Свети Наум Охридски — главна манастирска црква на Поповошапскиот манастир во шарпланинскиот ски-центар Попова Шапка, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во непосредна близина на скијачкиот центар Попова Шапка до кој води регионалниот пат 1209.
Историја
Самото име на Попова Шапка е поврзано со легендата дека местото било посетувано од поп. Тогаш, таму постоела и црква посветена на Вознесението Христово. Таа се наоѓала над денешниот воен дом, бидејќи најдени се и нејзините темели. По паѓањето на Македонија под турско ропство, покрај другите цркви и манастири и овој храм бил срушен. Разурнатата црква била користена од Турците како кула за набљудување на околните места. И по Втората светска војна народната милиција по потреба го користела местото за набљудување.
По Втората светска војна урбанистите од швајцарската фирма „Акау“ работејќи ја програмата за развој на Попова Шапка предвиделе и изградба на црква. Потоа иницијативата безрезервно ја поддржале група граѓани од Тетово, а и од иселениците во прекуокеанските држави, на кои идејата им била презентирана. Идејата била сесрдно прифатена и од Македонската православна црква, особено од надлежниот епархиски архијереј митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил.
Сепак, оваа идеја не била прифатена од страна на Мешихатот на Исламската верска заедница, како и некои албански партии и нивни пратеници во Собранието.
Во 1992 година во просториите на соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, бил создаден иницијативен одбор за изградба на црквата и целиот манастирски комплекс. Тогаш се донела одлука за возобновување на манастирот „Св. Богородица“ на Шар Планина и преименување во манастирски комплекс „Свети Наум Охридски-Чудотворец“, во чест на еден од најголемите македонски светители. На 3 јули 1992 година бил осветен камен-темелникот, со што и официјално се отпочнало со изградбата на манастирската црква, а воедно и поставен камен-темелник за изградба на новите конаци и камбанаријата, а на 3 јули 1995 година црквата била осветена заедно со влезните врати на овој манастирски комплекс.
Најнови контроверзи околу црквата настанале во 2023 година, кога на 16 ноември 2023 година во близина на црквата бил подигнат крст, но Општина Тетово донела решение за негово уривање. Црковниот одбор тврдел дека крстот бил поставен на црковен имот и дека се работи за урбана опрема.
Настани од 2001
За време на воениот конфликт во Македонија во 2001, црквата била поштедена од оштетувања и грабежи. Сепак, во 2010 година, црквата била ограбена.
Архитектура
Црквата има димензии 50 m2 во основа. Таа зазема централно место во комплексот, на надморска височина од 1.730 метри што ја вбројува меѓу неколкуте цркви на најголема надморска височина на Балканот. Посебно е внимавано црквата да ги задоволи сите барања за нејзината намена и за целосна вклопеност во пејзажот на планината, остварено и преку обликување на фасадата од необработен камен ваден од самата месност. Со тоа на визуелен и симболичен начин е подвлечена одомаќеноста, древноста и цврстината на Македонската православна црква на овие простори. Проектот на црквата е изработен од архитектот Богосав Божиновски.
Фрескоживопис
Фрескоживописот на црквата е изведен од страна на академскиот сликар Никола Цонев од Скопје.
Икони и иконостас
Никола Цонев исто така ги изработил и иконите што се поставени на иконостасот. Некои икони се дело на Сашо Панов.
Галерија
Поврзано Тетовско архијерејско намесништво Прва тетовска парохија Попова Шапка
Наводи
Надворешни врски
Манастир Свети Наум Охридски - Чудотворец Попова Шапка
Попова Шапка Категорија:Македонската архитектура во 1995 година Категорија:Поповошапски манастир