонираната држава влегоа големи парчиња од нивна територија. Русија беше принудена да се согласи да се ревидираат одредбите на Санстефанскиот договор.

Во меѓувреме, Цариградската патријаршија, силно оружје на грчката влада, преку сите свои канали, организирала протести, декларации, писма и телеграми, против вклучувањето на Македонија во новата бугарска држава. Барањата, главно, се сведувале на тоа Македонија или да биде приклучена кон грчкото кралство или, во најмала рака, да остане во состав на веќе начнатата Турска империја. Нешто слично се случувало и во Белград. Започнала акција ширум Србија, чија цел била организирање протести против вклучувањето на дел од Србија и Македонија во новото соседно кнежевство. Србија, сепак, одела малку понапред: ако не се вклучи Македонија во рамките на српската држава, тогаш таа треба да добие автономна управа со христијански губернатор.

И додека траела оваа потегни-повлечи ситуација околу Македонија, во мај месец во Белград допатувал Димитар Робев, дотогашен пратеник во турскиот парламент од Македонија. Тој ги осудил акциите на соседните земји да ја приграбат за себе македонската територија, притоа искажувајќи го мислењето дека жнајдобро решение е Македонија да остане независна и дека дури и самиот руски пратеник во Цариград, грофот Игнатиев, наводно, му рекол оти „Македонија не може да му припадне на ниеден од трите главни народи на Балканскиот Полуостров“.

Русија, осиромашена од војната, се согласила во Берлин да се организира конгрес на кој ќе се ревидира Санстефанскиот договор. Цел месец (од 13 јуни до 13 јули 1878 година) траело надмудрувањето во Берлин меѓу големите. Основните одлуки на Конгресот се свеле на тоа Македонија и понатаму да остане под турска власт, новоформираната бугарска држава да се протега од Дунав до Стара Планина, а јужно од неа автономната област Источна Румелија. Австроунгарија ја окупирала Босна и Херцеговина, а Црна Гора и Србија со проширени територии, сосема се ослободиле од турската власт.

Санстефанската фикција - Голема Бугарија, која никогаш не се реализирала, останувајќи мртво слово на хартија, иако жживеелаж само три месеци, сепак, подоцна ќе биде главен поттикнувач на големобугарските амбиции и сериозен фактор за нестабилноста на Балканот.

Особено важен за Македонија е членот 23 од Берлинскиот конгрес. Според него: „Високата порта се обврзува на островот Крит грижливо да го применува Органскиот статут од 1868 година, внесувајќи промени што би биле оценети како оправдани. Аналогни статути приспособени кон месните потреби, освен што се однесува до ослободувањето од даноци што му е одобрено на Крит, ќе бидат еднакво воведени во другите делови на Европска Турција, за што во овој Договор, не е предвидено посебно уредување. Високата порта ќе задолжи специјални комисии, во кои месниот елемент ќе биде широко застапен, за да ги разработат деталите на новите статути за секоја провинција. Проектите за организација што ќе произлезат од работата на комисиите ќе се дадат на разгледување на Високата Порта, која, пред да ги донесе актите, ќе го побара мислењето на Европската комисија формирана за Источна Румелија“.

Членот 23 од Берлинскиот конгрес е еден од двата основни документа, кои го определуваат државно-правниот концепт на Македонија од овој период - вториот е Уставот на Македонските востаници од 1878 година.

Овој член, мошне добро ја открива не само играта на големите сили околу Македонија, туку и компромисите што се правени за неа меѓу големите сили и Турција.

Клучниот член предвидува Македонија, како турска провинција, да добие свој статут, поточно: устав, што значи, да добие посебен државно-правен статус, како оној на Крит, во рамките на Османлиското Царство. Според тоа, Македонија требало да добие свој гувернер и главен командант, кому би му била доверена командата на војската. Применувајќи ги принципите на територијалната поделба на Крит, Турција била задолжена територијата на Македонија да ја подели на санџаци (околии), чиј број би бил дополнително одреден. Со овие територијално-административни единици би управувале мутасарифи, и тоа половината муслимани, а другата половина христијани, меѓутоа и едните и другите требало да бидат службеници на императорската влада. Помошниците на мутасарафите - муслиманите, би биле христијани, а на христијаните - муслимани. Околиите би биле поделени на кази со кои би управувале кајмаками.

Органскиот устав на Крит, што значи и идниот устав на Македонија, предвидувал формирање специјален административен совет во секоја територијално-административна единица, составен од по три члена муслимани и три члена христијани. Бидејќи вакви совети се предвидувало да се формираат и во пониските административно-територијални единици, доколку во нив живее исклучително христијанско - односно муслиманско - население, советот би бил составен од шест христијански претставници, односно муслимански. Со советот би раководел раководителот на територијалната администрација.

Подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот конгрес открива дека Македонија, според него, би добила политичка автономија, во која македонскиот народ би имал пошироки можности да го изрази својотнационален индивилуалитет отколку што ги имал дотогаш под турска власт.

Оттогаш па натаму идејата за автономија на Македонија ќе биде водечка идеја што ќе го мотивира национално ослободителното и револуционерното движење во земјата, добивајќи во различни услови и различни облици, меѓутоа, секогаш присутна како барање и настојување македонскиот народ да добие свои државно-правни рамки. Автономијата за Македонецот стана идеал на кој тој му ја посвети својата идна борба за национална и политичка слобода и од простата причина што утврдувањето на автономниот државно-правен статус на Македонија беше зацртан во државно-правен акт од меѓународен карактер. На тој начин, за првпат во политичката историја на Македонија нејзе с се признава автономен статус и таа се третира како посебна етничка заедница и територијална единица. Практично, со членот 23 од Берлинскиот конгрес Македонија се конституира како автономна област во своите геополитички и етнички граници во рамките на Османлиското Царство. На овој начин Македонија стана субјект во меѓународните односи и се здоби со признавање како жетнички територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправувањеж.

Сето ова значи дека вака поставената автономна Македонија ги урна вештачките конструкции на Санстефанскиот договор, според кој таа беше вклучена во границите на новоформираната бугарска држава, со што сериозно беа загрозени и нејзиниот територијален интегритет и нејзината национална целост. Доколку недоносенчето од Сан Стефано заживееше, практично, Македонија не ќе добиеше ништо - еден господар би го заменила со друг, при што и во првиот и во вториот случај би останала под туѓинска власт.

Потписничките на Берлинскиот конгрес направија почетничка грешка, оставајќи ѝ на Големата порта, победена и доведена во инфериорна положба, сама да одлучи кога ќе ги формира меѓународните комисии, преку кои реформата на Империјата ќе почне да се реализира. Цариград тоа никогаш не го направи, со што беше елиминирана можноста Македонија да добие автономија, како што тоа го предвидуваше берлинскиот меѓународен акт.

Тоа, пак, не значи дека отпорот против поробувачот во Македонија, и духовен и вооружен, престанал во очекување големите сили да го решат македонското прашање. Кон крајот на 1878 година, Диме Чакре од Прилеп, доброволец во Руско-турската војна, со високо турско одликување за храброст, во Крушево, со тамошните првенци, го започнал договарањето за мерките против турските зулуми. На крушевската средба присуствувале попот Христо и граѓаните Ицо Карев и Никола Ковачот. Било договорено заговорот да се прошири, да се собираат пари, оружје и калаузи, како и да се организираат нови борци. Мрежата брзо се проширила до Кичево, Прилеп, Охрид и Битола. Само крушевскиот заговорнички кружок броел 60-тина души. По поврзувањето на крушевскиот и охридскиот кружок во кој членувале и видни охридски граѓани, како Зафир Белев, Златан, братот на митрополитот Натанаил, Константин Робев, Костадин Нончев и други, договорено било да се побара конкретна помош од рускиот конзул Њага во Битола. Пролетта 1881 година, Турците од Битола ги откриле кружоците во Крушево и Охрид и, по масовните апсења, околу 700 души се нашле по затворите. Биле откриени и браќата Чакрески во Прилеп, кои, не предавајќи се, загинале во борбата со Турците. Новоформираниот суд во Битола имал полни раце работа. По широчината на организирањето, по бројот на луѓето што ги опфатил, заговорот бил на најдобар пат да прерасне во вистинска народна организација.

Ајдутството земало сè поголем замав. Тоа бил најдиректниот одговор на обесправеното население. Во Велешко веќе дејствувала четата на војводата Иљо Малешевски, чии акции се протегале дури до Солунско, како и четата на поп Костадин Бувски. Ако треба да им се верува на некои странски извори, бројот на четниците во Македонија се движел околу 6.000 души. Дедо Иљо, како што по свое народот го викал Иља Малешевски, со четниците го нападнал Царево Село (денешно Делчево), каде што бил стациониран еден турски гарнизон, и го освоил. Во Серско, уште во првите месеци на 1878 година дејствувале неколку чети ајдути. Четатата на војводата Бувски, која броела околу 200 души, дејствувала на просторот околу Лерин, Костур и Воден. Во Битолскиот Санџак активни биле четите на војводата Алексо Влаот, на Котула, четата на војводата Васил, која се движела по Костурско и Охридско и која броела околу 2.000 души! Од двете страни на реката Струма, покрај ајдутските чети, по селата биле формирани чети на отпорот, кои најавувале револуционерно движење со определена македонска политичка идеологија.