мини|Споменик на Никола Мартиноски на Мостот на уметноста Никола Мартиноски (Крушево, 18 август 1903 - Скопје, 7 февруари 1973) — истакнат македонски уметник и академик и една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век.Кратка биографија на Никола Мартиноски — „Грал“ Роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).

По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тежнеења карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, установи кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во збирките на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни збирки во земјата и во странство.

Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 година во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.

Животопис

Ран живот мини|Родната куќа на Мартиноски во Крушево мини|Галерија „Никола Мартиноски“ во Крушево Никола Мартиноски е роден на 18 август 1903 година во Крушево, како Николаче Мартин - едно од четирите деца на угледното и богато Влашко семејство на Коста и Анушка Мартин.Paul Beza (2013). Destination Avdela 2012, Or Back to the Future a Travelogue. Fast-Print Publishing. p. 37. ISBN 978-1-78035-628-0. Сè до 1930, неговото презиме е Мартин или Мартини. Тоа е периодот на Илинденското востание, кое останало запаметено како херојска и нееднаква борба на Македонците против петвековното ропство наметнато од страна на Отоманското Царство.

Во 1906 година семејството Мартин се преселило во Скопје. Градот бил мало турско покраинско гратче во кое, сепак, постоеле знаци на економски, политички и културен живот. Никола Мартиноски го започнал своето образование во романското основно училиште во Скопје (1910), а во средното српско училиште во Скопје (од 1918 до 1920 година) почнал да покажува интерес кон цртањето. Во 1919 година, заедно со Томо Владимирски, работел во ателјето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки и тука Мартиноски и Владимирски како помошници усвоиле некои знаења од иконописот и сликарството.

Иако по смртта на Коста Мартин во 1919 финансиската состојба на семејството не била добра, Никола Мартиноски успеал да го продолжи своето образование во Букурешт па така од 1920 до 1927 година тој ја посетувал Школата за убави уметности. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање, кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу, и скулптура кај професор Димитрие Пачуреа. На крајот од школувањето Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство. Во Букурешт, Мартиноски го следел и тамошниот богат културен живот.

Предвоен период мини|лево|Класата на Камил Ресу на Школата за убави уметности во Букурешт во 1927 година. Во средината Камил Ресу, Никола Мартиноски десно, позади Ресу По студиите, тој за кратко останал во Скопје, каде веднаш зел учество во уметничкиот живот на градот, кој до 1927 година бил сосема неразвиен. Таа година Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба.

Престојот во Париз, од 1927 до крајот на 1928 година, е најважниот момент и пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски. Таму тој ги посетувал познатите академии Гранд Шомјер и Рансон. Негови професори биле Роже Бисјер, М. Кислинг и Амаде де ла Пателер.

Мартиноски се вратил во Скопје на крајот од 1928 година. Политичката, општествената и културната состојба во Македонија, во рамките на Кралството Југославија во тоа време била многу лоша. Назадувањето на економскиот и општествениот живот во Македонија (поради големата светска економска криза и кралскиот диктаторски режим, воведен на 6 јануари 1929), имало особено негативно влијание врз културата и уметноста. Сепак, од политички причини, српските власти, кои се обидувале да го денационализираат македонскиот народ, дозволиле одделни научни и културни активности во Скопје кое во тоа време било главен град на административната единица Вардарска Бановина. Тука во триесеттите години, се одржувале групни и самостојни изложби главно на македонски уметници, но имало и гости од другите делови на кралството. Мартиноски имал неколку самостојни изложби во Скопје, а треба да се спомене дека освен првата (1929), сите други (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото Друштво на пријателите на уметноста „Јефимија”. Освен во Скопје, Мартиноски самостојно изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун или Рим) како член на белградската група „Облик”. Пред Втората светска војна, Мартиноски сликал, цртал, работел на илустрации за книги, а посебно се интересни неколкуте негови ѕидни декорации кои ги изработил во триесеттите години. Една сезона (1939 - 1940) бил и хонорарен сценограф во Скопскиот театар.

Напишал неколку написи за уметничкиот живот во Скопје и редовно се дружел со исклучителни личности од тогашниот културен живот кои со голем интерес го следеле неговото творештво.

За време на Втората светска војна, под германската и бугарската фашистичка окупација (1941-1944), првите две години Мартиноски живеел во Скопје. Тогаш не создавал многу, бил невработен и ја почувствувал бугарската политика на тотално духовно и национално угнетување на Македонците. Во 1942 година, Мартиноски имал самостојна изложба во Скопје, а зел учество и на неколку групни изложби. По 1943 година, тој се повлекол во своето родно Крушево. Веднаш по ослободувањето на градот, се вклучил во различни културни и пропагандни активности за потребите на Генералштабот на НОВ и бил испратен во Прилеп.

Повоен период По ослободувањето на Скопје (13 ноември 1944), Мартиноски се вратил и го основал денешното Училиште за применета уметност и бил негов прв директор сè до 1949 година, кога станал директор на новооснованата Уметничка галерија – Скопје (денес Национална галерија на Македонија). Во 1945 година, Мартиноски се оженил и имал 2 сина. Двапати бил избран за народен пратеник во федералното собрание на Југославија, а неколкупати бил претседател на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). Неговите дела биле изложени и на првите повоени изложби во Југославија и странство.

Во педесеттите години тој имал повеќе самостојни изложби на цртежи и слики во земјата и странство. Мартиноски често патувал и бил во допир со најновите тенденции во светската современа уметност. Во шеесеттите имал неколку самостојни изложби во Скопје и Белград, а учествувал и на неколку групни изложби во Југославија и странство, вклучувајќи ја и големата изложба на југословенска уметност „Од праисторијата до модерната” во Париз, во 1971 година.

Сè до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија - Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Добил Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, беше основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. Мартиноски бил близок со најистакнатите личности од научната, политичката и уметничката сфера. Имал многу почитувачи и колекционери во Македонија, поранешна Југославија и во странство. Бил креативно активен, сè до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.

Творештво Почетоци мини|десно|Пејзаж, се датира во 1919 година, во време кога Мартиноски сè уште бил дел од работилницата на Димитар Папрадишки.

Скопје, 1920

Никола Мартиноски покажал интерес за цртањето уште за време на неговите први училишни години во Скопје. Научил многу во работилницата на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки, а до 1920 година Мартиноски ги создал своите почетнички дела, главно со мотиви позајмени од разгледници во боја.

Букурешт (1920 - 1927)

Во Школата за ликовни уметности во Букурешт, Мартиноски се здобил со целосно професионално образование. Се запознал со романската уметност од тоа време која меѓу другото била и под влијание на извесни склоности кон експресионизмот. Во овие школски години Мартиноски создал неколку дела кои се важни за неговиот развој како уметник. Започнал со разубавени портрети, а завршил со ликови направени со усогласени ликовни експресии како на пример „Портрет на романски Циганин” или „Глава на дете”. За сликата „Женски акт”, работена под влијание на Камил Ресу, Мартиноски ја добил првата награда за сликарство на самиот крај на неговите студии. Ова дело се одликува со сигурен и цврст цртеж и продлабочени, благо степенувани темноокерни бои.

Париз (1927 - 1928)

Престојот на Мартиноски во Париз е од особено значење за развојот на неговото творештво. Во тоа време таму биле оформени низа модерни уметнички правци. Како посебно влијателна се издвојува група на уметници со еврејско потекло кои во Париз емигрирале по Првата светска војна, а ние денес ги препознаваме под поимот Париска школа. Во така комплексна креативна средина, Мартиноски покажал особен интерес за сликањето на Модиљани, Сутин, Кислинг и Паскен. Се запознал и со францускиот, германскиот и фламанскиот експресионизам, со уметноста на А. Дерен и Пабло Пикасо. Нивното влијание е очигледно во неговиот „париски период” и неколку години потоа, што е од несомнена важност за развојот на сето современо македонско сликарство. Со два пејзажи кои денес не се познати, Мартиноски зел учество на изложбата на југословенските уметници во Париз во 1928 година. Тука тој користејќи ги новоздобиените сознанија и под влијание на париските примери создал и други слики: „Глава на жена”, „Женски акт со шапка”, „Дама со мачка” и „Шахисти” и др.

Прв скопски период thumb|mini|right|Сликата „Невеста“ (1937) мини|десно|„Берба“ (Музеј во Смедерево)

Од 1929 до 1944 година Мартиноски доживеал мошне сложен и хетероген творечки развој. Патот од специфичните форми на експресионистичко изразување, испреплетените искуства стекнати во Париз, па сè до изградбата на творештво чии реалистички стилски белези се означени со многу елементи на социјалната уметност бил доста сложен и поминал низ неколку карактеристични фази, кои мошне логично и континуирано се вградуваат една во друга.

Експресионистичка фаза (1929-1932)

Овој период е важна етапа за целата идна уметничка кариера на Мартиноски. Неговата улога на македонската сцена е заснована на уметниковото стремење кон современите текови и обидот да ги надмине ограничувањата наметнати од времето и средината во која живеел. Првата самостојна изложба на Мартиноски била одржана во февруари 1929 година. Меѓу другите, тој ги изложил сликите во масло: „Мртва природа”, „Седната Циганка”, „На пазар”, „Берачки на јаболка 1” и „Берачки на јаболка 2”. Во нив уметникот ги прифатил импресионизмот, кубизмот и експресионизмот, се стремел кон геометриско упростување и декоративност, со прилично студено нивелирани бои.